СТУДЕНТСКИ ПЛЕНУМ: За окупацијата… Или зошто никогаш нема да ви простиме?

Можеби главниот проблем околу оваа “загатка” се крие во фактот што денови пред да се случи веќе најавената окупација премиерот Никола Груевски ги прими студентите, истите оние за кои се прашуваше зошто воопшто и протестираат месеци претходно и во обид да ги тргне на страна, од името на сите свои пратеници (како тие воопшто и да не размислуваат со своја глава) вети мораториум, односно ОДЛОЖУВАЊЕ на новиот закон за Високо образование (кој се оствари магично денови подоцна).

Оттаму, дел од јавноста стана убедена дека дејствувањето на премиерот на цели 2 месеци од најмасовниот независен марш во историјата на Македонија доаѓа како резултат на неговото организирање, како и на останатите 2 масовни протести со кои студентите јасно и гласно кажаа “СТОП ЗА ЛОШИТЕ РЕФОРМИ“, иако во изјавите од тој период сè уште на сите нас гласно ни одѕвонуваат изјавите од типот дека “Студентскиот пленум не постои”.

 studentski plenum2

Сепак, суровата реалност е дека протестите не вродија со плод и дека пошироката политичка ситуација придонесе да се случат т.н. (минимални) отстапки. Да не заборавиме, студентската Автономна зона и ден-денес не се емитува на ниту една од најголемите три македонски национални телевизии (МРТ, Сител и Канал5) чие спомнување во понатамошниот текст ќе биде излишно и непотребно бидејќи со секој нов ден тие стануваат се поирелевантни.

Дека протестите навистина не вродија со плод покажува и изјавата на министерот за образование, Абдулаќим Адеми кој побрза да им порача на сите дека “Владата нема да се откаже од ‘некаков’ вид на (надворешно/екстерно) тестирање“. Токму поради оваа критична изјава никој не ни гарантира дека одложувањето на овој закон за Високо образование е само одложување, а не прв чекор кон донесување на нов закон!

Но, тогаш, се поставува прашањето – а зошто пак Автономната зона би вродила со плод и би им ги отворила конечно очите на оние на кои им се широко затворени веќе неколку месеци?

Се чини дека најголемата заблуда на луѓето во однос на окупација е самиот термин. Што е всушност окупација?

Автономна зона претставува окупација со цел враќање на Универзитетот на оние на кои им е наменет – студентите. За време на окупацијата окупираните факултети од институции кои се наменети исклучиво за учење и напредување во професионалниот живот, ја претвораме во институција наменета за многу повеќе работи, како што се: социјален живот, критичко делување, еманципаторно и слободарско студирање, живеење итн. Но, најважно од сè е зошто се презема овој чекор и како технички се изведува тоа.

КАКО СЕ ИЗВЕДУВА?

Идејата не е да се “окупира” факултетот во неговото функционирање, туку само да се блокира формалната настава и таа да биде заменета со алтернативна. Оваа алтернативна настава ја организираат студентите кои се активно вклучени во “окупацијата”. Тоа може да биде секој студент кој сака да се приклучи. “Окупацијата” трае додека не одлучат самите студенти дека истата ќе се прекине, или додека не се исполнат нивните барања.

 

Сега кога сме на јасно за терминот, главниот проблем се јавува во однос на тоа што окупацијата ќе постигне? За ова е потребно да се увидат и добрите и лошите страни.

Една од лошите страни на окупацијата е секако губењето на редовната настава. Навидум, ова губење на недели од формалниот курикулум е секако на огромна штета на студентите. Сепак, професорите кои го поддржуваат движењето (а мнозинството, можеби и над 90% се такви) јасно и гласно на еден од пленумите на Техничките факултети истакнаа дека одржувањето на часовите кои се изгубиле ќе се случи сигурно, и тоа во договор со самите студенти!

Второто прашање за кое се дискутира многу често е за студентите од внатрешноста кои плаќаат за кирии и храна во Скопје, а кои се засегнати од окупацијата. Во смисла на ова, Студентскиот пленум како дел од својата Автономна зона им нуди на сите оние кои сметаат дека со ова губат непотребно пари за храна – бесплатна храна насекаде низ окупираните факултети! Со тоа се овозможува дури и да се заштедат пари, како што многу студенти кои се активни на Автономните зони, а кои не се од Скопје, ќе потврдат.

