Смрт од заебанции и мака!

пишува Бранко Тричковски

Човекот мафташе со благо подвитканите раце и чекореше шаткасто, неприродно шаткасто. Мислев дека нешто ми покажува, но кога се доближи на два-три метри, сватив дека ми гледа преку рамото и дека му се обраќа на некој човек зад мене.

– Гледај, гледај- викаше низ устата отворена во широка насмевка- ова е главната фора, овој чекор, хахаха, гледаш- рече и уште понападно ги отвори стопалата, безмалку под 180 степени, а рацете ги обеси во мајмунски став во кој дланката е свртена во однос на правецот на движењето како весло кое граби вода.
И други минувачи почнаа да му обрнуваат внимание. Беше малку пред десет, на половина пат меѓу “Соравија” и излезот од Градскиот трговски центар кон грозотијата и срамот на плоштадот, повеќето продавници веќе беа отворени, некои се спремаа да отворат, имаше доста луѓе.
” Гледај, гледај, а, како ти изгледа ова, а, ти личам ли на човекот, ова ни Џин Кели, ни Мајкл Џексон не го можеле, хахаха”- се кикотеше човекот.
Тие покрети мене ми личеа на движењето на двајца славни луѓе: Скитницата Шарло на Чарли Чаплин и вршителот на должноста премиер на Фиром, Никола Груевски. Не знам зошто веднаш го отфрлив Шарлота на Чаплин како предмет на утринската заебанција на младите скопјани.
Тој мал перформанс на отворената сцена во Трговскиот центар ми покажа поубедливо од сите анкети, дека луѓето решиле да се ослободат од фамозниот страв, да се истушираат на сонцето на слободата и да го симнат тој кир на стравот и срамот, да удрат малку на заебанција, на спрдачина, на хумор, да удрат малку на куроболење за работните места и за сите други релации со власта и со нејзиниот шеф освен за исмевањето, животот е краток, да си го направиме малку поубав, тие резони зрачеа, да и фигурата на премиерот, тоа деконструирање на неговата позиција и на неговата личност и моќ, тоа кинење на парченца од неговото тело и од неговата душа, тоа бавно убивање на злотворот и на злото и никнење на супериорноста кај оние што до вчера умираа од страв. Кога тие сили ќе се ослободат, му нема спас на тој кон кој ќе се насочат, го умираат од мака!

Leave a Reply

Your email address will not be published.