Гечевски ги започна тренинзите со репрезентацијата

Популарниот Гече одамна најави репрезентативна пензија, но не успеа да го издржи притисокот од јавноста и од соиграчите и реши да облече патики и да им се придружи на останатите колеги, кои веќе дваесетина дена работат под палката на новиот селектор, Алеш Пипан. Со појавата на зборното место во салата „Борис Трајковски“, русокосиот центар само ја потврди вчерашната најава кажана ексклузивно за МКД.мк дека не можел да остане имун на апелот на пријателите.
Сега, словенечкиот стратег на располагање го има речиси истиот играчки состав со кој Марин Докузовски ја шокира Европа, што на сите нам ни дава право да очекуваме дури и подобар резултат од минатото ЕП.
Гечевски пред почетокот на тренингот даде изјава на присутните новинари, во која на реален начин ги согледа своите можности и даде насока на тоа што од него би можеле да очекуваме во Словенија.
„Со оглед на планираната репрезентативна пензија, летово го минав одмарајќи во очекување на подготовките со МЗТ Скопје. Тоа значи дека од крајот на минатата сезона немам влезено во сала поради што ќе ми треба време да го пронајдам својот препознатлив ритам. Ќе се трудам максимално, ќе давам се од себе на тренинзите, па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа. Мојата улога на ЕП ја гледам како епизодна, односно како помош од страна кога селекторот за тоа ќе почувствува потреба. Но, тешко е однапред да се предвиди што ќе биде во Словенија. Најважно од се е следниот период да го одработиме како што треба, а дури на турнирот во Германија ќе го видиме лицето на репрезентацијата кое ќе биде најблиску до тоа со кое ќе се појавиме на претстојниот шампионат. Верувам во соиграчите и мислам дека ќе биде добро“, изјави Гечевски.
извор: МКД.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published.