Слобода на едно сеќавање

Прво дојде храмот на кошарката, тој храм не беше рушен (требаше да знам!) – тогаш не знаев – соништата кои се сонуваа за Лондон, Париз, Њу Јорк, се рушија пред силината на реалноста, ограничувањата; потоа дојде друг храм кој беше создаден за култура – култура сфатена во најширока смисла – е него го рушија! Oти сега е време на Боксери, а не’ Бекети!

Знаете какви се приказните со книгите (тогаш и ова не го знаев!): не те оставаат рамнодушен! Тие се како заљубувањето: ти се руши светот и културниот образец кој претходно си го познавал, образец кој те обликувал, те оформувал; почнуваш од почеток, одново и одново. Книгите…, те издаваат, човеку, ти се руши сето што претходно си го и сонувал! Такво е и пишувањето. Такво е и читањето. Такво е и мислењето. Кога пишувањето, читањето и мислењето не би биле такви, немаше да постојат.

Ми звучи смешно, ама шала на шала – секуларна вистина е! Претходно сакав напумпани кожурци и железен обрач на висина од 3. метри. Не повеќе. Ми се изгуби целиот свет што претходно го знаев. Се изгуби и тоа јас, или тоа нешто што беше тогаш, наречи го кошарка, сон, бунило, илузија… човек. Сега сонувам за пишување, книгите во нивната најсуштествена форма; тука е филозофијата, историјата, космологијата… предаден сум! Знаете што, незнаењето и стравот пред непознатото воопшто не е наивна, комична и без смисла – тоа е главниот извор на нетрпеливост – непресушен резервоар на предрасуди. Еве на пример, научете јазик и вие веќе сте продреле во еден нов свет, и тоа не е никаква романтична фаза. Знам, не помага на секому, има луѓе кои ќе земат па ќе ја превртат цела-земјина-топка, што физички што со образование – а всушност не осознаваат и не чувствуваат совршено ништо, остануваат исти Токмаци како што се наоѓаале на самата почетна точка од која стартувале; но има и такви, кои промената т.е. проширувањето на перспективи ќе им го промени нивниот внатрешен свет, па ќе станат малку други, малку подобри луѓе, оти ќе успеат барем малку од малку да ја видат Сложеноста на Работите или, вокабуларот на онај Другиот. А Другиот базично е онај исти. Зарем ова осознавање вреди толку многу труд? О да, ако нешто вреди – тоа вреди. Ако нешто помага – тоа помага.

Верувам во максимата на Хегел дека единствено “каменот не е подложен на промени“, но верувам и во онаа на Чехов која вели: “(…) околности, околности“! Куриозитет? О, знам. Немам појма дали некој во меѓувреме ми баел, ставил некакво апче во чајот и кафето, а можно е пак и тоа – да од моето кошаркарско “образование“ – со помош на некаква Тибетанска мирудија на Дајал Лама, се’ преобразам (?), кој ќе го знае, и директно од храмот на кошарката да осознаам еден друг храм, и тоа замислете, каква ароганција – храм на културата!

Имено, овие денови читам “Фокус“ и гледам слики како Културниот центар “Точка“ е уништен, во град кој се нарекува Главен, од режимските балвани. Го гледам зјае, во сивило и ништожност! Во оној ист центар во кој го открив сето ова погоре напишано. Сиот овој и сличен свет. Во центар во кој ја осознав интелектуалната и концептуалната уметност. Во центар во кој запознав брилијантни и прекрасни луѓе за кои никогаш, ама никогаш не сум знаел дека постојат – не мислам физички, како луѓе, се разбира – туку мислам на духовната интерпретација на луѓе благородници – луѓе од културата. И што сега да си кажам на себе, “што да кажем мајци што ме нема?“ (Џ. Рамадановски), што да им кажам на годините што изминаа и што да им кажам на оние груевистички варвари кои не знаат ништо друго освен за стап и мотика? Ма се разбира, они немаат појма за сето ова. Тие се голобради нихилисти кои нивната фантазија не им помага да замислат некоја друга, не-варварска врста на забава, а камоли некаква концептуална или благородничка уметност. За нив културата е заебанција (освен кога е манипулација!), тинејџерска состојба на духот (духче бре, мало и мизерно!) – обична безвезњачка Деструкција, и ко што бива – уништи, осакати, оти по ѓаволите, тие не се наши и се други, тоа се б(р)е – непатриоти!

“Точка“ беше мал културен центар, маргинална енергија која не беше меинстрим од проста причина што беше илјада пати подобра од меинстримот, тоа ќе ви го потврди секој еден со две здрави мозочни ќелии, ама за такви работи семакедонските патриоти на груевизмот не даваат пет пари! Тие не се занимаваат со минималистички работе, они сакаат се да максимизираат како би успеале да ја разберат политиката како “максимален профит“. Оти они се всушност такви, секогаш спремни нешто да максимизираат, така што тоа го прават за да минимизираат се останато, друго, различно од нив. Голобрадите груевисти се “секретари на идеолошки испразни комисии“ лесно преобразени во “хјуман рисорс менаџери“, “пи-ар персони“, и како се не’ се нарекуваат тие замлати и фиќфиричи кои живеат последниве години на висока нога – пијте фиќфиричи, државата части! – а реално немаат некоја јасна професија.

Ете комшија мој, тоа е таа свест за една “слобода на сеќавањето“. И да ти кажам искрено – зошто бе искрено! – баш супер си играме: ако човек има швајцарски пасош и ако ја презира таа држава, швајцарскиот пасош дури и во таква ситуација го штити граѓанинот, е тоа е таа цивилизација кон која трчаме? (нешто обратно од Русија, комшија!) А нас овде нема кој да не штити: ако тропнеме на вратата на државата, вратата ќе се отвори, ќе влеземе и потоа ќе се затвори. А ако побараме дома да се вратиме? Учтиво ќе ни кажат дека сега ова е наша куќа и добро би било час поскоро на таква да се навикнеме. А “Точка“, а книгите, а културниот ценар и таа просторија на духовното и благородничкото? Стрпи се комшија, сега е фаза на максимилизам, немаме време за твоите, како ги велиш – пилозофирања? Сега е време на Боксери, а не’ Бекети, комшија!

Leave a Reply

Your email address will not be published.