Сенатот разгледува предлог кризата во САД да се одложи до идната година

Евентуалниот договор на демократите и републиканците, кој беше најавен вчера вечер, сепак треба да биде прифатен и во Претставничкиот дом каде републиканското мнозинство одби да одобри пари за здравствените реформи Обамакер, што доведе до блокадата на централната Влада на САД и до заканата за пробивање на границата на долгот.
– Постигнавме значителен напредок. Сите мора да бидеме трпеливи, можеби утре ќе биде светол ден, изјави Хери Рид, претседател на Сенатот и водач на сенатските демократи.
Рид преговараше со Мич Мекконел, републиканскиот водач во Сенатот.
Според најавите, нивниот план предвидува деблокирање на Владата до 15 јануари, и кревање на границата на долгот до 7 февруари 2014 година, со што САД би добиле околу три месеци да постигнат посериозен договор.
Ова деблокирање на Владата, која мораше да испрати стотици илјади помалку потребни службеници на принуден одмор, би се случило со неколку помали отстапки на демократите кон републиканците, но без загрозување на Обамакер.
Во меѓувреме, би се формирала комисија на претставници на двете партии, кои до средината на декември би преговарале за компромис за големиот број отворени прашања меѓу двете партии.
Доколку договорот во Сенатот биде постигнат денес, топката ќе биде префрлена кај републиканците во Претставничкиот дом и спикерот Џон Бојнер, кој ќе мора да убеди доволен број свои конгресмени да поддржат вакво решение, или пак да се обиде да го изгласа со поддршка на малцинските демократски конгресмени.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.