Слободан Унковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа: луѓето се будат од хипноза

Професоре Унковски, на Македонија ѝ се случија масовни студентски протести, коишто власта веднаш ги окарактеризира како партизирани. Вие ги поддржавте студентите, бевте со нив низ улиците. Како го разбирате обидот на власта секое кревање на гласот да се врами во категоријата „партизирана”?

 

Она што го гледате во светот е одраз на вашиот поглед на светот. Не можете да препознаете други работи освен она како што вие се однесувате или како што вие ги редите работите, така што ако целиот нивен свет е партизиран, партиски, ако тоа е нивниот идеал и модел на владеење, тогаш само тоа можат да го видат. Ако нешто се случи, мора да го стават во такви рамки и на тој начин да пробаат да го компромитираат. Студентските, и можете да кажете за разни други протести, дека се вакви или такви, меѓутоа за студентските навистина тоа не можете да го кажете, бидејќи тие, не само што настапуваат без никакви партиски обележја, туку настапуваат со автентична енергија и со состав кој импресионира и кој никако не е партиски по сите елементи. Бев таму, видов, бев да ги поддржам не заради екстерното, туку бев да ги поддржам да го изразат своето мислење, затоа што мислам дека е многу важно во Македонија да дојдеме во фаза сите да ги го кажат своето мислење без страв, без колебање, без задршка и да не биде мислењето дадено од некого, туку да биде автентично генерирано. Кога власта кажува дека е партиски обоено, таа мора да си даде себе си објаснување, зошто инаку другата варијанта би била да сфати дека не ја сакаат, дека не им се допаѓа, дека не им се допаѓа тоа што го прават, а мислам дека Универзитетот и образованието тоа го суредија до максимални граница.

 

Значи до кога партијата ќе биде пред интересите на граѓаните? До кога политиката ќе биде поважна од политиката и спортот, а квантитетот ќе му пркоси на квалитетот?

 

Затоа студентскиот марш и Студентскиот пленум е значаен, бидејќи го пука големиот балон на една надуена ситуација. Ја покажува суштината дека кралот е гол, го открива тоа и го покажува непостоењето на каква било идеологија, апсолутно ова што се прави не е идеологија на ВМРО, на пример. Тоа е идеологија која се базира на пари, на раководење со пари и на влијание и на ширење на власт, базирано на разни идеи кои сигурно не се државни. На таа линија мислам дека е врзан и целиот тој корпус на прашања со управување, со контрола на сè, од спортски клуб до универзитет, со сите области на животот. Тоа ги покажува манијакалните состојби на оние што ја водат државата, значи тоа не е веќе нормална состојба, зашто има мерка на потребата да се контролира, не, сè мора да се контролира до крај, сè мора да биде под контрола, сè мора да се решава од едно место и тоа станува неподносливо. Некои тоа го почувствуваа пред осум години, некои тоа го почувствуваа денес, некои ќе го почувствуваат понатаму, меѓутоа факт е дека од таа една комплетна контрола веќе го снемува воздухот за дишење, а камоли за какво било одлучување и затоа студентскиот марш, односно кршењето на прозорот за да влезе воздух е значајно и отвора една нова надеж во менување на состојбите, не околу екстерното или државниот испит, туку околу состојбите и демократијата во Македонија, и во тоа е, според мене, најзначајното движење што го прави, а притоа навистина сум импресиониран од тоа како ги избегнуваат сите стапици на каква било политизација. Се разбира нивната акција е политичка, меѓутоа не подлегнуваат и апсолутно не се слагам дека се под чија било контрола.

 

Имате ли од друга страна впечаток дека девизата секој против секого или онаа хобсовата „човек на човека му е волк” се премногу одомаќинети во македонското општество?

 

Тоа се генерира, тоа не е нешто што мора да биде типично, не е нешто што кога било било толку доминантно, значи тоа сега се генерира и на тој начин, ваков еден систем мора да се храни и да живее со непријатели, значи ако ги нема ќе ги измисли. Поголемиот број на непријатели прави поголема храна за структурите и популистичките структури секогаш бараат непријател, бараат друг што е виновен, бараат громобран кадешто треба да се насочи таа цела енергија и тоа се прави. И она што е за мене многу интересно во цела таа ситуација е што постојано власта генерира нови и нови луѓе коишто доаѓаат на разни позиции во државата коишто се сè помлади и помлади и коишто се сè повеќе и повеќе заслепени и сè повеќе и повеќе послушни извршители на акциите. Ме потсетува многу ситуацијата, една паралела ќе извлечам, на ситуацијата во Берлин 1945 година, кога веќе немало која војска да се изведе, туку се ваделе деца, жени, сè што може да се проба да се одбранат последните позиции. Вие сега имате во разни институции каде доаѓаат сè помлади и помлади луѓе коишто се сè посурови во тоа што го прават и тоа ја меле државата и мислам дека тоа остава траги не само на луѓето кои го поднесуваат тој товар, туку драматично ги дестабилизираат сите односи во државата и тоа има едни далекурочни последици.

 

*повеќе од интервјуто на Радио Слободна Европа, ТУКА

Leave a Reply

Your email address will not be published.