Сонот – прочистувач на мозокот
Американскиот тим на истражувачи верува дека “системот на отстранување на отпадот” е една од основните причини за спиење.
Нивната студија, објавена во магазинот “Science”, покажа дека клетките на мозокот во текот на спиењето се смалуваат за да може да се отворат шуплините меѓу невроните и да им се овозможи на течностите да го “исчистат” мозокот.
Исто така, тие сметаат дека неуспехот да се исчистат сите токсини е еден од факторите кои доведуваат до пореметување на работата на мозокот.
Научниците тврдат дека мозокот има посебен систем на цевководи, т.н. “глимфатички систем”, кој го отстранува отпадниот материјал и е 10 пати поактивен во текот на спиењето.
Таканаречените глијални клекти во мозокот, кои ги одржуваат нервните клетки во живот, се смалуваат во текот на спиењето.
Тоа го зголемува меѓупросторот, односно празнините меѓу ткивото на мозокот, што овозможува “пумпање” на течности и “измивање на токсините”.
Научниците веруваат дека оваа функција на мозокот е витална, бидејќи го одржува жив, но тоа не може да го прави додека умот, односно мозокот е буден.