Синдромот 24 декември!

Синдромот 24 декември се потврдува како наша неизлечива болест. Ретка болест е, мора да признаеме, но во Македонија е широко распространета. Чудна работа, никако не ги допира оние на власт, богатите, или брзо збогатените, ама сите останати ги коси како чума.

Полициската бруталност кон стечајците кои сакаа да го упатат својот мирен протест до „синдикатот на работниците“, и до самата власт, ни потврди дека секое несогласување, или уште повеќе, манифестирање незадоволство, ќе биде пресретнато со физичко насилство, а потоа и со секаков друг вид манипулации и омаловажувања.

Синдромот има своја историја и многу порано од датумот по кој го именувам, но на тој датум болеста најдобро се кристализираше. Поентата е дека секое несогласување, јавно изразување спротивно мислење, или сопствено мислење, правењето каква било акција која реално може да ги загрози криминогените интереси на Фамилијата, мора насилно да се спречи. Но, насилството не е доволно, мора при примена на истото да постои една доза на фарса, на пародија, на нешто што би нè одвлекло од реалните проблеми, теми, потреби и состојби. Нешто што ќе нè задржи во светот на смисленото и наметнато лудило против кое и во првиот момент сме се побуниле.

Сетете се кога протестираа студентите по архитектура и неколку невладини групи на граѓани, против почетокот на проектот СК014. Беа нападнати од некакви си квазирелигиозни орди, удрени и избркани, но во исто време, беа навредени, понижени, отфрлени како дегенерици на новото општество. Неверојатно! Тогаш сите бевме фрапирани до каде може да отиде лудилото, да се злоупотреби народот и да се погази здравиот разум.

На самиот 24 декември, власта изреагира панично и насилно, од страв дека ќе биде блокиран нивниот криминален буџет. Испратија орди административци и криминалци да ја напаѓаат и да ги навредуваат опозицијата и граѓаните кои протестираа, додека полицајци во лажни униформи на собраниско обезбедување и сакоа, кои пукаа по шевови од набилданост, пред очи на владини министри и пратеници, ги тепаа и ги бркаа од Собранието народните избраници од опозицијата.

Во вторникот, полицијата нападна жени и мажи стечајци, луѓе со години без работа, оставени на маргините, лажени и сто пати прелажани. Тие полицајци, тие деца на сиромашни родители, удрија по сиромашните за да бранат синдикалец од стечајците. Само режимска полиција може да брани режимски синдикалист! Го гледате ли апсурдот, надреалноста, ненормалноста и испревртеноста на оваа наша забегана реалност?!

Во „Топ-листа надреалиста“ има сцена кога полицајците протестираат пред кордон работници вооружени со лопати и ашови и извикуваат: „Вратите нам палице! Вратите нам палице!“ Станува збор за пародија во која се исмејува фалусоидниот симбол на моќ на полицијата, но и се креира една инверзија и исмејување на реалната немоќ на работниците. Но, погледнете што се случува кај нас! Лажни верници тепаат студенти и напаѓаат опозициски општини. Контрапротести се организираа за секоја категорија во нашето општество, квазиуметници протестираа против опозиција, млекари и крави едно време се носеа пред нејзиното седиште. Административци глумеа земјоделци, земјоделци глумеа работници, неверници глумеа верници. Еве, дојдовме и до чинот каде полиција брани синдикалци од стечајци. Кај нас не помага повеќе никаква пародија во борба против режимот, зашто нашата реалност се има претворено во тотална пародија.

Не постои категорија, етникум, класа, професија, возраст, род, вера, која не била злоупотребена и омаловажена, употребена во пародиите на режимот, принудена или ослободена да биде насилна кон своите сограѓани, само за да се оправда власта и нејзината тотална моќ над Македонецот и македонското општество.

Гледате, синдромот 24 декември е многу повеќе од само обично физичко насилство. Тоа е насилство врз сите сетила, врз сите лични и колективни состојби, врз здравиот разум, врз нашето поимање на општеството, политиката, јавниот простор, врз сите можни граѓански и човекови права и слободи. И токму најголемото насилство е што преку пародизација на нашата егзистенција, ние треба да ја изгубиме, да ја заборавиме реалноста која нè уништува, но и реалноста која може да нè спаси, да заборавиме дека таква реалност воопшто и постои. Или, едноставно да се помириме со насилството, изгубеноста и наметнатата реалност.

Токму затоа Македонија е посебна приказна од сите проблематични општества и држави на Балканот и пошироко. Ние сме комплетно вовлечени во една пародија, претепани ако истата ја предизвикаме и, воедно, самоубедени дека ништо не нè спасува, дека никој ништо не може, а длабоко во нас и покрај сета летаргија и апатија, сме бесни и несреќни.

