Сонување на македонската Утопија

„Една навистина златна мала книга, забавна и не помалку корисна, за најпожелната состојба на општото добро и за новиот остров Утопија“ беше вистинскиот наслов на делото на Томас Мор, денес познато само според името на имагинарниот остров „Утопија“. Од своето објавување во 1516 година до денес, „Утопија“ стана најпознатиот топоним за непостоечко место на светот, но и најупотребуваното општо име за замислено општество со идеално уредување. Спротивно на огромната слава на името и значењето на поимот „утопија“, содржината на славното дело како да падна во заборав, иако стварноста на дваесет и првиот век уште како ги чини актуелни напорите во замислувањето на неоствареното државно уредување на општото добро и благосостојба.

 

Мор ја замислил својата Утопија како остров некаде до тукушто откриениот Нов свет, со големина приближна на нашата Македонија, со општествено уредување кое се темели практично на три принципи: слобода и еднаквост помеѓу луѓето, повеќестепена претставничка демократија и – кое изненадување – непостоење на приватна сопственост. Засновајќи ја својата политичка фантастика врз овие основни морално-политички принципи, Томас Мор создал визија за општество во кое сите граѓани живеат во хармонија и среќа. Луѓето во Утопија сè што им треба си набавуваат бесплатно од стоковни куќи, здравствената грижа и школувањето се општи права, стапувањето и раскинувањето на браковите е слободно и доброволно, а дозволена е и болничката еутаназија (!). Својот презир кон неправдите создадени од сопственоста на материјалните блага Утопјаните го изразуваат така што осудените криминалци ги врзуваат во синџири од чисто злато, а од истиот материјал се направени и сите ноќни садови и тоалети. На вратите од куќите нема брави за заклучување, додека домаќинствата ги менуваат домовите секои десет години, за да не се врзат емоционално за нив и не создадат чувство на сопственост. Може слободно да се каже дека – освен поединечните уметничко-филозофски куриозитети на Мор – не постои ниту едно право кое го уживаат имагинарните граѓани на Утопија, кое денес – во најголемиот дел од светот – не е сеуште предмет на страствено сонување. Особено кај нас во Македонија.

 

Кај нас во Македонија, како што веќе сите знаеме, структурата на авторитарниот режим на Груевски се темели врз нееднаквоста на граѓаните, врз зголемувањето на разликите помеѓу богатството на елитата и сиромаштијата на народот и врз субординативната пирамидална структура на власта. Во овој патријархално-семеен авторитаризам се изопачени темелните поставки на демократијата, па наместо уставно гарантираната автономност и независност на институциите на трите уставни власти – законодавната, извршната и судската, власта во Македонија ја карактеризира потполна подреденост на една неформална власт – на „главата“ на фамилијата. На тој начин семејно-партиско-полицискиот режим на Груевски практично ја окупира и ја откраднува државата од народот, па следствено, Македонија и Македонците ги смета за легитимен плен, како приватна сопственост на којашто има неограничено право на владеење.

 

Ваквата структура на власт – спротивна и инверзна на уставната демократија – сите вредности и доблести ги редуцира на еден изопачен критериум за селектирање на луѓето, кој потекнува единствено од позицијата на поединецот во семејно-партиската структура на власт. Како последица на наопаку извртениот систем на вредности, се суспендираат сите компетенции, знаења и искуства, па на челните позиции во општеството доаѓаат оние од моралното и интелектуалното дно, на сметка на доблесните кои се маргинализираат. Поради тоа, сите можни стручни и одговорни функции во државата ги заземаат зелки, трупки и `рдокви, билмези, гуланфери и дунстери, безделници, бездарници и безумници, ебиветри, копуци, дибеци и дудуци, дебили, имбецили, кретени и идиоти, искомплексирани ништожници и други некомпетентни будали. Сите тие скудоумници се на тие позиции, не поради нивните способности, познавања, референци или доблесност, туку пред се поради сервилноста и лојалноста кон фамилијата.

 

Во темните зори на Новиот век, Мор ја проектирал својата христијанско-комунистичка политичка утопија со единствена метода: тој замислил општество кое според своите основни вредности и односи, е сосем обратно на грдите општествено-политички состојби кои реално постоеле во раниот шеснаесетти век во Европа. Ако сакаме да ја замислиме македонската Утопија на дваесет и првиот век, и да го конструираме македонското општество на „блаженство и среќа“, треба само да ја примениме истата метода со која Томас Мор ја креирал неговата Утопија: да направиме комплетна вредносна инверзија и отфрлање на поставките на партиско-полициската држава на Груевски и ДПМНЕ. И што ќе добиеме, како ќе изгледа македонската Утопија? Македонскиот историски остров на „општа среќа и благосостојба“ ќе биде Македонија пред Груевски и ДПМНЕ, којашто – за разлика од имагинарната Утопија на Томас Мор – ќе излезе дека е веќе реализиран и одживеан сон, чиешто сонување е денес режимски оневозможено и забрането. Демократијата под режимот на Груевски стана македонската Утопија, чиешто повторно реализирање во стварноста ќе биде можно по отсекувањето на груевизмот – како историски тумор на злото – од ткаењето на македонското општествено и културно постоење. Денес тоа е единствениот сон вреден за сонување во Македонија и единствената политичка програма вредна за борба.

Leave a Reply

Your email address will not be published.