Среќна Нова 2015 и ич да не ви дреме!

пишува Кире Бебеџаков

Почитувани читатели,
од името на редакцијата на веб порталот “Мојот Град”, ви ги честитам новогодишните и божиќните празници.

Воедно, оваа прилика сакам да ја искористам и да се заблагодарам на сите вас кои во изминатата 2014 година бевте доволно храбри и дрски би рекол, барем еднаш да ги посетете содржините на интернет порталот “Мојот Град”. Сакам да се заблагодарам на довербата на граѓаните кои во моменти кога административната врата им беше затворена во лице, се одлучија својот револт, мака, општествен проблем да го споделат преку нашите содржини. Верувам, а и знам, дека многумина кои се одлучија на еден таков чекор, да ни се обратат како (скромен) медиум и преку нас како јавно гласило силно да го артикулираат својот проблем, тоа вроди со плод. Вроди со плод на начин што она што со годините се “собирало под тепих” го направија јавно видлив за целото општество, а тоа беше доволен сигнал за надлежните да се занимаваат со одредената проблематика. Сакам да се заблагодарам и до неколкумината (секоја година бројот е се поголем) граѓани-индивидуи кои храбро и одлучно успеаја да направат протестен микс од хартија и перо, да го испратат до нашата редакција и со тоа нивниот став, колумна, текст да биде јавно видлив и читлив. “Мојот Град” како медиум не би бил она што е доколку не постои вистинска кохезија на тимот кој директно работи на него. Верувајте, малкумина сме. Но колку сме толку сме. За граѓаните, секогаш ќе бидеме тука.

Изминатата 2014 година целокупното македонско општество минуваше низ “сито и решето” , обидувајќи се залудно да се пробие низ тој трнлив пат кој водеше барем на еден исчекор до она што значи нормално. Ненормалното полека станува нормално во македонското општество. За тоа најмногу допринесуваат провладините машини за перење на мозоци кои секојдневно го трујат македонскиот граѓанин дека зад секој агол ни цветаат рози, дека реките носат мед и млеко. Но за жал, вистината е сосема поразлична. Реалноста е сосема поразлична.

Овде сме за вас, вчера, денес, утре…Да ви го пренесеме како најкристална вистина преку информација она што останатите локални медиуми немаат храброст да го објават. А, за вистината се работи. И токму овде се пронаоѓа и интернет порталот “Мојот Град” и неговата општествена улога да ја отсликува реалноста која не опкружува, да реагира, протестира и бара правда при неправда, да ги потсетува надлежните дека и Кавадарци и Република Македонија не им се оставнина од мајка им и татко им.

Дека будното око на “Мојот Град” реагира токму онаму каде треба да се интервенира, кога има потреба од издигнување на општествените проблеми на највисокото место на јавниот пиедестал се токму и неколкуте интервенции и јавни дебати и расправи за подобрување на секојдневните општествени потреби за едно нормално функционирање на нештата кои за жал и во 21-от век се трн во око во некои сегменти од животот. Се обидовме да ги поттурнеме подзаспаните локални власти да излезат од кошулата за хибернација и да започнат да ги придвижуваат нештата кон општествено подобро. Само да го работат она за кое и се платени. Од нас, од наши пари, од нашиот данок.

Доколку се обидуваме да бараме некаков општествен бенефит од постоењето и функционирањето на веб порталот “Мојот Град”, тоа е исто како да се радувате на првиот пролетен ден со една ластовица под вашата стреа.Но и една ластовица е подобар знак отколку цело јато врани и лешинари. Подобро да се случува нешто отколку ништо, затоа што ништото од поодамна надвјаса над кавадаречкото небо. Оттука и велам, а воедно и жалам, што “Мојот Град” е единствената утешна општествена нишка на граѓаните oод општина Кавадарци во моменти кога се чувствуваат деградирани, омаловажени, маргинализирани и дискриминирани кога си ги бараат своите основни човекови права, а притоа институциите (што локални што централни) се глувонеми за нивните барања и потреби.

Доколку како информација (батали фалење) треба јавно да се обелодени и ако се прават некои паралели и споредби со минатите години, тогаш 2014 беше година кога порталот “Мојот Град” беше и најпосетуван од неговото постоење. Индивидуалните ставови како и локалните вести и информации се убедливо најтиражни и најчитани. Дури преку 70% од посетителите се од општина Кавадарци и околината. Тоа, навистина радува.

Катастрофалните лоши услови во кавадаречкото (и македонско) здравство, се почестите човечки жртви на работното место низ кавадаречките компании, ненаменските кредити со кои не задолжува локалната власт, зголемената стапка на криминал, социјалната неправда и сиромаштија, странските “Гвантанамо” инвестиции, се само дел од многуте круцијални проблеми со кои се соочува општина Кавадарци, одраз од централните власти.

За подобрување на сите овие државни израстоци и карциноми мораме заеднички да влеземе во борбата. Онаму каде има преркршување на законите, да реагираме. Каде има деградација на човекот, да протестираме и бунтуваме. Едноставно да се бориме за своите права.

Предизвици отсекогаш имало. За сите. Сметам дека тоа е една од водилките кои не тераат да туркаме напред. “Мојот Град”, вие, јас, сите ние, нека пркосот и паметот ни бидат движечка сила за да допринесеме заедно во подобрувањето на секојдневниот живот, враќање во колосек на нормалното и сите мали и големи нешта кои можат да допринесат за негово подобрување. Да се бориме за нашите семејства, за нашите најмили. За себе.

Ги тргам настрана сите техничко-административни обрасци во врска со “Мојот Град”. Во еден таков случај ТОЈ е мој, твој, наш, на сите нас…Сите заедно допринесуваме за неговото опстојување и функционирање. Затоа, и во новата 2015 година заеднички до нови (ситни-битни) успеси за враќање пред се на демократијата како клучна категорија во нашето општество. Потоа следуваат останатите подкатегории.

Среќна Нова 2015 година и Среќни Божикни празници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.