ТЕЛМА бара експертиза за минутажата на пуштената музика

Агенцијата за овој „прекршок“ на Телма ќе и` изрече казна во износ од 20.000 евра, што е трета по ред изречена парична казна во текот на еден месец. Прецизно направениот мониторинг од страна на нашата телевизија на пуштената народна и забавна музика, која патем, мораме да ја пуштаме согласно законот донесен минатата година, покажува дека не само што е исполнета законската квота од по 4 часа неделно ваков вид на музика, туку таа е и надмината. Не е точна пресметката врз која се базира одлуката на Агенцијата за медиуми дека за народна музика сме издвоиле нешто повеќе од три часа, а за забавна музика повеќе од четири часа.

Заради овие очигледни неточни податоци врз кои ги базира своите одлуки Агенцијата за медиуми, како и впрочем, во претходните два случаја кога Телма беше казнета, бараме уште денеска да се свика итна средба во Агенцијата каде што ќе се изврши експертиза на измерената минутажа и податоци.

Во продолжение писмото упатено до директорот на Агенцијата:

 

„ГОСПОДИН

ЗОРАН ТРАЈЧЕВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АВМУ – СКОПЈЕ

Почитуван господине Трајчевски,

Со запрепастеност и длабока огорченост ја примивме одлуката од денешната седница на АВМУ, со која поднесувате прекршочна пријава против ТВ Телма за наводен дисбаланс што го констатирала Вашата мониторинг група за периодот од 5 до 11 мај 2014 година.

Не е точно дека во овој период Телма емитувала вкупно 3:14:56 народна музика, ами, како што покажува нашиот секојдневен мониторинг – 4,15 минути.

Со оглед на фактот што ова е трета мерка против Телма во последниот месец, имаме право да мислиме дека односот на Агенцијата се претвора во отворен, организиран и тенденциозен атак врз Телма и нејзината уредувачка политика.

Пред да ни испратите писмо за порамнување и да покренете каква било постапка, инсистираме итно да се направи заедничко споредување и експертиза на резултатите на Вашиот и нашиот мониторинг и на тој начин да се дојде до точната бројка. Се друго ќе биде неосновано пресудување, без на казнетиот да му се даде елементарното право да се брани и да ја докаже вистината.

Се надевам ќе имате разбирање за ова наше барање и за неговата итност, како и за тоа колку негативно ваквите оценки се одразуваат врз долго граденото професионално реноме на ТВ Телма.

Со почит,

ДИРЕКТОР И ГЛАВЕН УРЕДНИК

Ристо Лазаров“ 

Извор ТЕЛМА

Leave a Reply

Your email address will not be published.