Тутунарите незадоволни од откупната цена, интервенција на министерот Димовски
Откупот на тутунот почна со огромно незадоволство од страна на тутунопроизводителите поради ниската откупна цена која им ја нудат откупувачите.
До редакцијата на Бриф стигнаа фотографии од средбата на Министерот Љупчо Димовски со тутунари од општина Конче Според кажувањето на еден учесниците, кога започнал откупот на тутунот на три откупни пунктови, откупувачите им го ценеле тутунот во многу ниски класи.
Револтирани земјоделците се упатиле кон општината каде од градоначалникот Благоја Јованов побарале да се стопира откупот и да го повика министерот да дојде и да ја види состојбата во која се наоѓаат. Никој од нас не сака да го дава тутунот, ова е кражба од страна на монополите. Тутунот е со подобар квалитет од лани ама ни даваат ниски класи, се жалеле тутунопроизводителите.
За неколку часа во Конче пристигнал Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, директорот на Државниот земјоделски инспекторат Румен Стаменов и претставник од Сојузот на тутунарски здруженија.
Тие присуствувале и на проценка на второстепената комисија која никако не сакала да попушти за да го цени тутунот во повисока класа.
Тутунарите кажуваат дека на трите спорни бали напишале „министер“ како знак дека тој лично реагирал. Средбата завршила со ветување на министерот за земјоделство дека владата ќе се погрижи тутунарите да имаат правилна проценка на тутунот.