СВОИ ВО СВОЈА КУЌА, А КУЌАТА ТУЃА

Пред 70 години удривме темели на куќа, а АСНОМ декларираше дека Македонците, Албанците, Турците, Власите и Македонците под Бугарија и Грција конечно градат дом во кои се свои на своето. Ослободени од големо-српската хегемонија, издигнати над поразениот германско-бугарски фашистички окупатор, среќни што домашните предавнички јадра не успеаа да ја одземат слободата, граѓаните на Македонија го оживеаа сонот за конечна слободна територија, декларирана преку народен и демократски концепт. Демократијата во тие моменти беше декларирана на хартија, а народот се надеваше дека секој следен ден ќе донесе поголема слобода.

 

Слободата стана периодична, ограничена, контролирана и фиктивна веднаш после воспоставувањето на таканаречената социјалистичко-демократска власт во поранешна Југославија. Граѓаните на Македонија имаа пасош со кој слободно патуваа и беа ценети низ светот, но дома мораа да молчат. Дури и кон крајот на осумдесетите кога индивидуалните права во демократските земји добиваа интензитет, се сеќавам дека татко ми беше опоменуван од блиски пријатели, кои беа чиновници во државниот апарат, помалку (а помалку од малку значеше воопшто) да зборува за репресираната индивидуа, помалку да ја критикува недемократската власт и помалку да шири идеи за нов концепт на државност, базиран на вистински слободи. Се сеќавам и дека на мои седум-осум години, непосредно пред распадот на СФРЈ, возраснитеоколу мене упорно ме потсетуваа дека на улица не смеам да зборувам против Тито.

 

Денес. Што е поразлично денес?

 

111 години после Илинден, 70 години после АСНОМ, 23 години после незвисноста, мојот впечаток е дека на граѓаните на Македонија им се презентира теза дека се свои во својата куќа, но длабоко, суштински, фактите говорат дека куќата е туѓа. Во своја куќа, народот на Македонија доживеа мал круг луѓе во улога на претставници на институции да одлучуваат за распоредот на елементите и дизајнот на фасадата. Ни насадија барок кој не е препознаен како автентичен и свој од Македонците, а уште помалку од другите народи кои живеат во оваа држава. Во своја куќа, граѓаните на Македонија стануваат должници на други држави и фондови, повторно врз база на одлука на неколкумина кои не ја консултираат стручната фела, а камо ли народот. Во своја куќа, друг ни ги сече дрвјата кои ги засадивме пред десетици години, како столб на чистиот воздух кој требаше да гарантира минимум достоинствен живот.

 

Во својата секуларна куќа, оваа наша генерација доживеа агресивно мешање на религијата со државата, ставање на верското пред индивидуалното и поистоветување на слободата на граѓанинот со слобода на вероисповед, како да е тоа единствената слобода која еден човек треба да ја ужива.

 

Чинам дека ова не беа идеалите ни на Илинденците, ни на Асномците, ни на сите оние граѓани кои во 1991ва гласаа за независна Македонија. Народот на Македонија не сонуваше ниту за пост-асномска, ниту за независна држава во која ќе се плаши да говори против штетните политики на “владетелот” во јавност. Народот на Македонија сонуваше за слобода во секоја смисла, не само за техничко географско ослободување од фашистичкиот окупатор, туку и за ужување на слободата на мислата, движењето, здружувањето, изразувањето и дејствувањето. Денес, ја немаме таа слобода и наместо да ја освојуваме, ние ја губиме.

 

Токму тој феномен, декларативното “свој во своја куќа”, наспроти фактичкото “свој во туѓа куќа” придонесе стотици илјади граѓани да ја напуштаат Македонија и да го бараат своето во друга држава. Не само Македонците, туку Албанците не се свои во својата држава. Не затоа што таа се вика Македонија, туку заради тоа што нивните две други држави станаа попросперитетни во своите интеграции. Во исто време, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците, заедно со сите млади, станаа граѓани од трет ред, токму во својата држава. Тие се најмалку важни, зашто на прво место се мнозинските, оние кои се со власта, а на второ место е наводната “правична” застапеност која се гледа единствено низ призмата на задоволување на потребите на естаблишментот од двете најголеми етнички заедници.

 

Конечно, 70 години потоа, наместо млади кои ја доградуваат оваа држава, ние имаме млади кои бараат излез од тука, кои веруваат дека државата е водена од малкумина кои гледаат исклучиво за своите интереси, кои не веруваат дека политичарите ќе донесат подобро, кои ниту пак веруваат дека тие можат да ја донесат промената.

 

Она што на АСНОМ значеше порив, план и желба, денес се претвори во разочарување од неуспехот. Извинете, ама Македонија не е ниту социјална, ниту секуларна, ниту демократска. Борбата сигурно ќе продолжи, но големите шанси се одамна испуштени.

Leave a Reply

Your email address will not be published.