Третото прашање, е прашањето за Work&Travel. Се чини дека изгубените недели скапо ќе ги чинат оние кои сакаат да заминат да работат за Америка летово. Иако тоа е делумно точно (материјалот ќе мора да се предаде побрзо), сепак вистинското прашање кое треба да се постави е: а зошто колегите се спремни на таков чекор воопшто, ако на нив им е сè супер тука?

Овие мрачни страни на окупацијата се “јавна тајна” која навидум ја прави истата безначајна кога ќе се види општото мислење на јавноста која смета дека протестите се помоќен начин на изразување на револт.

 studentski plenum3

Сепак, во неодамнешно истражување е потврдено дека токму окупацијата е најмоќната алатка за добивање на своите права. Таа се презема како последна и најригорозна алатка за борба против неправдата. Окупацијата не е нималку лесна да се проголта од страна на “нападнатата” страна (во случајов Владата и МОН).

За да се случи окупација и истата да се одржува потребен е масивен револт, бидејќи во поинаков случај истата не би издржала ниту еден ден.

Битен е примерот од нашето подалечно соседство, од Хрватска, каде во 2009 година студентите од Филозофскиот факултет ја окупираат својата зграда борејќи се за бесплатно образование. Окупацијата на овој факултет траелa цели 35 дена, а исходот е дека овие студенти се избориле за бесплатна државна квота!

Да не заборавиме, станувало збор за ЕДЕН факултет, а не за низа на факултети како што е тоа случајот во Македонија!

Дека Автономната зона не е шала, потврдуваат честите известувања за нејзиното одвивање на познатата телевизија Ал Џезеира (на тукашниот локализиран Ал Џезеира Балканс). Понатаму, никој не може да го оспори и фактот што гласот за окупираните факултети и Универзитети ширум земјава допре дотаму што Дубиоза Колектив гостуваа на Платото на УКИМ, а поддршка истакна и познатиот музичар Ману Чао, како и најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски.

Па затоа, студенти, на секое наше прашање се одговара со уште потешко контра-прашање!

Зошто да губиме часови за кои сме платиле? – А, зарем сметаме дека парите дадени за сегашното образование навистина вредат?

Зошто да губиме часови кои (можеби) ќе ни го пролонгираат летот за Америка? – А, зошто воопшто и одиме за Америка, зарем не можеме со нашето знаење стекнато тука да одиме на пракса?

Зошто не протестираме, наместо да окупираме?

– Затоа што еден ден блокирање улици за кои никој нема да биде известен не е ништо во споредба со фактот дека студентите се доволно мотивирани САМИ да си организираат предавања, САМИ да си создаваат услови за спиење НА БЕТОН, САМИ да инспирираат луѓе од типот на Милчо Манчевски и Ману Чао, САМИ да го разбудат чувството за кое сите се длабоко во себе свесни, но не сакаат да признаат: дека овде НИКОЈ не е слушнат сè додека не се преземат радикални мерки… и на крајот – САМИ да покажат мирно и достоинствено дека никој не смее да им ги злоупотребува НИВНИТЕ факултети за дневнополитички цели!

 studentski plenum4

Најпосле, може ли некој воопшто да си замисли колкав срам за една земја претставува фактот што студентите се спремни да ги окупираат “нејзините” ДРЖАВНИ факултети?! Можете ли да замислите колкав е тој пораз, кога сте свесни дека вашата младина не е повеќе имуна на вашиот целосен игнорантски однос?!

Можете ли да замислите колку е ништожна и ирелевантна нашата жртва, кога ќе си помислите дека условите во кои ние спиеме на факултетите СЕ ВСУШНОСТ ПОДОБРИ ОД ОНИЕ ВО КОИ СПИЈАТ НАШИТЕ КОЛЕГИ ВО СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ?…

Па затоа, Вие таму што мислите дека протестираме без никаква причина, Вие таму што сметате дека автономијата е глупост, Вие таму што подмолно не заокружувате: веќе ве предупредивме дека со нас нема повеќе играчки – сфатете не озбилно овој пат и прифатете ги нашите услови, бидејќи сé друго ќе биде уште една причина за уште поголем револт. Нашата жртва во моментов паѓа на Ваш грб и засега не сте заслужиле НИКАКВА ПРОЧКА, па дури и на ваков ден!!!

NO PASSARAN!

Leave a Reply

Your email address will not be published.