Тапетите се повторно во мода !

Овојпат тоа го прават на голема врата. Модерни со големи геометриски и цветни мотиви, многу живи бои и баркони дезени. Најчесто се ставаат на еден или два ѕида во просторијата и тоа токму оној кој сакаме да го потенцираме, а може и меѓусебно да се комбинираат. Преостанатите ѕидови би требало да се во неутрални бои или во некоја друга која доминира и на самиот тапет.

Тапетите се идеални за прикривање на недостатоци на ѕидовите од постара градба или за визуелно приспособување на просторот со помош на линии или светло-темни бои кои намалуваат или зголемуваат. Правилата за избор на дезен се исти како и кај облеката. Ако одберете линии, вертикалните ќе направат просторијата да изгледа повисока додека хоризонталните ќе направат просторијата да изгледа поширока. Со линиите не може да направите грешка, тие се вонвременски дезен кој и на ѕидовите и на мебелот секогаш изгледаат префинето и елегантно.

Линиите на ѕидот најмногу ќе дојдат до израз ако ги комбинирате со друг дезен на мебелот и перничките, на пример цветен, кариран или точкест. Точките и линиите се одлична комбинација, а тоа е токму и една од тајните за добро уреден простор: добра комбинација на дезен, боја и текстура.

 

За тие кои се навикнати на бели ѕидови а жолтата нијанса им претставува врв на експериментирањето, тапетите се еден голем предизвик, особено оние кои се со крупен и шарен дезен. Но, од тоа не треба да се плашите, само треба малку да се ангажирате за да постигнете правилна комбинација. Комбинирањето со ситни примероци или потполно различни дезени може да донесе одличен резултат. Важно е само да се внимава на хармонијата на боите. Гарнитурата, столчињата и перничките може да ги преслечете во одговарачка ткаенина. Резултатот ќе биде една потполно нова соба.

 

 

Ако сепак повеќе преферирате модерно уредување, изберете тапети со апстрактни или геометриски шари. Тапетите не мора да ги ставате дури ни на цел ѕид. Доволно е да се стави само една трака со ширина на самиот тапет, а во тој случај не мора да се грижите дури и да се одлучите за тапет со најкрупни и многу изразени шари, бидејќи неутралноста на околните ѕидови ќе го ублажи тој впечаток. Тапетите и не мора да ги залепите дирекно на ѕидот, земете една гипс плоча, искројте ја според висината на вашата просторија, залепете тапет на нејзе и со посебни држачи прицврстете ја на ѕидот. Кога ќе ви здосади, едноставно прелепете ја со друг тапет или отстранете ја. Дополнително може да ги искомбинирате боите и дезенот на перничките со оние на тапетот. На овој начин со малку пари ќе може да го менувате изгледот на вашата соба релативно често.

Темните бои, па и црната боја како основа се исклучително „ин“ и тоа во комбинација со бели, сребрени или златни мотиви кои моментално даваат исклучително модерен „барок“ стил. Модерните тапети имаат многу златни и сребрени тонови.

Новите генерации на тапети нудат и нови материјали. Тапетите со 3D текстура им даваат на ѕидовите нов и жив изглед.

Нив може да ги оставите во бела боја или пак да ги пребоите во боја по ваш избор.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.