Ступидните изјави во Уставен суд за абортусот само ја потврдија неговата партизираност


Уставниот суд не е место каде треба да се изнесуваат личните ставови на членовите. Судот, сметаат интелектуалците, е партизирано тело што се докажа и со последнава одлука која е усогласена со начелата и целите на политичката власт во земјава.

Извршниот директор на Хелсиншки комитет во Македонија, Уранија Пировска, вели дека откако се смени составот на судии и откако се избраа нови судии во Уставниот суд, кои се од редот на партиите на власт, воопшто не се чувствува улогата која треба да ја има ова врховно тело.  

 

– По последната одлука во општо познатиот манир на кој сме сведоци во изминативе две години откако почна кампањата против абортусот, сфативме дека повторно ќе треба да се бориме за права за кои мислевме дека пред 20 години се веќе освеона територија. Тоа што било изјавено на седницата само ги потврдува нашите критики за тоа дека жената во Република Македонија е дискриминирана и е ставена во позиција да биде единствено субјект за репродукција без при тоа да се води сметка за нејзините интелектуални и други капацитети. Би сакала да го потсетам судијата дека во Република Македонија дури 60 отсто од државната администрација ја сочинуваат жени, што значи дека извршната власт во оваа држава функционира врз основа на интелектуалните капацитети на жената – вели Пировска.


Таа додава дека судијата Мурати, за време на своето излагање се побунил против поднесувачите на иницијативата велејќи дека работат против бракот.


– Законот за абортус, критиките за поборниците за донесување на либерален закон, истакнувањето дека иницијативите се носат само од една група луѓе кои што работат против бракот, говори за тоа дека во Република Македонија поединецот е ставен во позиција да не може на никаков начин да ја изрази својата различност и својата креација на индивидуа. Ние за скандалозната седница на Уставен суд и за тоа дека нашата иницијатива беше одбиена со ступидни образложенија кои немаа врска со Устав и Закон ќе ги известиме меѓународните организации и ќе продолжиме да се бориме против воведувањето на нови стереотипи и предрасуди кога станува збор за жената и за сите други кои по некој основ се различни – додава таа.


Негативните реакции по исказот на судијата Мулати се провлекуваат кај речиси сите интелектуалки и професорки во земјава. Професорката и поранешна антикорупционерка, Слаѓана Тасева, вели дека воопшто немало причини да се донесат измени во Законот за прекинување на бременоста. Македонија, посочува таа, нема проблем со наталитетот, туку со иселувањето на граѓани за што се виновни политичарите.


– Се залагам за тоа да ѝ се обезбеди правото на жената на избор, затоа што може да има многу околности кои влијаат на тоа дали жената да го прифати или не мајчинството. Претходните искуства покажаа дека кога абортусите беа нелегални и забранети имавме голем број кривични дела и корупција поради нелегално вршење абортуси. Не е добро да се нарушува практиката која ја имавме. До сега немавме проблем ниту со намалување на наталитетот, проблемот го имаме денеска поради иселувањето за што политичарите се виновни, едноставно во Македонија нема услови да се создаваат семејства. Но ова не е вина на жената и затоа не смее да ја понесе одговорноста. Уставните судии треба да расправаат за начелата на уставните начела и принципи и да анализираат дали тие начела и принципи се загрозуваат, а не да даваат свои лични ставови за време на седниците на Уставниот суд – вели Тасева.

повеќе ТУКА.

Leave a Reply

Your email address will not be published.