Уметност со кафе – Драган Божинов

– Веќе подолго време размислував за нешто што не е секојдневно, по кое ќе се разликувам од другите. Имав неколку идеи што сакав да ги реализирам, но едно утро, пиејќи го првото утринско кафе, случајно ми се истури врз хартијата на која сликам. Се оформи портрет, а јас изненаден од тоа решив да пробам како би било доколку насликам нешто. Пробував повеќепати. Првата слика ми беше неуспешна, бидејќи кафето се сушеше на хартијата и веднаш се ронеше и паѓаше од неа – објаснува Божинов.

– За кафето да остане на хартијата употребувам материјали што го зацврстуваат. Смесата стои 24 часа, потоа се остава да се суши и потоа е подготвена за сликање. Најчесто сликам портрети на мои познаници и имагинарни ликови. Ми требаше целосно да се посветам на тоа, за да испадне така како што го замислив – вели уметникот.

Според него, за да се создаде една слика од кафе, потребно е само тоа – лист хартија, кафе и желба за сликање.

– Трошам релативно многу кафе, но сѐ зависи и од делото – додава Божинов.

Тој со сликање се занимава од мали нозе. Освен со кафе, своите дела ги создава и со други стандардни техники, а три негови слики минатата година во јули беа дел од меѓународната изложба во Њујорк.

– Уште како дете си играв со четки, бои и со моливи. Но техниката кафе почнав да ја применувам неодамна. Досега имам изработено дваесетина дела. Најмногу инспирација црпам од музиката.
Најтешкиот дел од изработката е првиот слој од кафето, односно нанесувањето на првата подлога. Таа е всушност и најважниот дел во сликата – објаснува Божинов.

Божинов е студент на отсекот Дизајн и мултимедија на универзитетот ФОН. Моментално работи на реализација на својата прва самостојна изложба во Скопје, но прави напори да ги презентира своите дела и во Струмица, Кавадарци, а преговара и за претставување надвор од Македонија.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.