Споменик на Тито кој ќе се гледа од вселената

Веста за поставувањето на полиуретанскиот (или не знам каков) споменик на Јосип Броз Тито, ноќта спроти 29 ноември, пред истоимената гимназија во центарот на Скопје, и неговото свечено откривање утредента од страна на преживеаните Титови борци и нивните почитувачи, се прошета низ македонските медиуми истакнувајќи го единствено прашањето на легалноста на споменикот. Значи, најважното прашање на 29 ноември беше дали споменикот има уредно одобрение од надлежниот државен орган, а – за фарсата да добие и безбедносен шмек – се постави и прашањето на стабилноста на споменикот, бидејќи скопското ветерче можело да го оддува Маршалот во непознат правец, причинувајќи патем кој знае какви штети? Неколку мигови откога ја изгледав веста, тој обичен сивуркав работен ден, ме порази сознанието за размерите на нашето македонско национално недостоинство и понижувачки недостиг на самопочитување, зашто успеавме најзаслужната историска фигура за настанувањето и процутот на современата македонска држава и култура, заедно со денот на нејзиниот вистински зачеток, првин да ги испоганиме со нашиот заборав и рамнодушност, а потоа да ги претвориме во панаѓурска шега и во лефтерна вест од комуналната хроника. Затоа, најважните прашања за современата национална и државна самодефиниција на Македонците – кој е најзаслужен за нашето постоење, кога сме зачнати, во име на кои вредности, и, кој и со каква цена го платил нашето постоење – тој ден останаа непоставени и неодговорени, покриени со сточниот измет на нашата плиткоумност и изгазени со копитата на нашиот сиров чифлигарски простотилак.

 

Првин за веселиот дел од веста, за легалноста на споменикот на Јосип Броз Тито, која ќе треба да ја утврдуваат органите на општина Центар, оние исти органи кои – кога со општината владееше ДПМНЕ – незаконски ги издадоа сите одобренија за десетиците споменици што спротивно на севкупниот уставно-правен поредок веќе некоја година го грдат центарот на градот. Што ќе направат кутрите инспектори на општина Центар, кога ќе излезат да ја утврдат легалноста на пластичниот споменик? Ќе утврдат дека во неуставната и ужасно незаконската општинска Програма за изградба на спомен-обележја, го нема името на Јосип Броз Тито? Ха! И што ќе се докаже со утврдувањето на фактот дека Тито го нема во најнезаконската Програма на сите времиња, со која се изградени Александар и татко му Филип, Јустинијан и уште четири дузини бесмислени споменици, онаа иста Програма со која беше суспендирана надлежноста на Собранието на РМ за градење на споменици, онаа програма со која беа на гангстерско-мафијашки начин искрадени неколку десетици милиони евра народни пари. Ќе се докаже дека споменикот е легален или нелегален? Да бевме нормална земја, да ја прележавме веќе болеста на националното лудило на самозаборавот и синдромот на мочањето на сопствениот гроб, инспекторите на општина Центар немаше да мораат ниту да излезат од своите канцеларии, зашто легален споменик денес може да биде само оној што не е наведен во нивната Програма! Од друга страна, постои ли група на луѓе со поголем легитимитет во земјава од оние старци и старици што со солзи во очите, со ордења на градите и со сеќавања на загинатите другари, му го откриваа споменикот на својот врховен командант?

 

А, 29 ноември, денот кога се случи овој дубиозен комунален скандал – денес обичен, необелeжан и непразничен ден – да ти биде Вистинскиот ден на зачнувањето на нашата денешна македонска држава. Ехееј, народе македонски! На тој ден 1943 година во босанско Јајце е донесен и стапи на сила првиот државотворен конститутивен правен документ во историјата, во кој на демиуршки јасен и децидиран начин се установува формирањето на македонската држава и постоењето на македонскиот народ. Во Одлуката бр.3 на Второто заседание на АВНОЈ, во точката 2. пишува дека „За да се оствари принципот на сувереноста на народите на Југославија, (…) Југославија се гради на федеративен принцип кој ќе обезбеди полна равноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците, односно на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.“ Сегашното официјално игнорирање на денот кога д-р Иван Рибар го ставил својот потпис на документот на нашата креација, на нашиот родилен лист, го слика општествениот контекст „на нелегалното поставување на пластичниот Тито“, на состојбата на нашата добиточна помиреност со сопственото непостоење и со повторната фашистичка окупација на Македонија.

 

Што се однесува до споменикот на Јосип Броз Тито, што повеќе да ви кажам: доколку големината и пресудноста на личниот и историскиот придонес за постоењето на Република Македонија е мерката за големината на неговиот споменик, споредено со 30 метри високиот Александар, на Тито би требале да му изградиме споменик висок 16 километри, од титаниум, иридиум, злато и платина, за да се гледа со голи очи од вселената. Зашто тој бил единствената голема историска фигура која решително ги засукала ракавите, за да ги брцне длабоко во маларичните блата на Вардарска бановина, тогаш дел од целокупна Блгарија, и од црната кал да го запали факелот на македонската државност, тој е единствениот глобален големец во бесконечното минато кому можеме да му се заблагодариме што се обидел да го воспостави и одржи во живот првото слободно и суверено македонско општество. Се обидел и – како што деновиве гледаме – не успеал за долго.

Leave a Reply

Your email address will not be published.