Слободата е фамилијарен плурализам?

Минатата колумна ја посветив на “моето размислување во моментот додека пешачев“. Потоа се дигна бука и бес, па можам слободно да кажам дека повеќе нема да “пишувам и’ пешачам“; од денес само ќе подрипнувам од една на друга нога – “симболички преведено“ – Џек Николсон сликовито ни објасни што значеше тоа и’ како тоа изгледа во филмот As good as it Gets, но, верувам дека сега не е момент да ги објаснуваме опсесивните-компулзии и’ глумечкиот раскош на Николсон Џек. Во моментов, нашиот “патриотски“ ум има паважни работи.

Во Македонија слободната мисла е неслободна во правата смисла на зборот. Ако добро се’ разбирам во овдешните политички контексти – ласкајќи си себеси дека се разбирам – со години не’ убедуваат дека поимот “слобода“ ги содржи трите работи: 1. Државата не е под туѓа окупација; 2. Не си во затвор; 3. Се е слободно и секој работи што му падне на памет а за тоа не сноси никаква одговорност.

Слободата имено е многу покомплексен проблем па дури и ако подразбира отсуство од странска окупација и слобода на движење; самата слобода не се исцртува на овие две претпоставки, како што преовладува овдешното сфаќање: директна закана на слободата на говор затоа што ја загрозува слободата на другите.

Комшија, имам впечаток дека треба малку појасно. Имено се’ одомаќини овде размислувањето дека рајата има да се задоволи (па дури и до небеса да се радува) со фактот дека земјата не е окупирана и дека слободниот не е на робија. Оваа претпоставка е “резервирана“ за владејачката структура, нејзините роднини, потрчковци и клиентела. Па, оди ти после побуни се’, ќе се појави некаков опскурен портпарол да ти заурла: Што е? Што сакате? Не сте во затвор. Земјата не е окупирана. Се е слободно. Рака на срце, во Македонија е поприлично слободно. Можеш слободно на Фејсбук да се sвериш во нечие деколте; можеш слободно да данлоудираш порно филмови со разна тематика, можеш да се прибереш дома во 6 часот наутро, ама оној момент кога ќе одлучиш да критикуваш некоја политичка кабадаја во сопствената дремка, е потоа нема веќе слобода. Наброзо ќе ги нема и тие весници. За да се уништи некаков портал или дневен печат, никаков закон тука не помага. Плашливоста е закон која докажува дека тука никаква реклама не’ може да има ако медиумот има критички правец. А и врапци ќе ти кажат дека ако нема реклами не’ може и да има весници и(ли) портали.

Овде има премногу луѓе кои се над, под и покрај законот, за да би можела Македонија вистински да биде слободна земја. Фамилијарен плурализам – одлична дефиниција за овдешниот политички систем; немаш ти појма комшија кога системот ќе стане репресивен, начелно, само ти се чини дека е слободно, но кога ќе распалиш, од зад грб ти се враќа, како сопствената сенка.

Ако власта и државната администрација вршат работа која е завиена со превезот на мрачни тајни, кој е толку блесав да очекува дека нивното господарење со јавните работи ќе биде прозирно и одговорно?! Ако една опскурна и тоталитарна партија, како ДПМНЕ на Груевски, непрестано се промовира како Апсолутен тумач и практикант на демократија, па ако тоа (во духот на фамилијарниот плурализам) се’ прифаќа и толерира здраво за готово, тогаш ни ублажувањето на имање или немање на Слобода на говор нема ништо да промени.

Конечно, ако во оваа земја не’ постои јавност во права смисла на зборот, а не постои; ако наместо јавност имаме воајерски, парохијални и претполитички воајеризам, тогаш не’ можеме да очекуваме ниту граѓански слободи, а уште помалку вистинска слобода на весниците и(ли) порталите. Освен ако под слобода на говор се подразбира во кое село Пичковица Груевски sвизнал гол, или какви бермуди Бучковски Владо купил за летување. Летување и шутирање голови се приватни работи на Груевски и Бучковски. Ама нивното политичко делување не е. Ништо не инсинуирам (оти ништо и не знам) ама лично би сакал да прочитам нешто за нивните државни и парадржавни работења на споменативе господа.

Дали е јавност “Вечер“ која стана sидно весниче на владеачката гарнитура? Дали неделникот “Република“ е јавност – сервилен билтен на разно-заразни идеологии? Да ли се јавност сите други печатени весници само како не би се замериле со некојси главоња кој би можел да се јави на УЈП за моментално да престане да се рекламира кај шпиунот и кодошот? А за телевизиите претворени за масовна кретенизација – поарно и да не говорам.

Ако еден ден, во што се сомневам, нешто се промени на подобро, медиумите сфатат дека повеќе им се исплати да се посветат на истражувачко новинарство, на објавување на афери, криминали и лоповлуци на политичките пропалици, отколку да се занимаваат со Млечните Жлезди на Сораја, деколтето на некоја певљка и дечковците на Сандра Булдог, би можело да се случи да влезат во историја.

Кога ќе дојде време треш-весничињата да бидат пацифизирани, нема да видиме ниеден кој ќе дрдори како сме успеале да ги згазиме Грците, какви успеси сме имале во дипломатијата, како владата се грижи да ги нахрани гладните на Камениот мост, нема да ги гледаме како-што-ги-гледаме разните сланинијади, роштилијади и останати овци со две глави. Потоа ќе има успешни спортисти да го пополнуваат тој простор, а кога нема да го има ни тоа – ќе се јави Миленко со километарски долгите репоратажи за Алка Еда, кој го уби Кенди и што навистина се крие измеѓу конфликтот на Сунитите и Шиитите. Тука е неизбежниот  Александар Груевски Македонски, Ниче Иванов Горге и Латас Латасовиќ, да паламудат за Ракетниот штит и да пишуваат дојава за сите шпијони и кодоши.

Ова е иднината на нашите медиуми, односно ова е иднината на нивните медиуми. До кога бре вака кошија? Се’ додека не се појави некој чичко со две глави и четири рога, е дотогаш, комшија!

Leave a Reply

Your email address will not be published.