Поразот на Јанчев е неговата вин-вин опција!

пишува Кире Бебеџаков

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на чело со кандидатот за градоначалник Митко Јанчев најверојатно се тотално запрепастени од резултатите од првиот изборен круг од локалните избори. Иако прогнозите во партијата им беа насочени кон убедлива победа уште во првиот круг, сега ги очекува катастрофален пораз во вториот.

Не постои храбро лице кое може да понесе одговорност за фијаското кое им се случи. Сите карти на Јанчев сега се изпомешани, конците испуштени од рака, збунето трага по лице на кое може да му верува. Чувството на изневереност надвладува. Сега, победата во втор круг претставува мисловна именка.

Сите пари, сокови, точени пива и ромски балови им беа бадијала. Бадијала им беше и “Кожувчанка Денот” во германски Сексимаер. Шокот кој го претрпе Груевски на ниво на Република Македонија им се рефлектира и во партискиот штаб во Кавадарци. Меѓусебни превирања и кошкања надзираат од секое ќоше во партијата. Носителката на советничката листа на ДПМНЕ, Пеливанова-Вилхелм јавно влезе во вербален конфликт со партијата на Шехтански, ТМРО, обвинувајќи дека нивните гласови кои се одлеале од ДПМНЕ биле пресудни за советник помалку во идниот совет на општина Кавадарци.

Маските на груевистичките партиски предводници од Кавадарци полека паѓаат, внатрепартискиот јад полека ги нагризува “патриотските” тврдокорни зидови кои од вчера започна да ги јаде корозијата на срамот. Се очекува деновите што претстојат да дојде до голем одлив на партиски приврзаници кои и јавно побараа оставка на фирерот Никола Груевски.

Многумина поддржувачи на ДПМНЕ веќе јавно се огласија дека ќе апстинираат од втор изборен круг. Никој не сака да биде дел од срамот во вториот изборен круг потпирајќи се на фактите дека низ цела Македонија победата убедливо ја однесе СДСМ вклучувајќи го и мнозинството од советот во општина Кавадарци. Следуваат низа прашања: Како Митко Јанчев ќе гради грандиозни капитални проекти без поддршка на централната власт? Како и со кое лице ќе ја продолжат груевистичката кампања Јанчев и ОК ДПМНЕ пред вториот изборен круг? Со кое лице ќе се појават пред портите на сограѓаните? Дали раководството на кавадаречко ДПМНЕ ќе побара оставка од својот лидер за катасртофалните резултати од 15-ти октомври?

Гласната тишина во ОК ДПМНЕ Кавадарци, во пакет со подвиените опашки и наведнати глави на оние кои најногу се удираа во гради е нормален рефлекс. Оној дел од кавадаречкиот електорат пак кој својата поддршка му ја даде на Јанчев во првиот круг како резултат на неговата хуманитарна доблест од минатото, најдобро е да не го прават истото во вториот. Немојте да го боите човекот со криминалните бои на ДПМНЕ-то на Мијалков, Груевски и остала клапа која најверојатно ќе скапува по македонските зандани. Доколку  Јанчев враќа некаков партиски долг, тогаш гадно се заебал.

Митко треба да си го гледа сопствениот двор. Да продолжи да го прави она што најдобро го знае. Секој камен е најтежок на своето место. Знаете, денес не е лесно да сте во негова кожа. Ако постои некој кој најмногу го посакува поразот во вториот круг, тогаш тоа е токму тој! Поразот за Митко Јанчев е вин-вин ситуација!