Сеќавање на Љупчо Шкартов (1923 -16 јули 2002г)

Неговото име не беше непознато и во Републиката, но ставајќи ја настрана својата кариера, реши да го посвети целиот живот за својот град. Беше комунист, учесник во НОВ, претставник на едно друго минато време ,време кое знаеше да биде во првите повоени години и неправедно, но и период кога Кавадарци, Тиквешијата и РМ остварија брз раст во сите сфери на живеењето. Се посвети на неговата изградба невидена љубов и верба дека ќе го направи во поубавите градови во Македонија.

Ја почитуваше својата генерација, но и отсконуваше од своите другари и соборци. Тивок,но авторитетен, неговиот збор се слушаше.

Соработката со вистинските познавачи за проблемите и потребите на градот,користењето услуги на врвни и стручни луѓе од Републиката и наши кавадарчани кои извршуваа значајни функции во Републиката и Федерацијата го направија алфа и омега во градот.

Денгубата ја замени со книгата и усовршувањето, со деноноќно кроење планови како да изгледа поубаво Кавадарци и кавадаречко. Знаеше да праша и сослуша. Не е претерано ако се каже дека со неговото име се врзува и целокупниот развој на повоено Кавадарци. Ги сакаше младите и слободната мисла. Можеше да се види со палтото преку рака и омилената внука како прошетката ја користи за идни задачи кои сакаше да ги превземе врз својот грб. Предводеше плејада раководители, денес повеќето пензионери. Некои фрлаат дрва и камења на неговата личност. Меѓу нив имаше и свои љубимци. Некои од помладите ја посакуваат неговата улога, мислејќи дека тоа тука така се стекнува. Правеше и грешки.

Не му беше право за некои решенија, но знаеше да испочитува ,да признае, пофали. Спортот, а особено фудбалот му беа слабост.

ФК Тиквеш беше во врвот на македонскиот фудбал, а не заостануваа и другите , повторно со негов личен ангажман. Лесно ги препознаваше оние кои беа вклучени во политиката, а сакаа да ќарат врз грбот на кавадарчани. Со него можеше да се разговара и научи.

Зборуваше и за Добри Даскалов, Асијата, Минчев, Габерот, Јасмин. Не ретко имаше забелешки и за своите соборци, за начинот како живеат и како се однесуваат. Беше пред времето. Обележа едно време, едно минато, иако она што го остави зад себе покажа дека бил далеку пред него. Сега е друго време, со други предизвици, но неговиот скромен лик и живот и големи дела со кои се гордееме.

(Градскиот парк, плоштадот, собраниската зграда и бројни инфраструктурни објекти од области на образованието, кутурата, спортот итн) обврзуваат да не го заборавиме. Во негова чест градскиот парк го носи името на Љупчо Шкартов, иако може да се забележи дека тоа недоволно е афирмирано и на мислења на многу сограѓани изостанува спомен обележје во тој дел од градот каде може да се положи свежо цвеќе и на годишнината од неговата смрт се потсетиме на неговиот лик и дело.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.