Что делать?

Еден циник во кафето „Корзо“ ми рече дека во Македонија нема жртви само затоа што никој жив не може да ја забележи разликата меѓу „Социјалдемократските браќа“ и Цивилната хунта!

Подобро е да немаме жртви отколку да имаме разлики, си мислев, но потоа ми дојде на ум дека сите сме жртви на таа рамнотежа.

Така дојдов на идеја да им го понудам текстов на сите опозиционери што сакаат политиката на промените да ја трансформираат во сериозна работа!

Что делать?!

Прво, генерална и радикална критика на македонската транзиција како атомска бомба врз културната матрица на заедницата во сите нејзини формати (не само социјалистичкиот) и како неправедна и крајно дисфункционална прераспределба на националното богатство, со крајно сериозни социјални и морални импликации! Обид да се достигне ниво на свеста на кое ќе се види дека транзицијата ја оддалечува Македонија од резоните, смислата и целите на нејзиното постоење како историски субјект, како што Земјата и се оддалечува на сондата што тргнала на бесповратен пат во меѓуѕвезденото пространство, дека, во таа смисла, глупоста и криминалот во Македонија можат да имаат или веќе имаат, неповратни историски реперкусии.

Второ, радикална критика на сопствената улога во таа калварија со посебен акцент врз лидерите, нивните ликови и особено врз нивните дела, вклучувајќи го тука Глигоров и, се разбира, неизбежниот, Црвенковски. Глигоров зашто пропушти да го искористи огромното љубопитство и страста во народот, да го искористи историскиот момент како таков, за да ги конституира државата и нацијата како модерна категорија, не поради модернитетот како таков туку поради тоа што модернитетот беше и останува единствен медиум на опстанокот; додека Глигоров остави, притоа, крајно проблематична ситуација и наследство. Од друга страна, опортунистичката, патетична политика на Црвенковски, судирот меѓу комунистичката фрустрација и националистичката посветеност во него, инертноста, устоеноста на старите форми и рефлекси, заробеноста во обврските што ги презел во времето на инаугурацијата, доктринарната неснаодливост, македоноцентричното разбирање на мултикултурата и на отстапките на тој план, одбивањето на учи, му вградија тракторски брзини на македонскиот мерцедес и во таа стагнантна, безидејна, никаква македонска атмосфера, тигарот на десницата беше пуштен од кафезот. Црвенковски го пушти!

Трето, може ли да се направи обид да се прескокне летвичката на која јасно пишува дека македонската националистичка десница е антимакедонска платформа и според својата историска легитимација и според својата политичка операционализација. По дефиниција. Нашиот проблем во Македонија не е во тоа што имаме десница која е специфична според својата даночна, монетарна или културна политика во постојниот национален и државен амбиент, туку според тоа што има амбиции да го смени амбиентот!

Тоа е ВМРО во сите деноминации.

Трето, во постојниот културен модел опозицијата се глупира во сите варијанти и ситуции во кои се обидува да плива по површината на тоа море. Во кои одбива да излезе од загадената вода и да се истресе како куче. Кога оди на консултации, кога поднесува амандмани, кога се враќа „ во полн капацитет“ во собранието, кога бара одговори од владата или од владејачките партии, кога прашува, кога… Опозицијата, се разбира, се глупира и поради своите ставови, но најголемите бранови глупозони доаѓаат на „Павел Шатев“ од самиот амбиент, од културнополитичкиот модел кој таа го легитимира преку секојдневен влез во неговата вообичаеност и институционална карикатуралност. Ако тоа не е така, тогаш ние имаме работа со истокурна структура која се разликува само според тоа што во шутирањето на македонската глава напаѓа од лево кон десно во сини маички и усрани гаѓички!

Четврто, во постојниот културен модел нема смисла да се подготвува партискополитичка, па уште и предизборна програма. Ако е реална и паметна таа ќе доведе до пораз на изборите (откажувања, штедења итн.), а ако е популистичка таа нема да може да ги достигне фантазиите во кои сега живееме. Ниту една програма не може да биде фактор на политичките промени. Само промените во културниот модел можат да го обезбедат успехот на тој план.

Тоа упатува на две можности: или ќе чекаме лудачката политика да го достигне својот врв ( Шар Ришмор и Скопска Црна Гора и Водно да се преобликуваат во величествени фигури на носителите на македонската лудост) или ќе ќе ја стимулираме на тој пат, или ќе формираме доктрина која ќе каже дека нашата амбиција не е да се глупираме во програмата на идиотите туку да ја смениме таа програма. Тоа бара храброст, визија, програма и луѓе за таква задача. Јас претпочитам јасно да се каже дека влегуваме во битка, културнополитичка битка за ослободување од окупацијата на Злосторничкото здружување на вмро!

Се разбира, сдсм може да продолжи да ја игра својата улога во драмата на распаѓањето на едно општество. Но, треба да знаат дека таквите заебанции имаат своја историска цена во која се вклучени и тие и нивните судбини!

Школата за млади лидери на Ѓорѓе Иванов е безобразна проекција на тоа што тој не е ниту според младоста ниту според лидерството. Тој се јавува тука во улогата на Мајка Тереза како оснивач на курс за млади проститутки или во улогата на Есма Реџепова како директор на диоровото студио за тенки манекенки. Во таа смисла нема никаква разлика меѓу неговиот курс за млади лидери и школата за ракување со моторни пили што би можела да ја формира некоја зелена партија. Како кога некој партиски ебиветер кој по партиска линија станал директор на Клинички центар ќе му текне да организира курсеви за директорство или, ушете поубаво, за млади кардиохирурзи!

Второ, школа за млади лидери може да постои, особено на „охридско ниво“ само како карикатура. Како академија за леви крила во фудбалот или како факултет за првите пет километри во маратонските трки.

Постојат низ светот високообразовни институции од кои излегуваат лидери (Јејл, Харвард, Итон…), но тоа не се универзитети за млади лидери!

Иницијативата на Иванов покажува дека идиотизмот има тенденција да се репродуцира и да се шири!!!

Извор ОКНО

Leave a Reply

Your email address will not be published.