Тужби за градоначалниците кои ќе го попречат генералниот штрајк на СОНК

Ова се однесува на вработените во училиштата, градинките и културните институции, пренесува Телма.

Жестоките притисоци кои локалните власти ги вршат врз нашите членови нема да не предомислат во намерата на 20 јануари да започнеме со штрајкот, порача претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
– Таканаречените „читачи” кои секојдневно ги гледаме, во името на нашите членови излегуваат и кажуваат лаги и невистини. Имаме и докази дека тие „читачи” се инструирани од некои политички гарнитури. Некои „читачи” се наши членови, но некои не се дури ни наши членови.

Денеска и скопските градоначалници заедно на прес конференција објавија дека во главниот град нема да има штрајк. Тврдат дека ваква информација им била пренесена од директорите на сите училишта, градинки и културни институции во Скопје.
– Ниту во едно училиште, ниту во една градинка или културна инстиитуција немало пријавено штрајк. Затоа сакаме да ги информираме учениците и родителите во вторник на 20 јануари да дојдат во училиште затоа што наставата нормално ќе се одвива, изјави градоналачникот на Скопје, Коце Трајановски.
– Не може работодавачите да кажат дека работниците нема да штрајкуваат. Тоа ако го кажуваат, а го кажуваат, сведоци сме на тоа последнните денови, е грубо мешање во работата на синдикатот и кршење на законот за работни односи во делот на организирање на работниците и на уставно загарантираното право на штрајк, одговори Неделков на пресот на скопските градоначалници.

На денешната координација не беше присутен единствено градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски. Од општина Центар соопштуваат дека Жерновски воопшто не бил информиран за одржувањето координативен состанок помеѓу скопските градоначалници, што според нив е доказ дека станува збор за средба со партиско-политичка позадина. Во соопштението се вели: „Градоначалникот Жерновски и општина Центар остануваат доследни на принципот на немешање на политиката во образованието и затоа на наставниците им е оставено сами да одлучат дали ќе го поддржат штрајкот на СОНК.

Извор ТЕЛМА

Leave a Reply

Your email address will not be published.