Слобода во облакот

Сите се сеќаваме на насмеаното лице на претседателот Обама, кое зрачеше со надеж и доверба, додека упорно го декламираше слоганот од својата прва кампања „Да, ние можеме!“ – можеме да се ослободиме од цинизмот од годините на Буш и да донесеме правда и благосостојба за американскиот народ. Сега, кога САД продолжува со тајните операции и ширењето на својата разузнавачка мрежа, шпионирајќи ги дури и своите сојузници, можеме да ги замислиме демонстрантите како му се дерат на Обама: „Како можете да убивате со беспилотни летала? Како можете да ги шпионирате дури и нашите сојузници? Обама ги гледа и мрмори, злобно смешкајќи се: „Да, ние можеме.“

Меѓутоа, оваа едноставна персонализација ја промашува поентата: заканата на нашата слобода, која ја откриваат „свиркачите“ има многу длабоки системски корени. Би требало да го браниме Едвард Сноуден не само затоа што со својот чин ги изнервира и посрамоти американските тајни служби. Поуката од неговата постапка е глобална и досегнува многу подалеку од стандардниот антиамериканизам. Тој ни откри што прават не само САД, туку и другите големи (и не толку големите) сили – од Кина, преку Русија и Германија, до Израел – колку што им овозможува нивната технолошка способност. Така, неговиот чин ја дава основата на нашите претпоставки дека сме следени и контролирани. Од Сноуден (или Менинг) не дознавме ништо што веќе не го претпоставуваме – но едно нешто е да се знае нешто на некое општо ниво, а друго е да се добијат конкретни податоци за тоа. Тоа е како кога знаете дека вашиот партнер ве изневерува – можете да го прифатите тоа апстрактно сознание, но почнува да боли кога ќе дознаете повеќе детали, кога ќе добиете слика за она што го правеле.

Во 1843 година, младиот Карл Маркс тврдел дека германскиот ancien regime „само си замислува дека верува во себе и бара од сите останати да си го замислуваат истото“. Во таква ситуација, посрамотувањето на оние кои се на власт станува оружје – или како што продолжува Маркс: „Постојниот притисок мора да се зголеми со додавање свест за притисокот, срамот мора да се направи уште посрамен со неговото обелоденување.“ И тоа е нашата денешна ситуација: се соочуваме со бесрамниот цинизам на претставниците на постојниот глобален поредок кои само си замислуваат дека веруваат во своите идеи за демократијата и човековите права. Она што се случува со откритијата на Викилкикс покажува дека срамот, нивниот и нашиот, бидејќи ја толерираме таквата власт, е уште посрамен кога е обелоденет.

Она од што треба да се срамиме е глобалниот процес на стеснување на просторот на она што Имануел Кант го нарекувал „јавна употреба на умот“. Во своето класично дело „Што е просветителството?“, Кант ги споредува „јавната“ и „приватната“ употреба на умот: за Кант, „приватната“ е општо-институционалниот поредок во кој живееме (нашата држава, нашиот народ…), додека „јавната“ е транснационалната унивезралност на употребата на човековиот ум:

„Јавната употреба мора секогаш да биде слободна, и само таа може да да им донесе просветление на луѓето. Приватната употреба на умот, од друга страна, може да биде ограничена во тесни рамки, но да не му наштети многу на процесот на просветување. Под јавна употреба на умот го подразбирам она што некој како научник го извршува пред читателската јавност. Приватната употреба на умот е онаа која граѓанинот ја извршува во рамки на службата која му е доделена.“

Забележуваме дека Кант не ги дели истите ставовите со нашите либерални надгледувачи. Доменот на државата е „приватен“, ограничен на посебните интереси, додека поединците кои ги разгледуваат општите прашања го користат умот на „јавниот“ начин. Оваа кантовска дистинкција е особено значајна во епохата на интернетот и другите нови медиуми, поделени помеѓу нивната „јавна“ употреба и растечката „приватна“ контрола. Во ова време на cloud системи, веќе не ни се потребни добри персонални компјутери, софтверот и податоците се достапни по нарачка, и корсниците можат да им пристапат на програмите и апликациите преку побарувачите, исто како тие програми да се инсталирани на нивните компјутери.

Меѓутоа, овој прекрасен нов свет е само едната страна од приказната, која потсетува на познатите вицеви за докторот кој ги соопштува „прво добрите, а потоа лошите вести“. Корисниците им пристапуваат на програмските апликации кои се чуваат некаде далеку, во климатизираните простории со илјадници компјутери – или, да го цитираме пропагандниот текст за cloud системите: „Деталите се радвоени од потрошувачите, кои веќе немаат потреба за стручност или контрола над тешнолошката инфраструктура ‘во облакот’ кој ги поддржува“. Тука има клучни два збора: раздвојување и контрола – за да се управува со облакот потребно е да постои надзорен систем кој ќе го контролира неговото функционирање, а тој систем е по дефиниција, сокриен од корисникот. Колку што малиот уред (паметниот телефон или таблетот) во мојата рака е поперсонализиран, толку е полесен за користење, „потранспарентен“ во своето функционирање, па толку повеќе и целата апаратура се потпира на работата која се врши на некое друго место, во огромните кола на машината кои го координираат искуството на корисникот. Колку што нашето искуство е помалку отуѓено, спонтано и транспарентно, толку повеќе е регулирано од невидливата мрежа под контролата на државните служби и големите приватни компании кои ја следат тајната агенда на државата.