Сега се актуелни револуции, бунтови, народни побуни. И кај нас беа и брзо издишаа. Денес се слушаат и читаа секакви анализи и ставови за што е, а за што не е способен Македонецот. Демек, на Босанците им пукна на социјално поле, на Арапите им пукна од страв, на Украинците од Русија и слични симплификации. А на Македонецот, од што сакаме да му пукне!? Ајде одберете контекст, дефиниција, рамка за што е способен Македонецот да се подигне?! Сето тоа се глупости, тие потраги по еден посебен мотив, или по нешто заедничко со другите. Сите тие, и Босанци и Арапи и Украинци, сфатиле дека работата не чини од корен, собрале храброст и дејствуваат како дека ќе одат до крај, до некој нов почеток.

Денес Македонецот има милион и еден мотив да експлодира. Не постои право и состојба која не му е погазена, омаловажена, потценета, неисполнета. И тој пак не се дига, и повторно не ја наоѓа својата револуционерна каписла. Сè се топи, сè е хаос, а Македонецот ладно се помирува или се здрвува пред бескрајното рушење на неговите права и неговата држава. И сега, што да одбере, може ли Македонецот да одбере привремена форма на остварување на своите права и слободи?! Тоа се во суштина револуцијата, бунтот, побуната, привремена форма на остварување на потребата за некаква правда. Му треба ли социјална правда на Македонецот?! Му треба ли шанса, можност, еднаквост, иднина? Му треба! Му треба ли да се прехрани, наместо само да гладува. Му треба! Му треба ли слобода од наметнувања и злоупотреби, од насилство и неправди?! Му треба ли надминување на економската и политичка мизерија? Му треба и тоа. Е, што чудо ќе беше Македонецов, до тој степен да не се бори за тоа што му треба?!

Нам повеќе не ни треба револуција за да се ослободиме само од лудилово. На Македонецот му треба револуција за конечно искрено и свесно да се избори за себе. Ако сме веќе милениумски народ и небесна нација, дај да си признаеме дека милениумите поминале во мизерија без да станеме ни држава, ни нација. Македонецот вечно се перпетуира како племе, а племињата изумираат ако не станат нации, па тоа и нам ќе ни се случи.

Ни требаат неколку работи! Ни треба вистинска политика! Без политика нема создавање држава, а уште помалку одржување држава. Без политика имате вакви апсолутистички пародии кои доминираат преку идеолошките махинации во сегашноста. Без држава, пак, во која ќе се случува политика или ќе се остварува истата, вие добивате само празни проекции за иднината и етика која никому не служи. Ни треба да ја вратиме политиката и таа да се сретне со граѓанскиот гнев и отпор. Или политиката ќе го повлече бесот или бесот ќе ја изроди политиката. Како и да е, треба од нешто да се тргне. Ништо не мора да се роди од некаква си авангарда или критична маса, тоа се работи за напредни општества и држави, а ние одамна не сме тоа. Не, не, авангардата ќе се роди од обичниот човек, од оној што одлучува да се побуни, од оној што презема акција! Тоа нема да биде без политички корен, да не бидеме наивни, а и која промена во една средина се случила без човекот кој се покајува, кој се рециклира, кој се конвертира за конечно да ја исправи работата, или само за да се спаси себеси?

Есенцијалниот проблем е што имаме системски проблеми. Нацијата и специфичноста ја жртвувавме за национализам и за лажна супериорност. Државата ја заменивме со партија, слободата со послушност и потчиненост. Политиката и општеството ги заменивме со пародија и лажна етика. Тоа значи дека ја изгубивме нашата национална и државна есенција за постоење, „raison d’etre“, фактичката причина зошто треба да постоиме како народ, држава, нација, а потоа и како функционално општество и демократија. Ете, нашата револуција, ако така сакаме да ја викаме, е да излеземе од оваа пародија, да го напуштиме нашиот автодеструктивен синдром и повторно да се обидеме да создаме држава која ќе ја спаси нашата нација. А за таа работа да успее, мора да си ја пронајдеме душата, мора да се обединиме како нација и да си ја спасиме државата која тоне.

Поводот за некоја наша идна револуција контекстуализирајте го колку сакате, дајте му име, припишете му боја, изберете слогани и видни фигури. Можеби ќе биде социјална, можеби национална, црвено-жолта, нова портокалова… Ништо од тоа не е важно. Не е важно зошто утре Македонецот ќе реши да се ослободи од стравот, важно е да се помрдне и да тргне да си ја врати државата, да стане пак држава, зашто само така може да ги исправи сите останати неправди кои ги трпи во овој недржавен и партиски режим.

Leave a Reply

Your email address will not be published.