Што сонувам, а што ми се случува?

Го прашале еднаш еден канадски премиер што го прави задоволен и уверен дека својата земја ја води на прав пат. „Најдраго ми е“, одговорил без колебање, „кога наутро ќе отворам светски весници, како ‘Гардијан’, ‘Индепендент’, ‘Економист’, и кога ќе видам дека од Канада вести – нема! Тогаш знам дека сѐ е во ред“.

Којзнае дали оваа анегдота е вистинита, но покрај неа во политичкиот жаргон е влезена фразата – „но њуз – гуд њуз“ (нема вести – добро е!).

Се прашувам што ли чита и што може да види нашиот премиер за својата земја во странскиот печат, ако го интересира? Македонија, шампион во мизерија, Македонија, трета најсиромашна земја во Европа, Македонија меѓу топ петте најлоши економии во светот, Македонците меѓу најнесреќните нации во Европа, Македонија светски шампион во невработеност… Тоа се вестите што ги произведува нашата земјичка во светски рамки, тоа е сликата за Македонија, северно од Табановце, надвор од досегот на Сител, МТВ и сета домашна пропагандна булумента. Дали овие вести допираат до нашите властодршци? И како си ги објаснуваат – дали како антипропаганда од СДСМ, од Грција, од душманите македонски, од светски масонски заговор, како?

Во таа слика видно место зазема македонското градежно лудило, наречено „Скопје 2014“. Е тука има приказна дури и за најголемите медиуми. Својата атрактивност таа приказна ја црпи од жанрот „од њуз“, токму поради својата блесавост, уникатност и скарадност – најсиромашната од најсиромашните земји во Европа спичкува милиони евра на тони мермерни и бронзени споменици и тотално му менува личен опис на својот главен град! Има приказна, како не. Нема весник или телевизија од регионот што не се „закачи“, а добар дел светски медиуми му се „изредија“ на нашиов „тематски парк“. Се мачеа и се натпреваруваа бирајќи придавки, епитети, квалификации да го опишат ова наше архитектонско бунило, а да не бидат претерано навредливи: „кич“, „соцреализам“, „помпезност“, „мегаломанија“, нема што не беше кажано за „Скопје 2014“ на престижни ТВ-мрежи и угледни телевизии. И сето тоа, како што забележа угледниот српски колумнист Теофил Панчиќ, кој неодамна беше во Скопје, „сето тоа ни оддалеку не е доволно да ве подготви за живата средба со Александар, Филип Македонски, сосе бројната им фамилија, па со Прометејот по гаќи и со сите останати, број не им се знае“. Панчиќ е на маки како да го нарече тоа што го видел во Скопје: „Да се нарече тоа само кич е смешно, да се нарече дегенерирана фашистичка естетика со елементи на соцреализам, е точно, ама слабечко, недоволно пластично. Ова е отворен, циничен, распојасан триумф на Ништото, односно на ‘идентитетската’ и секоја друга политика без содржина, смисла и правец, засрамувачки банална утеха за сите неуспеси“. Ете, така се снашол кутриот Панчиќ да го дефинира „Скопје 2014“.

За среќа оваа власт не може да ја купи сета светска јавност и да ја исполира сликата за себе, како што би сакала и како што со години го прави тоа дома (со наши пари). А се обидува, не е дека не се обидува. Во таа насока не жали да фрли огромни (наши) буџетски милиони за промотивни прилози, како тие на Си-ен-ен, или на „Фајненшл тајмс“, во кои ќе биде претставена како топ-дестинација за инвеститорите и топ-реформатор од „Дуинг бизнис“. Нема проблем, светските медиумски тајкуни ќе им ги земат парите, ќе ја емитуваат ступидната „панагирица“ „Инвест ин Маседониа“ со рамните даноци, најевтината работна сила и регулаторна гилотина (како ли им звучи тоа!?) за која се гледа од авион дека е комерцијална нарачка, и веќе следниот ден, или недела, оп – еве ја Македонија, по старо во топ-мизерните во светот, во најнесреќните, во најсиромашните, како што си е редот.

Оваа власт не сфати, или не сака да сфати, дека и дома и надвор треба да ја гради сликата за себе, па и за земјата, со произведувањето добри, позитивни вести, малку по малку, а не со закупување простор, плаќање пиар или подјармување и купување цели медиуми, како што прави дома. А како што рековме, првата фаза е – вести да нема. Кога тоа би се постигнало (а за ваков котел тоа е предизвик), потоа се потребни многу мали „мирнодопски“ вестичиња, кои чекор по чекор ќе емитуваат слика дека таа земјичка некаде на југот полека си го нашла патот, се средува, и си функционира. Кога сте слушнале нешто многу трауматично за Естонија, на пример? Кога Македонија би произвела и неколку сериозни наслови во светскиот печат, од типот „решен дводеценискиот спор за името“, „Македонија почна преговори со ЕУ“, „Македонија се зачлени во ЕУ и НАТО, тензиите минато“, оваа земја навистина завршила голем дел од работата. Тоа веќе би можело да привлече инвеститори, а не роуд-шоуата со гилотината и економските промотори со скршен англиски. Но, проценете и сами колку таквите вести се на дофат. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.