Шешељ е мит или, ништо кое општествено делува

Шешељ, како прав сердар, најпрво, колку и’ да изгледа деструктивно и неугледно, не е глуп човек; едни велат дека ќе ја смени плочата, други пак велат дека има прилично осветнички пориви, а јас – тврд ви стојам – велам дека ќе игра на две карти: социјално незадоволство и криминал

 

Од затворот во Шевенинген се врати во Белград како „победник“. Или тие (кои и’ да се „тие“) мислат дека е победник, како и цела една гломазна секта која постира на Фејсбук клипови и говори директно од местото на злочинот – Кнез Михајлова. Кои се тоа „тие“? ќе прашате вие. Монотеисти, на кои тој им е единствен Бог, и моноумни, оти тој е тука да мисли, а овие билмези да спроведуваат директиви. А и ним убаво, бидејќи не мора ништо да читаат: докторот прочитал се што тие треба да прочитаат. Тоа што им го читаше во Шевенинген сега ќе им го раскажува на рати, повторно да не се мачат, оти докторот знае се’, и прочита(л) се’.

 

Најпрво да видиме кој е тој човек, бидејќи гледам разни интерпретации за неговиот онтолошки статус. Ѓенерал, маршал, доктор, хашки дисидент, единствен човек кој во својата бурна еволуција го сјебал и Тито и Дража, поставувајќи се како маршал и генерал на сопствената војска. А таа војска има прилично непрегледен, радикален и жустар карактер. Неговата војска овие овие денови седи пред телевизорот, молчи со отворени очи и тврди уши, слуша што Ѓенералот им порачува, што има да им каже, ревносно го запишуваат секој збор, скриени по катакомбите, то ест по секциите.

 

Немојте мене да ме обвинувате, таква е таа религиска сугестивна моќ: можеш да лупеташ бесмислици, ама од тоа „харизматично“ брборење дури и неверник ќе прооди, само додека – а за тоа тврд ви стојам! – повторно не се забоде позади решетки. Или во земја.

 

А, тоа што има да им каже ѓенерал Шешељ? Совршено ништо, и во тоа лежи сета ујдурма! Еднаш многу одамна, некој фан на J.D.Salinger поминал илјадници километри само како би го нашол својот „фан-автор“, а кога го нашол, почнал да го прашува разни работи. Добро човеку, почнал Селинџер, имаш ли ти фамилија, деца; а овoj како од пушка – имам. Па добро, нели е малку глупаво, да поминеш толку многу километри само за да ме прашаш маса-од-глупости, се’ правиш само за да не бидеш со своето семејство?

 

Moжеби примерот не е доволно адекватен, но зборот ми е дека има нешто блесаво во очекувањето дека земјата ќе се затресе, дури и нашата, кога Шешељ ќе поговори: ама тоа не се случува. Ниту ќе се случи. Вистината е дека некои зборови излегуваат од неговата „граѓанска“ уста, дури и многу зборови, ама во нив всушност нема ништо; зборови кои ако бараш некоја супстанца ќе видиш дека тука нема никаква населена смисла, нешто слично како оној празен меѓугалактички простор, „темнина над безнадежноста“. Добро, ќе речете, ако Шешељ е едно големо ништо, значи дека не може да биде и виновен? Како може да биде виновен ако нешто нема, ќе прашате. Ќе прашате дали Шешељ е виновен и затворен-па-пуштен „заради реторика“ и дали се претерува кога се прашува дали „реториката“ може да биде нешто опасно?

 

Да, Шешељ е во затвор „заради реторика“ и да, „реторика“ може да биде нешто ужасно опасно – со самото тоа и’ со закон казниво – обратно од механичкото неодговорно ломотење, она кога некој пијан анонимус ги излива своите вербални „соништа“ кон својата случјно присобрана публика не сеќавајќи се ни сам во микробактериолошкиот состав на својата лексичка столица. Шешељ, обратно: неговата општествена улога е битно различна. Во интелектуална смила, се разбира, тој човек е ништо, како што е едно големо ништо и во морална смисла. Е па, што е проблем, може појасно? Може, ама малку подоца.

 

Имено, Шешељ е ништо кое делува преминувајќи ја тривијалната дефиниција на „вербален деликт“ и станува Убиствено оружје. Најпрво, кој се’ ќе се налепи на Шешељ: цинични лакрдијаши кои уживаат во канибалистичка „реторика“, како и безборојните полуинтелектуалци кои сакаат да се прават незгодни момци, како и кабинетските тиквари. Гледате, таа негова „реторика“ предизвикува последици и во физичката реалност? И дали тоа го запре? Не. Допрва се последиците.

 

Што сака Шешељ да постигне? Прво, сака да укаже дека она што го правел „нема кривично дело“, туку тоа е, како ни вели, Светскиот Глобален Империјалистички Поредок кој е антисрпски, како и хашкиот антисрпски суд кој ја казнува неговата „идеологија“. Од друга страна, ужива кога изигрува жртва и сака да го заврши својот живот како маченик/шехид за „национална кауза“, онаа кауза за која само тој мисли дека е прав маченик, страдалник, најистакнат идеолог, дури и горлив практичар во сите технички можности. 

 

Неговото одење во Хаг е логично заокружување на една кариера, лукаво изведен „прометејски“ гест на човек кој е свесен дека неговите најдобри денови се поминати: сето останато е веќе видено во сите бледи варијанти. Хашкото дисидентство Шешељ го одведе во мит, го одведе во сите оние мутирани дедовски приказни од кои таков дух може да се испили. 

 

Шешељ ќе продолжи да се држи до своето големо „ништо кое општествено делува“, или да преминеш од онаа страна на доброто и злото, и да се надеваш дека цел свет ќе го привлечеш на таа страна. Тоа понекогаш оди добро, светот е тука, а потоа пука, па светот и ти се разминувате. На крајот ќе отплуташ во бескрајниот вакум надевајќи се дека твоето „ништо кое општествено делува“ ќе одекнува уште долго во шумот произведен од дедовските приказни за „национална работа“ како и вечната жртва која со таа работа оди.

Leave a Reply

Your email address will not be published.