ТВ-патриоти храбри, со спуштени глави

Веќе десетина дена, почитувани читатели, власта на телевизија почна да ни ги покажува структурите во општеството кои е спремна да ги активира, чија крв е спремна да ја лее, топовското месо што сака да го изнесе на улица за „да ја брани државата“. Токму сега, кога власта (ќе) го спроведува последниот, најбруталниот удар за нејзино урнисување.

Телевизиите што отворено му слугуваат на авторитарниот режим, не известуваат за протестите на студентите, за нивната решителност што ја покажуваат преку „окупацијата“, т.е ослободувањето на Филозофскиот факултет. Не известија ниту за катастрофалните грешки што ги направија надлежните во здравството во случајот со малата Тамара, која изгуби живот поради игнорантскиот однос на властодршците, иако претходно ја користеа за да си направат реклама и да покажат дека се грижат за здравјето на најранливите. Нема ниту вест за тоа дека денес хонорарците организираат протест. Секој глас на критика на граѓаните е игнориран, секоја информација што не им годи на големите уши на неколкумина што ни го узурпираат животот и општеството е цензурирана.

Но, затоа, нè бомбардираат со вестите за активирање разноразни структури кои, „ничим изазвани“, ете тргнале да ја „бранат“ Македонија, од „странските служби“, и секако, од „домашните предавници“. Од моторџиите на Путиновиот другар Ленин и бранителите – кои се на екран за да заплашат и да покажат кој би ги водел „митинзите на вистината“ и толпите за линч како во времето на Милошевиќ. Преку оние што ги повикуваа по СМС на „спонтани протести“ пред Бихаќка по избивањето на аферата со прислушувањето. Па сè до пензионерите, квазинаучниците, глумците, пејачите и писателите, кои во приказната се присутни за да остават впечаток дека народот и интелигенцијата се со диктаторот и, секако, за да остават „експертско-уметнички дојам“.

Го слушнав на телевизија и истакнатиот режисер и поранешен претседател на Собранието, Љубиша Георгиевски, како им објаснува на насобраните дека историјата се повторува, демек еднаш како трагедија, другпат како фарса. Каква себедеградација, каква фројдовска грешка – да ги обвиниш другите за она што ти во моментот го правиш. Секако, не треба да се плашиме од овој евтин театар. Им го знаеме и капацитетот, а богами и храброста на многумина од овие што ни дефилираат на екраните. Демек храбри, а со спуштени глави. Нивната сила не лежи во самите нив, туку во фактот дека зад грб ги имаат властодршците, нивните партиски паравојски, безбедносните структури, разноразните агенции за „обезбедување“, тепачите и насилниците. Овие се главната пречка за заминување на диктатурата, тоа се структурите што го држат во заложништво и страв целото општество. Не само оние што се против режимот, туку и тие што се со него.

Но, за да се одигра докрај ова „танго“, освен политичкиот противник, потребен е и етничкиот противник. Затоа, медиумските слуги на власта веќе почнаа да чепкаат во меѓуетничките односи. Повторно се најавува „наезда“ на Косовците. Додека цел свет зборува за масовната економска емиграција од Косово кон ЕУ, само гавазите на режимот сметаат дека тие ќе дојдат да ја окупираат ептен богатата Македонија. Тоа се истите оние медиумски структури што им ги полнеа главите на граѓаните со идиотските прикаски за „150.000 државјанства за Косовците дадени во времето на Бранко“, истите тие што во 1999 тврдеа дека Албанците-бегалци од Косово ќе ни останат во Македонија. А чинам дека и нивните коалициски браќа, кои сега мудро молчат и „ја следат ситуацијата“, на терен веќе работат за ова „танго“ повторно да се заигра – со традиционалните рецепти како тепачки по улици, во автобуси и училишта, во кои ќе страдаат невините, а не насилниците од двете страни.

Е, во таква манџа сака да нè втурне власта. Да предизвика конфликт, судир меѓу граѓаните, не само на политичка туку и на етничка и верска основа. Запалката веќе гори, бензинот е тука. Но, овој пат, чинам дека граѓаните се далеку посвесни и нема да ја голтаат оваа смрдена и по стопати подгреана чорба. Таа игра не смееме никако да ја прифатиме, туку да ја исмееме.

Кога ќе дојдат клучните моменти, во оној момент кога ќе почнат најмногу да се силат и да гракаат, ќе треба да им излеземе масовно на улица, ама не две или три илјади, мора да нè има далеку повеќе, за да им покажеме и на дело дека граѓаните на Македонија не им го прифаќаат овој грд танц. Затоа што и нè има далеку повеќе од оние што би пуштиле и крв, само за да си ја спасат кожичката и останат на власт. Ќе мора да нè има, оти може да нè снема. А потоа, ќе заиграме еден друг танц, танцот на слободата.

Извор СЛОБОДЕНПЕЧАТ

Leave a Reply

Your email address will not be published.