Состојбата со слободата на изразување е длабоко загрижувачка

Специјалниот пратеник, според неговите првични оценки бил задоволен од правната рамка за слободата на изразувањето, но е длабоко загрижен од имплементацијата и на одредбата од Уставот што се однесува на ова – член 16 и од соодветните закони, како што е последниот, Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда.

Ла Ру бил посебно загрижен за притисоците врз новинарите преку правосудниот систем, како и за два случаи што се однесуваат на новинари: постапката на надлежните во врска со истрагата за трагичната смрт на Никола Младенов и од изречената мерка притвор за новинарот Томислав Кежаровски за сомневање за кривично дело откривање на идентитет на заштитен сведок.

Според Ла Ру недозволиво е да се вршат притисоци преку постојани тужби за клевета, како што е во случајот со уредникот и новинарите во „Фокус“, особено кога известуваат и пренесуваат тврдење, како што е во случајот со поранешниот македонски амабасадор во Чешка.

Специјалниoт пратеник на Обединетите Нации исто така сметал дека надлежните треба да спроведат темелна истрага во врска со сообраќајната несреќа во која загина сопственикот на „Фокус“ Никола Младенов, а не да ја третираат како и секоја друга сообраќајна несреќа, како што бил информиран.

Воедно Ла Ру сметал дека изрекувањето мерка притвор за новинарот на „Нова Македонија“ Томислав Кежаровски е целосно несоодветна реакција на судот за делото за кое се сомничи, а особено бил непријатно изненаден од невозможноста да го посети пртворениот Кежаровски, бидејќи властите одбиле да му го дозволат тоа.

Специјалниот пратеник воедно оценил дека постојат и серија други загрижувачки постапки на властите или на сопствениците на медиумите со кои постои сериозен ризик за поткопување на правната рамка што треба да ја гарантира слободата на изразувањето.

Како такви загрижувачки постапки ги сметал проширувањето на бројот на членовите на Советот за Радиодифузија, некои решенија од Законот за медиуми што е во подготовка, рекламирањето во медиумите од страна на Владата, притисоците врз ЗНМ и врз Синдикатот на новинарите, пристапот до информации од јавен карактер и друго. Сите овие постапки за Ла Ру се недосмислен притисок врз слободата на изразување, слободата на медиумите и работата на новинарите.

Ла Ру денеска на прес конференција треба да ги соопшти ваквите прелиминарните оценки што ги стекнал по неколкудневната посета на Македонија. Целосниот Извештај на специјалниот пратеник на Обединетите нации треба да биде готов до првата половина на 2014 година.

Извор Јавност.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published.