Со колкав арсенал оружје располага Мијалков?

пишува Мирјана Најчевска

Улогата на полицијата и службениците на аеродромот во случајот “Мијалков и пиштолот“ е важна работа. Меѓутоа, не смееме да дозволиме да ни го сврти вниманието од онаа многу поважната, а тоа е фактот дека Мијалков го прекршил законот. Само заради ова истражните органи би требало да поведат постапка и да дознаат:

1. Со колкав арсенал оружје располага Мијалков. Навистина не е сеедно дали човекот располага со еден пиштол, со 2, со 20 или 100 (а да не зборуваме за можноста да располага и со други видови оружје).

2. Дали тоа оружје го поседува согласно Законот за оружје (член 9 и 13)?

3. Дали во некој момент не е исполнет членот 12 во врска со можноста носителот на оружје да го загрози јавниот ред и мир (постојат други околности кои укажуваат дека оружјето може да биде злоупотребено, а особено кога лицето е регистрирано во евиденцијата на надлежните органи за често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции; потешко нарушување на односите во семејството, образовната установа или на работното место и слично)?

4. Според член 28 “Сопственикот или корисникот на оружје е должен оружјето да го одржува во исправна состојба, внимателно со него да ракува и да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица.“. Во конкретниот случај самиот Мијалков ни соопшти дека не го почитувал овој член, односно пиштолот му бил заборавен во некоја торба.

5. Според членот 31 “Сопственикот или корисникот на оружјето е должен пренесувањето на оружјето да го врши на начин што оружјето, ако технички е можно, мора да биде расклопено, односно цевката да биде одвоена од механизмот за затворање, а ако не е можно муницијата да биде одвоена од оружјето.“.
Во случајот на Мијалков, оружјето не само што не било расклопено, туку во него имало и куршуми. Што е натамошно повредување на Законот за оружје.

6. Понатаму, според истиот 32 член “Забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот.“. Тоа што Мијалков заборавил дека носи пиштол не го намалува прекршувањето на законот.

7. Според членот 32 “Лицето кое со себе носи оружје е должно да ја носи дозволата за оружје, односно дозволата за носење на оружјето, издадена согласно со овој закон“. Тоа значи дека е прекршен и овој член.

8. Според членот 42 од Законот за оружје “Надлежниот орган ќе донесе решение за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје, односно дозволата за носење на оружје и потврдата од членот 27 став 2 од овој закон во случај кога ќе утврди дека лицето: ги крши обврските утврдени со овој закон.
Бидејки Мијалков прекршил повеќе членови од овој закон, прво нешто што мора под итно да се направи е да му бидат одземени сите дозволи за поседување оружје и сите парчиња пружје кои во моментот ги поседува.

9. Според членот 61: “Ако полицискиот службеник при преглед на физичкото лице од ставот 1 на овој член, односно при преглед на превозното средство на лицето, пронајде оружје и муниција што не е пријавено, односно за кое не е доставено на увид издаденото одобрение од надлежниот орган, со решение привремено ќе го одземе оружјето и муницијата до завршувањето на прекршочната постапка или кривичната постапка, со правосилна одлука.“

Моето прашање е: дали и каква постапка е поведена против Мијалков? Затоа што законите се еднакви за сите. Нели?

(Текстот е превземен од фејсбук профилот на авторот)

Leave a Reply

Your email address will not be published.