Судири пред Бугарското собрание

Kако што јавува А1on демонстрантите го блокираа бугарскиот парламент и во 20 часот не дозволија да излезат од него тројца министри кои учествуваа во работата на комисијата за буџетот. Освен нив беа блокирани и пратениците и околу 30 новинари кои два часа не можеа да излезат на ниеден од излезите на бугарскиот парламент.

Тензиите пораснаа кога со автобус имаше обид прво во 22 часот, а потоа околу 23 часот да се изнесат министрите, но неуспешно зашто масата се нафрли со камења на него,и се фрлаа на улица пред автобусот, по што тој се повлече повторно во парламентот. Ни на полноќ автобусот не можеше да го напушти парламентот и да ги извлече министрите и пратениците.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Цветлин Јовчев кажа дека не сакаат да употребуваат сила, но и ги обвини демонстрантите дека не прават разлика меѓу новинари, пратеници и министри. Сите функционери останаа блокирани во парламентот, а демонстрантите не се повлекуваат од пред зградата.

Веќе 40 дена тие бараат оставка на бугарската влада, а турканиците со полицијата не престануваат цело време. Тие најавија дека нема да се повлечат од пред собраниската заграда.

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев ги повика демонстрантите мирно и цивилизирано да протестираат и да внимаваат каков впечаток ќе остават во Европа.

– За прв пат од почетокот на протестите сме сведоци на тензии и обиди за провокации. Апелирам на воздржаност од било какви активности кои ќе водат кон екслација на судирите и нарушување на јавниот ред и мир, соопшти Плевнелиев.

 

Извор: A1on

Leave a Reply

Your email address will not be published.