Стршлени од Азија ги опколија Неготино и Кавадарци

Загриженост кај пчеларите
Оваа есен е забележана наезда од стршлени што досега ги немало во реонот на селото Горни Дисан, вели пчеларот Јованче Јанчев од Неготино. Тој поседува повеќе од 200 пчелни семејства и сериозно е загрижен за опстанокот на своите пчели.

– Во околината на мојот пчеларник, на растојание од 200 до 1.500 метри, уништив осум гнезда на стршлени, благодарение на месното население што ги имаше откриено локациите. Првото ништење го реализирав рано наутро, во 3 часот. Заштитен со современа пчеларска опрема, со специјален спреј за оси и за стршлени и со плински горилник, за час и половина успеав да уништам три гнезда. Заедно со мене беше и ветеринарниот лекар Зоран Просинечки од Неготино, кој носеше медикаментозна терапија за превентивно дејствување доколку се случеше несакан убод од стршлен. Не смее да се заборави дека три убоди од стршлен важат како убод од змија – вели Јанчев.

 

Гнездо долго метар и половина

Сериозноста од наездата на стршлени тој ја сфатил дури откако забележал дека бројот на пчелите во неговите пчелни семејства е преполовен. Во разговор со други пчелари од Неготино дознал дека и тие го имале истиот проблем. Во оџаците во покриви од викендички, во дрвја покрај пчеларници, во карпи или во дупки стршлените многу брзо градат гнезда и со неверојатна брзина се размножуваат. Во едно гнездо ги има илјадници.

– Се случуваше да се наполнат леѓени со стршлени, тоа е една неверојатна слика. Кога еден пријател ме замоли да му помогнам да го уништиме гнездото, кое беше големо колку една боксерска вреќа и висеше во таванот од неговата викендичка, верувајте наполнивме една кофа со мртви стршлени. Сличен случај беше гнездото во црквата во Горни Дисан, кое беше долго метар и половина. Во разговор со пчеларите дознавам дека слична појава имало и во Свети Николе и во Виница, каде што пчеларите сами си организирале хајка да ги уништат стршлените. Имено, досега вакви стршлени немало во нашиот реон и мое мислење е дека не се автохтони, туку дека потекнуваат од Азија, а кај нас најверојатно се донесени од Кина. Но тоа се само претпоставки – раскажува Јанчев.

Барајќи одговор, тој го алармирал Здружението на пчеларите на Македонија и ја информирал професорката Станислава Лазаревска од Земјоделскиот факултет, со апел да помогнат.

– Мислам дека пчеларството во Македонија е загрозено. Намалениот број на пчели во пчелните семејства претставува реална опасност за презимување на пчелните семејства – вели нашиот соговорник.

 

Презимуваат насекаде

Согледувањата на пчеларите се дека стршлените ги има од 300 метри надморска висина па нагоре, но се претпоставува дека од наредната година ќе се симнат и во рамничарскиот дел. Најстрашно е тоа што стршлените како единки презимуваат насекаде, под кора од дрво и во дупки и напролет секој стршлен си формира ново гнездо, а новото гнездо значи илјадници нови стршлени.

– За овој проблем треба да се заземат Министерството за земјоделство и државата, бидејќи опасноста не им се заканува само на пчелите туку и на луѓето. Засега единствен пријател ни се јазовците, кои доколку под земја наидат на гнездо го изедуваат – вели Јанчев.

За проблемот со стршлените побаравме мислење и од Медицинскиот центар во Кавадарци, колку е зачестена појавата пациенти да се жалат на убоди од стршлени. Првичната информација што ја добивме од хирургот Дано Кулев е дека есенва на неговите дежурства се регистрирани неколку такви случаи. Сепак тоа не значи дека пчеларите треба да мируваат, со оглед на фактот дека Кавадарци е град во кој има најголем број регистрирани пчелари.

Извор Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published.