Србија доби преговори, Македонија загриженост

Загриженост е се’ што доби Македонија од еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, на прес-конференцијата по одлуката на министрите на ЕУ нашата препорака за преговори да добие петто одлагање и тоа ако ЕК процени идната година дека е направен прогрес околу мартовскиот договор и добрососедските односи.

„Не можам да ја скријам загриженоста. Се надевавме да осигураме договор за нов пристап околу ангажирањето на ЕУ во оваа земја. Советот реши да го врати прашањето врз основа на нова оцена на Комисијата за идниот прогрес во дијалогот на високо ниво, кој треба да вклучи остварување на договорот од 1 март и опипливи чекори за промовирање на добрососедските односи. Се надевам дека земјата ќе ги искористи наредните месеци за напредок на реформите и за работа со сите партнери за да се придвижи од статус квото, така што следните чекори на нејзиниот европски пат да бидат преземени наскоро“, изјави Филе на прес-конференцијата.

Тој беше скржав на зборови и околу идните планови на ЕУ за Македонија и дали ќе има вонреден извештај за нашиот прогрес или ќе се чека на тој во октомври, со што во старт ќе биде изгубена уште една година. Според Филе, ЕК ќе го стори тоа ако постои основа за подготвување таков специјален извештај, додавајќи дека регуларниот „ќе се издаде како и секогаш, некаде во средината на октомври“.

Претседавачот, литванскиот шеф на дипломатијата, Линас Линкевичиус, опоменат што место со БЈРМ ни се обраќа со Скопје, возврати со зборовите дека „знае што зборува, многу му се допаѓа Скопје, но такви се правилата“. Тој ни упати лекција од прагматизам, објаснувајќи дека го разбира проблематизирањето на кредибилитетот на ЕУ со ваквата одлука за Македонија, но дека и на неговата земја и’ порачувале дека никогаш нема да добие преговори и да заборави на ЕУ, но тоа не ги сменило нивните одлуки за патот по кој сакаат да одат, туку, напротив, ги користеле сите нивоа и можности и дошле таму каде што се сега.

„Мој совет е продолжите да се движите и тоа време ќе дојде“, порача тој на наша адреса. „Процесот одзема време, трпение, некогаш не се движи брзо како што сакаме да видиме, но се движи. Генерално говорејќи, гледаме позитивно расположение, но се’ уште не сме во позиција да почнеме со преговорите, што не значи дека се потценува кредибилитетот. Ова го велам од искуството на мојата земја. И ние исто минавме низ овој процес и ни беше кажано не само еднаш, дека никогаш нема да добиеме членство. Па, каков беше кредибилитетот на ЕУ во тој случај?“, нагласи тој. На истата тема, кредибилитетот на ЕУ, Филе посочи индиректно дека тој принцип го споделуваат и ЕУ и земјите- кандидатки за членство.

Наспроти ваквата одлука за Македонија, Србија доби почеток на преговори на 21 јануари, Албанија најава за кандидатски статус во јуни идната година, а Косово најава за финализирање на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Српскиот премиер Ивица Дачиќ одлуката на министрите на ЕУ ја нарече историски настан за Србија, додавајќи дека е горд што токму неговата влада успеала да ја оствари оваа цел. Од Брисел постигнувањата на Србија едногласно беа оценети како импресивни.

И редот на заклучоците за Македонија беше став на Брисел, при што на почетокот се најде оцената за политичките настани во парламентот и реформите, а на крајот за препораката за Македонија да се расправа повторно идната година. Каква е сега перспективата на Македонија во релација со ЕУ никој веќе два дена не објаснува, освен тврдењата дека таа останува како стратегиска цел на земјата. Како, тоа не се знае.

Кога и дали ќе има вонреден извештај за Македонија вчера не можеа да прецизираат и од делегацијата на ЕУ во Скопје, од каде што одговорија дека „ЕК редовно го информира Советот за прогресот во однос на прашањата поврзани со ЕУ, како тие за кои се разговара во рамките на дијалогот на високо ниво и на ССА. Ќе процениме кога ќе биде соодветно време за да подготвиме ’апдејт‘“, велат од Делегацијата на ЕУ, објаснувајќи дека за тоа прашање, сепак, решаваат Советот и претседателството, па не можат да предвидат кога ќе се случи тоа. „Според наше сфаќање, намерата е очигледно да се направи тоа пред овој период идната година“.

Грција и’ честита на Србија, ја теши Албанија

Атина – Грција веднаш по министерскиот совет на ЕУ повела иницијатива да ги извести Србија и Албанија за нејзината поддршка и залагање за напредокот на овие две држави. Шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос, веќе планира официјална посета на Белград по меѓувладината конференција за почетокот на преговори со Србија на 21 јануари како претседател со Советот на ЕУ.

Грција веќе подолг период ветуваше и најавуваше дека ќе го поддржи обидот на Србија за добивање датум за преговори. Венизелос испратил честитки до српската влада, со коментар дека овој нејзин нов успех ќе има позитивно влијание на европската перспектива на цел Западен Балкан.

Иако Албанија останува да почека до јуни за кандидатскиот статус, Венизелос испратил порака и до владата на Еди Рама дека Грција го поддржала ставот Албанија итно да добие зелено светло. Венизелос изразил подготвеност да и’ помогне на секаков можен начин на Албанија за да ги исполни предусловите поставени од ЕУ, порака која и самиот пред неколку месеци ја испрати директно од Тирана.

До Македонија не стигна ниту утеха ниту совет. Останува грчката порака дека македонската Влада требало да почне да се однесува конструктивно и да се најде решение за името.

Во Грција се прогнозира ново стагнирање и враќање наназад за Македонија. Забелешките во Атина се дека сега не сме ниту во приоритетите на ЕУ, ниту во грчките. Не се очекува нов притисок од ЕУ и САД, бидејќи постои ставот дека меѓународната јавност не ја гледа Македонија како закана за регионалната стабилност, како што би можело да биде со Косово, ниту пак како место од особен интерес како Кипар. (М.П.) 

Leave a Reply

Your email address will not be published.