Суд, тужибаби и една зграда

Во Македонија во денешниот момент, импулсите на сопствените газиња се клучниот елемент за откривање на политичките доктрини, а порано баш фино не учеа „мисли глобално – делувај локално“

 

Дојде едно такво време во кое не е препорачливо да се мисли, ниту „локално“ ниту „глобално“, оти секое мислење би можело да води кон некаква форма на „национално предавство“. Со години кликата на власт не убедува дека Македонија нема друг пат освен Европскиот, или како се вели, „Македонија во глобалниот свет“, надевајќи се дека така ќе ги отфрлиме „локалните“ лудила. Но, нема ништо од тоа комшија! Властодршците и за зелен бор да се фатат, и тој ќе го исушат.

 

Главниот проблем со оваа гарнитура на власт е нивната алчност. Алчноста, да се разбереме, не е само „локална“ туку е и „глобална“: ако сте го гледале филмот на Скорсезе со Каприо Л. ќе видите дека капитализмот е гориво кое продуцира алчност, и со самото тоа, изградено е сето друго што ги опкружува „глобализираните“ луѓе. Но, проблемот не е така едноставен. Во нормална држава за алчноста постои закон, устав и владеење на правото, односно владеење на разум кој е поврзан со паметот и мудроста, со проценката. Сакам да кажам дека алчноста умее да застане, да се контролира, да антиципира и да проценува; а онаа другата алчност, урла и се заканува со „газот во бананите“, се додека себеси и сите други не ги втера гологази во крставичките.

 

Така е „глобално“, ама како таа работа стои „локално“, комшија?!

 

Живееме во време на неслобода – или ќе подлегнеш на овие, или ќе подлегнеш на оние идеолошки оправдувања – или ќе станеш трајно алергичен на сите нејзини манифестации. Имено, отворивме „локален“ сајт кој се вика Мојот Град; одлучивме дека преку нашите граѓански активности – трибини, филм-прокеции, искажување на ставови, пишување на колумни, преиспитување на Општинските пари и одлуки, нешата кои се нарекуваат „јавна политика“ или, сето она што е во интерес на сите граѓани на Општина Кавадарци. А Општината Кавадарци, барем во моментов, е како некое Комунално претпријатие во кое само неколку луѓе ги метата и перат улиците, додека останатата Општинска администрација удира печати, се занимава со којзнае каква се не бизарна и опскурна (не)активност.

 

Е, таа Општина изминатата недела се’ осмели да тужи Портал кој јавно и јасно ја прашува која е нејзината компетенција и работа!? И, замисли комшија, во тужбата не стои претставник, гласноговорник, ама стои Зграда која успеала да се претстави како Личност, го зела „штембилот“ додека останатите спијат, напишала тужба и така, „нахушкана“ објавила војна против идеолошките неистомисленици кои, притоа, се конкретни и живи луѓе, кои работат една работа која е од јавен интерес. Гледате, една Зграда тужи конкретна Личност. Па, добро, а градот? Како ти изгледа градот? Прекрасно, автентично, како некое сиромашно предградие на Калкута во неговите лоши моменти. Имено, на Кавадарци не му се заканува „губење на идентитетот“ бидејќи нема шанси, било кој, колку и да е неинформиран, Кавадарци да го побрка со Цирих, Хановер или пак, Тетово.

 

Додека пак, цела Европа пишува и мисли слободно, патува во чисто и ефтино, се вмрежува, се солидаризира, преиспитува сечија одлука одново-и-одново, во нашата руина една цела Зграда која не прави Ништо, тужи како некаква „тужибаба“ друга конкретна личност од јасен и јавно видлив портал за јавни работи. А, потајно, да бидам искрен, сето ми изгледа како да се наоѓам во некаков дистописко-посапокалиптичен филм во кој никој од „тамошните“ не сака да разговара со локалните бирократски битанги и „тужибаби“. 

 

Дури и да сфатите дека сте наголемиот лузер-бирократ, Македонија не е, и не може да биде на „Европскиот пат“, што и тоа да значи. Па, како што гледате, за овие работи се трудиме да проговориме во Кавадарци, а не’ на друго место, оти не ни се заканува нам само таа тужба, и не ни се заканува сета гнасотија, алчност, нетранспарентност и зачмаеност, туку правата закана е дека овие се неспособни и недостојни за да не одведат на Европскиот пат, луѓе кои устите им се преполни со тужби за клевети, лично богатење и пронаоѓање на „предавници“. А зарем вреди така да се живее? Така глупаво и зачмаено, а не како останатиот свет кој длабоко сфаќа што значи инклузивност, што значи слепило за етнички и конфесионални керифеки.

 

Како да се живее вака? Па одземи им ја омразата и злопамтилото, и ќе видите, од овие во Власта нема НИШТО да остане! Како што и онаа празна зграда е едно големо Ништо, магловито зачмаена во својот кукавички традиционализам и идиотштина.


И’ во ред, кога е веќе така како е – се гледаме на Суд! 

Leave a Reply

Your email address will not be published.