Телото на желбата е слика

Овој цитат на Џорџо Агамбен го прилагодувам на темата: демократијата како желба наместо владеењето на мнозинството – како стварност. Како е можно некој кој победил на избори трипати (Ердоган), двапати (Орбан) или трипати (Груевски) – да го убедите дека тоа што го практикува не е сè уште демократија туку гола мајоризација на изборното мнозинство, кое, всушност одозгора е само релативното мнозинство добиено преку избирачките правила. Дека тоа е насилно како и секое друго владеење преку голо наметнување и дека изборната победа не ве овластува на власт без граници! Дека всушност владеете во мажоритарна, а не демократска земја. На авторитарните владетели тоа не може да им стане јасно. Всушност, и да им е, тие прават сè таа разлика да исчезне од топосите на критичката свест во државите кои владеат.

Ми недостасуваше еден детал од конструкцијата која ќе ви ја опишам, драги мои, а кој го доразбрав по белосвесткиве конференции (ќе чуеш нешто паметно секогаш, ако знаеш каде да бараш и каде таа информација да ја вклопиш). Имено ми недостасуваше елементот на арбитрарниот полит-митолошки скок во историјата во случајот на Орбан во Унгарија. Него го добив како информација и анализа од една унгарска докторантка по историја. Имено, идеолошкиот елемент на современите авторитаризми има секогаш историски омаж: историјата е пречитана, одсечена на парчиња и одлучено е кое од нив и на каков начин ќе биде користено во полза на политичкиот имиџ на владејачката гарнитура. Проектирана е нова ултимативна фантазија, која редовно е во дисконтинуитет со сè претходно, и која во име на историската слава на земјата, се поврзува на некој мистичен херојски начин токму со диктаторите од сегашниов наш вид, преку голем митолошки историски скок.

Авторитарниот, насилен триангл заеднички за трите случаи го чинат: удар кон независносто судство и партизација на државната админстрација; колонизација на медиумите, затворање и прогон на новинарите и интелектуалците; и идеолошки историски нов ултимативен фантазам, кој треба да го надои популизмот и да создаде алиби за насилството. Кај Ердоган, тоа е дисконтинуитет со историјата на републиката и културата на ататуркизмот и скок во далечите славни султански периоди на освојувањето на Цариград од Османлиите. Бројот на годината на падот на Константинопол се става како параметар (некаков нов златен пресек) во основите на новите градби (планиран е и во Таксим) и следи истата архитектура на моќ изразена преку споменици и др.

Кај Орбан (тоа е новината која ја дознав) овој фантазам е, исто така, прецизно конструиран како скок преку хабсбуршката историја на Унгарија, во нејзинито азиско потекло, во митот за четирите татковци, поглавари на азиските племиња кои ги создале современите Унгарци и Унгарија, освојувајќи ги сегашните европски простори.

Кај нас станува збор за оваа заебанција со антиквизацијата, спомениците и промена на идентитетот на Македонците – во нивното фантазмично НЕ на сите попуштања од минатото на транзицијата (кога патем имале саглам држава).

Интересно е дека кај сите три проекти историскиот фантазам е некаква не-европска, чиста и херојска працивилизација која ги создала од ништо (ab nuovo) нивните нации и дури ги предвидела сегашниве „глаучи“. Имплицитно, тие фантазми содржат презир кон сегашниов европски дискурс (каде што, всушност, политички стремат сегашните нивни држави). Го повторуваат потиснуваниот сон на продор во блудницата вавилонска (европска), нејзино раздробување , покажувајќи каде ú е местото со тоа што го добива своето (една класична порно-фантазија) со фалусниот, херојски пра-мачоизам.

Нормално, од трите случаи, нашиот е најглуп и најгубитнички!

Ердоган барем има проекти на економска експанзија, досега незабележана во Турција (8-11% раст годишен ), со која го „кредитира“ диктатирскиот однос кон новинарите и слободата на изразување. Има проекти на исклучително промислена надворешна политика и нова улога на Турција во поширокиот регион (до Турција како мала-голема светска сила) и има промислен и револуционерен проект на нов Устав за Турција (во многу сличен на македонскиот) каде се одлучува за културните права за Курдите (без територијална автономија, како во Охридскиот Договор), што претставува разбивање на досегашниот мит на турската нација, а системот го движи кон ублажен полупретседателски (исто како кај нас само без „несреќни Хорхе“). Блесокот на новооткриената историската слава на Турците му служи за „покривање“ на овој проект на раслојување на турската нација во нова МИЛЕТИЗАЦИЈА на Турција (посебно преку плурализирање на исламскиот Милет).

Тоа е ебано сериозен проект во однос на кој македскиот е „прдеж“ во бура, што освен пренемагање со антвиквизацијата, која, замислете, не оригинерно, туку за инает на Грците сме ја исфорсирале (?!) содржи само длабоки порази на економски план за државата, катастрофа во надворешната политика и конечно од Јуни 2013 – нова етапа на општа распаљотка: гола, разголена сила без никакви надежи и илузии за тоа дека Македонија нема перспектива за напредок туку само стагнација и назадување до негоглед.

Диктаторот е диктатор бидејки (по дефиниција) неможе да сфати дека е неспособен и блокиран за да ја изведе Македонија во нова НАТО и Европска етапа. И дека (во демократијата) треба да се ПОВЛЕЧЕ, за други да се обидат да го решат проблемот заради напредокот и доброто на земјата.

Всушност каква ебена перспектива може да има земја со Ѓорѓе – ерга омнес!?

Leave a Reply

Your email address will not be published.