Уметноста постои за да не умреме од вистината

Штипка за затнување уста, антидепресивни навлаки за телевизор, повеќенаменски костум, кој се претвора во тренерка за ноќни турбофолк-забави, клетвеник со список клетви за разни пригоди и ред други „изуми“ се дел од изложбата „Изуми за вас прекрасни луѓе“ на Ѓорѓе Јовановиќ, отворена во „Мала станица“. Ова е еден од ретките ликовни настани на чие отворање публиката громогласно се смееше испробувајќи ја функционалноста на изложените предмети. Преку генијалноста на иновациите, зачинети со монтипајтоновски хумор, уметникот ја коментира површната, насилничка, турбофолкерска реалност што ја живееме, како и некритички увезениот консумеризам. Преиспитувањето на меѓучовечките односи, односот човек – општество, како и на консумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, се неговата главна тематска преокупација.
Јовановиќ (1980 г.) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирал повеќе самостојни изложби и перформанси во Македонија и во странство, а добитник е на неколку ликовни награди, меѓу кои и наградата „Денес“.

 

 Начинот на кој ги презентирате артефактите е една саркастична верзија на топшоп-продуктите. Дали очекувавте толку непосредна и силна повратна реакција од публиката?

 

Претпоставувам дека искрената и непосредна реакција е поради тоа што посетителите ги препознаваа работите и ситуациите што сите заедно ги преживуваме секој ден, a уметноста постои за да не умреме од вистината.
Намерата ми беше делата да комуницираат на непосреден начин, па затоа искористив форма што е препознатлива за сите. Предметите се придружени со текстови и фотографии, кои, всушност, личат на реклами што ја заокружуваат приказната за секој од нив. Сите овие изуми се едноставни и веднаш применливи. Некои од нив публиката ги испроба на отворањето, како на пример, „Антидепресивните навлаки за телевизор“ на кои е аплицирана играта „Х/О“. Им се допадна и „Клетвеникот“ – книга со избор од шеесетина клетви за различни пригоди. Клетвеникот веројатно се врзува длабоко со нашата култура и бит. Тоа е и обид на еден хумористичен начин да се проговори за ослободувачкиот карактер што клетвите го имаат во себе.

 

Големо внимание предизвика и повеќенаменскиот костум, кој се претвора во тренерка за ноќни турбофолк-забави. Како го доживувате камелеонството, со кое постојано се препокриваат неукоста, површноста, лажниот професионализам? 

 

Па веројатно тој костум говори доста за времето во кое живееме. Тоа е сликата на севкупното општество на поместени вредности. Страшно и запрепастувачко е сознанието дека младите повеќе знаат за Аца Лукас а не знаат кој е Диме Поповски Знаат што Сулејман му кажа Мустафа во последната епизода на Величенствениот , но не знаат за ”Петко, јас не сакам да бидам пеперутка со подгорени крилја!” Знаат за Трајче Трајевски но не и за Петре Прличко 

 

Публиката на отворањето на изложбата од срце се смееше. Можеби во мрачни времиња една од мисиите на уметноста е и да нѐ насмее?! 

 

Хуморот е секогаш тука да ни ги „ублажи“ или, пак, да ни ги „сервира“ нештата на начин што е поподнослив за нашиот стомак и нерви. Тој овозможува здрава дистанца, но е и алатка со која прецизно можеме да ги детектираме и коментираме појавите, маните, бруталноста, отуѓеноста и омразата на времето во кое живееме. Секогаш постојат многу начини преку кои можеме да говориме за работите, а ова е мојот.

 

Како во своите дела ја балансиравте димензијата изум – иновација со димензијата – уметничка критика?

 

Се трудев да размислувам за сите оние работи што нѐ разделуваат, нѐ оддалечуваат едни од други, но исто така и за други сегменти на нашиот живот. Што се однесува до балансот, тоа беше посебен предизвик, и порано сум правел комбинација на медиуми, но овој пат се трудев интегрално да ги поврзам неколкуте мои интереси како што се скулптурата и дизајнот, видеото, фотографијата и перформансот во комбинација со мојата преокупација како автор, а тоа се интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек.

 

Траумите на транзицијата низ кои поминаа неколку генерации се лајтмотив речиси во сите ваши уметнички проекти…

 

Природно е да размислувате и да го портретирате времето во кое живеете. Транзицијата е еден мошне турбулентен период, кој на различни нивоа ме потсетува на ситуација на бојно поле. Оттаму, уметниците на ова време се еден вид воени репортери или фотографи. Во секој случај, фасцинантно е да се биде сведок на такви крупни општествени промени што ги претставуваат двете страни од паричката. Мојата генерација ја имаше таа среќа или несреќа да биде сведок на крупни општествени и политички промени и да сведочи за животот и во социјализмот и во плурализмот. Во движење можевме да учиме и да ги согледуваме работите, промената на вредностите и животните начела.

 

Ликовната сцена ни е сѐ посиромашна со нови и свежи идеи. Зошто е тоа така?  

 

Мислам дека ова осиромашување не е само на локално туку и на глобално ниво. Сведоци сме на сѐ побрзиот начин на живот, површноста, сѐ пореткото читање книги, гледање филмови, театар. Ги забораваме значајните автори и сето она што како порака ни го оставиле. Не комуницираме доволно со сопственото, но и со светското културно наследство. Порано со моите пријатели најубавото и најголемо задоволство ни беше играта „Прекрасни трупови“ (надреалистичка игра со цртање и пишување), денес гледам дека самосликот е врв на креативен чин.
Неодамна еден мој драг пријател, историчар на уметност, ми раскажуваше за времињата кога до доцна во ноќта ги гледале филмовите на Џарман, Вендерс, Гринавеј во киното на Музејот на современата уметност. Ги менувале филмските ленти и жолчно дискутирале за монтажата, кадрирањето, сценографијата.
Звучи како приказна од некоја друга планета? 

Leave a Reply

Your email address will not be published.