ТОДОРОВ НА ЧИНГЕЛ!!!

пишува Кире Бебеџаков

Дека малечката Тамара конечно го најде својот мир, тоа е само блед изговор на едно искилавено општество кое претрпело институционален пораз.

Институциите на системот потфрлија , уште еден шамар во низата на пропусти. Државата и нејзиното уредување комплетно се изместени од тежа, излезени од колосек. Некогашната демократската ни држава, Република Македонија, еволуира во држава со партиско уредување. Во неа, сите сносат одговорност освен одговорните лица. Тие се имуни. Секогаш виновен е обичниот граѓанин. Последиците и гомнариите од катастрофалната состојба во македонското здравство уште еднаш испливаа на површина. Овојпат, последиците се фатални, чинат млад живот.

Министерството за Здравство после овој немил настан може слободно да си стави катанец на влезната врата и сите да си заминат на долгогодишен колективен одмор. Заедно со колегите од Фондот за здравство. Пошто, а со нив а без нив, работите не се мрднуваат од место. Напротив, одат наназад и во бестрага.

Кога се случуваат аматерски лакрдии и непрофесионални административни трагични пропусти од ваков тип во едно демократско општество (кон какво се стремиме) нормално е дека некој треба да си превземе одредена одговорност на своите плеќи. Тоа обично го прави највисокиот чиновник на таа некоја си пирамида на хиерархијата во општеството, во случајов министерот Тодоров. А тој пак, неговата наивност, непрофесионалност и неодговорност ги компензира со саркастична насмевка и лажна свест. Се било во ред, ги имале тие нештата под контрола. Не бре човеку, немаш апсолутно ништо под контрола. Работите ти се одамна заминати низбрдо.

Недоразбирањата и преписките, како и “играњето” на “расипан телефон” помеѓу македонските институции е долгогодишен проблем чиј трагичен цех секогаш го плаќаат граѓаните. Нејаснотиите и нефункционирањето на државните служби како и “непрочистените” информации додека да поминат од едната на другата страна од улицата (нема потреба подалеку),ја симболизира само непрофесионалноста и незаинтересираноста во работата на државните органи.

Во месец ноември минатата година, поточно на 21 ноември 2014, министерот Тодоров даде една надежна изјава (за семејството), во која вели дека сите трошоци за операцијата на Тамара одат на сметка на министерството за здравство како и фондот за здравство на Република Македонија. Она што излезе од неговата уста, јавноста и го обврза. Требаше што поскоро да се интервенира и девојчето да се испрати на операција во Турција. Но, и покрај договореното и јавно кажаното, поминаа скоро три месеци оттогаш и никој од надлежните не превзема конкретни чекори за да се спрече оваа трагедија. Што по ѓаволите се чекало толку време?

Е сега, граѓаните осудуваат. Е имаат право за тоа. Имаат право да судат и имаат право да мразат. Впрочем во природата на човекот е да се мрази, но овде станува збор веќе за гнев кај граѓаните. Гневот ја преовладува омразата. Концентрираниот гнев и горчина кој од поодамна го апсорбираат граѓаните знае да ја прелие и највдлабоката чаша. Е ова е гнев, вистински, онака од срце. Она на Љутков беше само штитење на сопствениот газ. Али у друга прилика за него.

И сега што се случува. Замислете, во целата оваа трагедија од настан, според изјавите на (не)одговорните лица, (што од фондот за здравство што од министерството за здравство), сума сумирано впечатокот од изјавите на килавите ни одговорни вели дека за смртта на малото девојче, одговорноста оди на родителите. Хмммм, мајката!

Но, едно прашање ме мачи (а верувам и многумина) и се обидувам да си објаснам себеси и најдам соодветен одговор. Доколку чедото на министерот Тодоров беше во ваква ситуација, дали ќе се интервенираше навреме и ќе се обезбедеа предвремени безбедносни и лекарски потфати само да не дојде до најнепосакуваното? А? Дали?

Ако се има трошка свест, разум, морал и одговорност, Тодоров требаше досега во трчечки чекор да си даде неотповиклива оставка, да спакува куфер и да фати магла од политичката сцена. И не тој, ами обвинителот да спроведе истрага за случајот. Нормално, треба ад функционира и судството. Тодоров под итно треба да ја напушти политичката сцена и да нема три илјада години никакви допирни точки со неа. Нужно е, неговото име со големи букви да биде испишано на ѕидот на срамот, да се стави на тапет, да се закачи на чингел. Да се знае, пример за лош министер од едно лошо друштво метастазирано во сите државни сектори. Ете тоа е најмалку што може да се направи со овој лик.

Продолжуваат манипулациите и излишните пропаганди околу зголемување на наталитетот кај грѓаните од Република Македонија.Но после овој немил настан се покажа само дека сите медиумски пропаганди се само средство за перење на државни пари и ништо повеќе. Најмалку им е гајле на надлежните за нивните граѓани и идните поколенија. Фамилија, семејство, семејни вредности, трето дете…Овие зборови кажани од недоветни ликови ја изгубија својата вистинска смисла на значење. Ефтини пропаганди за граѓаните, а скапи за плаќање од нивните џебови. Сето тоа е серва во еден правец.

Продолжува сагата на македонецот. Продолжува и богатењето и криминалот на една рака свињи бироктратски кои како голтари дојдоа на власт, исполегнаа на државничките функции и единствено за што им е грижа е како да го наполнат што повеќе сопствениот џеб.

Еден парадоксален реален пример. Пратеничката Бонева го “изедила” државниот буџет за несвојствени 30.000 евра за ставка патни трошоци. Ете, толку чинеше и операцијата за малата Тамара. Доколку се интервенираше на време.

Leave a Reply

Your email address will not be published.