Ако го следиме патот на државните тајни, порано или подоцна ќе стигнеме до онаа пресудна точка каде што и прописите кои одредуваат што е тајна и самите стануваат тајни. Кант ја формулирал оваа основна аксиома на јавното право: „Сите дејности кои се однесуваат на правата на другите луѓе се неправедни доколку нивниот принцип не е во склад со јавноста“. Тајниот закон, законот непознат на своите субјекти, го легитимира арбитрарниот деспотизам на оние кои го спроведуваат, на што укажува и насловот на неодамна објавениот извештај за Кина: „Дури и прашањето за тоа што е тајна во Кина е тајна“. Непослушните интелектуалци кои известуваат за кинеската политичка репресија, еколошките катасторфи, руралната сиромаштија итн., се осудуваат себеси на повеќегодишни затворски казни заради објавување на државните тајни, а замката е во тоа што многу закони и прописи кои ги регулираат државните тајни и самите се доверливи, па со самото тоа поединците не можат лесно да препознаат кога и како ги прекршуваат.

Оваа сеопфатна контрола над нашите животи и не е толку опасна поради фактот дека ја губиме приватноста и дека сите наши интимни тајни се достапни на погледот на Големиот брат. Не постои државна служба која би можела да спроведува таква контрола – не затоа што не знае доволно, туку затоа што знае преногу. Самите податоци се преобемни, па и покрај сите комплексни програми за детектирање сомнителни пораки, компјутерите кои регистрираат милијарди податоци се премногу глупави за да ги протолкуваат и проценат правилно, што води кон апсурдни грешки, а невините набљудувачи се обележани како потенцијални терористи – со што државната контрола над нашата комуникација станува уште поопасна. Не знаејќи зошто, не правејќи ништо противзаконско, можеме одеднаш да се најдеме на списокот на потенцијални терористи. Сетете се на легендарниот одговор на уредникот во еден од Херстовите весници, кој на прашањето на Херст зошто не сака да го користи одамна заслужениот одмор одговорил: „Се плашам дека ако одам ќе настане хаос, сè ќе се распадне, но уште повеќе се плашам дека ако одам, сè ќе продолжи како и секогаш и без мене, што би било доказ дека не сум ни потребен!“ Нешто слично може да се каже и за државната контрола над нашите комуникации: би требало да се плашиме дека веќе ќе немаме тајни, дека државните служби знаат сè, но би требало уште повеќе да се плашиме ако не успеат во тоа.

Затоа „свиркачите“ играат пресудна улога во одржувањето на „јавниот ум“ во животот. Асанж, Менинг, Сноуден… тоа се нашите нови херои, идолите на новата етика која ни е потребна во времето на дигитализираната контрола. Тие повеќе не се само „свиркачи“ кои им ги откриваат слуачите на незаконски постапки во приватните компании (банките, нафтените претпријатија, компаниите за тутун) на јавните власти; тие ги разоткриваат токму тие јавни власти кога овие започнуваат да се занимаваат со „приватната употрена на умот“.

Потребни ни се повеќе такви луѓе – во Кина, во Русија, насекаде. Овие држави се порепресивни од САД – само замислете што би му се случило на некој како Менинг пред рускиот или кинескиот суд (сосема е веројатно дека не би ни имало јавно судење). Меѓутоа, не би требало да се преувеличува милоста на САД. Вистина, тие затворенци не се третираат толку брутално како оние во Кина или Русија – поради нејзината технолошка напредност, на Америка едноставно не ѝ е потребен отворено брутален пристап (иако е повеќе од подготвена да го употреби кога ќе се укаже потреба) – невидливата дигитална контрола сосема добро ја завршува работата. Во оваа смисла, САД се поопасни од Кина бидејќи нивните мерки за контрола не се перцепираат како такви, додека кинеската бруталност се искажува отворено.

Значи, не е доволно да се употребува една држава против друга (како што направи Сноуден, користејќи ја Русија против САД). Потребна ни е нова Интернационала – алтернативна мрежна за организирање заштита за „свиркачите“ и ширење на нивните пораки. „Свиркачите“ се нашите херои бидејќи покажуваат дека ако оние на власт можат да нè контролираат, тогаш и ние можеме да се спротивставиме и да ги натераме да се загрижат.

Leave a Reply

Your email address will not be published.