Се подготвува четвртото издание на „Т’к Так Фест“

„Чест и задоволство ми е што и годинава успеавме да ја направиме таа би рекол природна синтеза помеѓу етаблираните и почитувани рок музичари и новите рок надежи на Македонија, па покрај забавата ќе донесеме дел од историјата, но и иднината на македонската музичка сцена. Ги имаме кавадарчаните „Паја Бенд“ кои по неколку децении повторно ќе пеат за нивната „Роза“, потоа легендарните „Коцка лед“, а од источна Македонија ни доаѓаат „Црна Тoчка“ кои македонската публика ги памети по „Баба Ката“, „Збрка“… „The Brothers Band“ особено нивните членови ќе бидат нашето изненадување за публиката, која ќе ужива и во концертот на минатогодишните победници „Chromatic Point““ – ни изјави Марко Матиев од организациониот одбор на „Т’к Так Фест“.

Во продолжение од разговорот, Матиев потенцираше дека за разлика од останатите настани кои се организираат ширум земјава, и на четвртото издание ќе видиме македонски бенд како главна музичка ѕвезда. „Веруваме во квалитетот на нашите бендови, ги сакаме, слушаме и почитуваме, и токму поради тоа и годинава ќе имаме македонски бенд кои ќе настапи како главна ѕвезда на фестивалот. Се работи за уникатните „Фолтин“ кои по долги, долги години доаѓаат во Кавадарци, и тоа на нивното прво концертно издание“ – дополнува Матиев.

Конкурсот за демо бендови кои ќе настапат на годинашното издание на „Т’к Так Фест“ и официјално е отворен, а согласно истиот сите оние кои сакаат да се вклучат во трката за Гран При наградата „Трајко Каров“ која се доделува на најдобриот тапанар и која изнесува 30000 денари и наградите кои вклучуваат снимање во професионалните студиа на еминентни продуценти, треба да ги достават следните податоци:

– кратка биографија за бендот
– линк од демо снимки на две авторски песни поставени на приватен youtube канал. Должината на една композиција не смее да надминува повеќе од 5 минути.
– читко отчукан текст на песните со кои се аплицира.

Во согласност со програмските определби на фестивалот, Селекторот и Селекционата комисија составена од еминентни и признати рок музичари ќе одлучат кои од пристигнатите апликации ќе бидат прифатени.

Конкурсот трае до 17 јуни 2015 година, а материјалите се испраќаат на e-mail адреса: tk_tak_fest@yahoo.com

Четвртото издание на „Т’к Так Фест“ ќе се оддржи на 5 септември на градскиот базен „Ал Пачино“ во Кавадарци.

Извор Кавадарче

Leave a Reply

Your email address will not be published.