СОЦИЈАЛНА, СЕКУЛАРНА, 70 ГОДИШНИНА АСНОМ РЕПУБЛИКА
Насловот го разбирам како тема, односно како можност за обнова на Македонија како граѓанско општество, култура (во најширока смисла) и нов систем на вредности
За разлика од другите Социјалистички земји, Македонија после падот на Берлинскот sид и падот на комунизмот, не’ резултираше со обнова на граѓанско општество (во целост), култура и систем на вредности, туку во историска смисла – отиде чекор наназад. За да разбереме што значи „чекор наназад“, треба да го разбереме историскот контекст на минатото како би можеле да ги „означиме“ историските инерции денес, во нашата „реална“ држава Македонија. На што всушност мислам? Ако комунистичкото движење се’ уште е дел од светските процеси, изразот на „еманципација на пролетаријатот“ и „секуларната интелегенција“ кај нас мора да заживее во една „жива традиција“ која ќе се држи токму на тие вредности за кои ќе се залагаме: еманципација, секуларност (државата одвоена од црквата), културата (во нејзината најширока смисла, а не само на образование, филм, театар, книжевност, разни други уметности), правна држава како и институции кои ќе бидат исклучиво сервис на сите граѓани.
Денес, пак, Македонија е скриена позади „димната завеса“ која продуцира лажен повеќепартиски систем како и уште полажна парламентарна демократија, киднапирана држава, која ја водат „револуционери на лумпенпролетаријатот и битангите“.
„Секуларната“ политика во Македонија
Кој се моли на Бога, а не во себе, тешко нему и’ на државата, рече умниот човек. Имено, Слободното Општество се осудува самото себе на смрт во оној момент кога неговите граѓани ќе престанат, да без црни примисли ја „конзумираат слобода“, односно кога ќе почнат да и’ се плашат, да калкулираат со неа. А се знае што е злочин во слободно општество: тоа го пишува во секој Кривичен законик! Се останато е на „Повелете“! – а државата е тука да го штити секој еден кој е загрозен само поради тоа што „сериозно ја разбира сопствената слобода“. Што сакам да кажам? За да разбереме како стигнавме до ова дереџе и зошто луѓето се плашат од слободата, да ја земеме за пример Француската нација, и да го споредиме Францускиот национализам со нашиот, македонски национализам; ќе видиме фасцинантна незаинтересираност на татковците и мајките на нацијата за добробит на народот македонски. Ако површно ги анализирате процесите ќе видите дека овде не’ владее никаква идеологија, поточно – отсуство од било каква смислена идеологија, освен под идеологија ако не се подразбира секојдневното кукање над поразите изминатите години и децении.
Од своето настанување па се до денес, Македонија не успева да постои сама за себе; да самата на себе биде цел, да внатре во својот создаден простор создаде реално поле за културен и политички живот. Песеводоелитите – или оние кои реално се разбираат во геополитика – никако да сфатат дека Македонија не може да биде исто како геополитичка целина и’ Македонија како географски поим. Ова неразбирање секогаш Македонија ја води кон ПРОТИВ, кон негација, било да се работи за црквата било за државата. Нашето ЗА е секогаш ПРОТИВ; против ЕУ, против НАТО и слично. Така ние го разбираме „националното обединување“, единствено како ПРОТИВ. Овие историски дивергенции не и’ се туѓи и’ на ЦРКВАТА. Да видиме како тоа Европа, или она што е цивилизиран свет мисли: нема една и единствена религија, како еден и единствен Бог. Не може, односно не смее Црквата да биде во кохабитација со државата. Не може еден свештеник, поп, владика и други црковни лица да зборува за политички прашања од таканаречената „реал политика“ кои ги засегаат граѓаните на Македонија.
Во земја која се стреми да биде Европска, државата е одвоена од црквата. Ниедна верска заедница, било да се работи за малцинска или мнозинска на една територија, не може своите интерни (внатрешни) правила да ги наметнува на другите луѓе, ниту може своите световни верувања да ги наметнува на другите луѓе без разлика дали се работи за личности, за феномени, за некои верувања, и дали и како некои легенди се случиле, или неслучиле на некое место, време или територија. Другите луѓе, пак, го имаат секое суверено право, било приватно, било во јавниот простор, на разни начини, вклучително и’ со сатиричен третман, да се однесуваат спрема Црквата.
Социјална држава
Ќе дадам еден пример како не би се расплинувал во теориски заврзлами, општи места и ментални интроспекции. Пред некои месец дена, а тоа го имаше и во јавноста, угледна граѓанка од Ромска националност беше запрена на граница, односно беше на „проверка по сите шавови“ од македонските власти – не’ и беше дозволено да патува кај нејзината сестра во Германија. Сакам да кажам дека ова е една од најфрагилните појави кај нас. Овие луѓе мора постојано да се објаснуваат низ сите граници и секогаш се сомнителни. Познавам, исто така и’ Албанец – не знам точно каков пасош има – треба да оди кај неговиот татко во Загреб, па на контролорите им вели дека ќе влезе во 2 часот, а ќе излезе во 3. Тој, имено, смета дека со тоа што им кажува на надлежните, и со тоа што им се објаснува, дека неговата ситуација ќе се промени, без разлика што има уредни документи, како би можел слободно да ја премине оваа или онаа граница.
Европа имено зборува токму за овој проблем – ама бидејќи тука е се малечко, се клаустрофобично – тешко ги приметуваме овие дипотрии. Имено, „пермисивноста“, проодноста на просторите на Европа e политичка замена за еден простор кој е наменет за сите, за тоа колку е убаво, на пример што меѓу Германија и Франција нема претресувања, нема ограничувања, се’ движиш а несфаќаш дека минуваш граница.
Од друга страна, тука на овие простори, ние живеевме во една држава, a ти, денеска, приморан на секоја дежурна будала да и’ се објаснуваш кој си, каде ќе отседнеш, колку време ќе се задржиш… Ова е типичен симптом на „класна диференцијација“ затоа што автоматски си социјално деградиран. Полицијата исто така не се однесува према сите исто: ако си во автобус еден e третманoт, во автомобил друг, во авион трет итн. Се разбира, може да се продолжи понатаму, но класниот проблем останува.
Асномска Република како инкарнација на „Добра Република“ – социјална, секуларна, модерна, европска
Асномска Република мора да се бори за својата зрелост, за своите вредности: секуларизам, Европа, модерност и социјална правда!
Ако се залагаме за овој концепт, верувам дека сите останати ќе бидат само гости во еден нов свет кој е можен, свет во кој искрено верувам! Меѓутоа, мора да се биде свесен дека во денешниот свет не се променија „актерите“, туку се промени целиот политички амбиент. Асномска Македонија мора да го „промени јазикот“: јазик спремен за нови вредности!
Асномска Македонија, или можеби „Трета Република“ мора пред се’, да биде жива и здрава, и’ да биде најдоброто нешто на својот пат, а притоа да биде тврдоглава и’ да не ја пушти Македонија на тиквите и зелките. A што се однесува до мене, јас се канам да бидам „внатре“, на начин кој е за мене најпримерен: авторски, ако сакате и „вредносно“.
Покрај се’, се радувам на оваа агенда за еден нов свет, и наречете го како сакате, се додека почива на вистински вредности!