Туризмот како страдање од масовни размери

Туризмот е тешка социјална, демографска и сообраќајна, воопшто хуманитарна катастрофа. Милиони Европејци секое лето доживуваат нехумано селење во правец на Средоземјето. Хедонистичката природа на туризмот е само привид. Тоа не е задоволство, одмор, пријатно запознавање на непознати предели, разгледување на знаменитости или рекреативен допир со сонцето, морето или ладовината. Се работи за страдање од континентални, масовни размери.

Долго седење и чекање во прегреаните автомобили на наплатните постојки. (Фала му на бога, гранични контроли повеќе нема). Во автомобилот пренатрупан со неискажливо непотребни нешта седи нервозното семејство, полудено од топлото и жедните еуфорични деца, додека заемните обвинувања од типот – „ти реков“, се закануваат дека ќе се преобразат во чиста омраза. Зошто? Заради она малку море, заради оние десет дена стрес кои ќе траат во магичниот круг на плажата, неудобното сместување, средната или сиромашна исхрана, пешачењето, преморот, неоснованата гужва, и воопшто, физичките и психолошките искушенија. Вреди ли за сево ова тој труд?

Автомобилот е уште и добар. Гарантира одредена автономија и слобода на донесување одлуки. Авион? Тоа се бесконечните чекања на аеродромите, понижувачките антитерористички процедури, забранетото пушење и зависноста од превозот до крајната одредница. Возови? Во Франција и Италија дури се удобни и брзи. Постојат ли во Хрватска сè уште железници?

Автобусот е секако најстрашен, но, како што вели поговорката, не е тежок затворот, тешки се затворениците. Секогаш ќе се најде некој кој на сред автобус ќе посегне по расипан сендвич, гнила банана или растопен сладолед, во потполна отсутност на секаква бактериолошка, токсиколошка и социјална култура. Сепак, малку е подобро од времето кога клима уредите беа реткост, а во секој автобус се наоѓаше барем еден кој смета дека провевот е смртоносен. Таа теорија ја застапува со таква сугестивност, страст и паника што заради него сите го трпат оној страв во кој, Крлежа беше во право – е навистина топло.

Ако човек ги разгледа испиените лица и празните, изгубени погледи на смртно поспаните несреќници кои дремат со својот претежок багаж, за момент ми се чини дека не се наоѓам на автобуска станица или на траектно пристаниште, туку во некакво прифатилиште на Високиот комитет за бегалци. За впечатокот на сеопшта катаклизма придонесуваат и фанатиците на авто-стоп вооружени со ранци и вреќи за спиење. Нивната упорност, издржливост, незаинтересираност за жед, глад и туширање, како и перверзниот недостаток на смисла за комодитет, предизвикуваат страв.

Посебен вид се камперите. Тие имаат очајничка потреба на секој начин да го подражаваат она исто секојдневие од кое наводно се одмораат, па, како во „Сурогат“ на Вукотиќ, влечкаат на море кујни, телевизори, фрижидери, садови и останата инфраструктура (дури и вазни, цвеќиња и столови) за да се чувствуваат како дома, како суштината на одморот да не е во тоа да човек се чувствува поинаку, туку подобро отколку дома.

Кога колоната на маченици конечно ќе стигне на море, освен вообичаените здравствени ризици, како што се сончаницата, дехидрацијата, труењето со храна и морските ежови, ги чека несреден пристап до морето, со лизгави стрмнини, остри карпи и слични смртоносни работи. Од непознати причини, поголемиот број од хрватските туристи и жителите на Приморјето и Далмација, презираат песочни (од неодамна и бетонски) плажи, па трагаат по најнеудобните места за капење, како ранувањето на стапалата и сличните голооточки иницијации да се доказ на машкоста или на поетскиот сензибилитет. Фрањо Туѓман беше еден од ретките кои сфатија дека станува збор за непотребно страдање кога во онаа монографија ги промовираше белите гумени папучи за бањање, познатите „туѓмановки“. На таа, единствена негова историска заслуга, ѝ се заканува заборав.

Зошто туризмот е битен и интересен? Туризмот е очигледен доказ дека мнозинството е спремно да поднесе страшни страдања, напор и неудобност заради сомнителна цел и дека нема чувство на рамнотежа помеѓу вложенот труд, од една, и користа и добивката, од друга страна. На тоа не почива хрватската економија, туку и сите политички поредоци, и воопшто, оваа наша необична цивилизација.

извор: Окно.Мк

Leave a Reply

Your email address will not be published.