Само слободните луѓе се уважуваат едни со други

Некого да го интересираше културата, катастрофалната културна политика на нашата власт ќе беше еден од фамозните „бенчмаркови“. Ми се чини дека токму на полето на културата и уметноста нашата власт покажува дека демократијата не ја разбира во позитивната смисла, како слобода, индивидуализам и заедништво; нам демократијата ни се продава како колективизам, униформирање и покорување. А целата сфера на културата се користи не за да се штити, поттикнува или обновува развојот на индивидуалноста туку за да се јакне колективниот дух. Наместо заедничките вредности се јакне колективизмот. А културата и уметноста, се разбира, наполно атрофираат кога се неслободни и ставени во функција.

 

Луј Доло велеше дека културата одбива да се препушти и да биде покорена: „Она што ја понижува, што ја подмитува, што ја обесчестува, наполно ѝ е туѓо. Таа не им припаѓа на клановите, ни на јавните власти, ни на трговците… Без слобода, таа исчезнува.“ Токму недостигот на слобода, на автономија и на индивидуализам е она што, според мене, сосема ја обесмислува културната политика во оваа земја.

 

Башка, сето она што кај нас сега ѝ се прави на културната сфера одамна е видено и чкртнато. Сегашното помамно „култивирање“ на забеганите политики совршено ги следи познатите револуционерни матрици. Сегашниот државотворен јуриш, просто здивеаниот (од самосожалување) националистички крик баш наликува на соцреалистичкиот израз од пред шеесеттина години. Оние поразумните што ќе дојдат по нас на сегашната жизнерадосна „државотворна“ главнолинијашка културна продукција ќе гледаат како на мизерен анахронизам, баш како што ние денес гледаме на соц-реализмот.

 

Она што е заедничко за „државотворната“ и соцреалистичката уметност се илустративноста (плакатскиот, пропагандистички, некритички дух) и функционалноста, односно инструменталноста (воспитуваме, морализираме, градиме, исполнуваме…). Заедничко им е и подаништвото спрема семудриот владател и спрема идеолошките пароли на денот: комунизмот некогаш, нацијата сега.

Затоа и не изненадува што речиси сите бивши тврдокорни комунисти (во полицијата и културата, да речеме) денес се тврдокорни националисти. Дури и најшминкерските квази-либерални и квази-културњачки поединци околу ВМРО (Милчо Манчевски, Бранислав Саркањац, Ѓорге Иванов итн.) исто така се некогашни надежни комунисти сега претворени во полетни националисти што извршуваат и исполнуваат.

 

Горливите говори против народните непријатели, клетите капиталисти итн. денес се насочени против клетите Грци, курвата Европа и неправедниот Запад. Бруталното самосожалување, пак, е константа. Слушнете го само (и тоа, претпоставувам, умерениот, среде бујно расцветаното деснило во џунглава) Ефтим Клетников како некни во „Дневник“ (во јуни 2009, кога е пишуван текстов; заб. ур.) галантно истура цели кофи зборови-зрна град со големина на тупаница:

„Нè тераат, не само Грците туку и Европејците и Американците сосе фамозниот НАТО да се откажеме од името што го имаме со векови и милениуми како личен судбински крст и печат на душата. Тоа сега личи на златното поле од познатата слика на Ван Гог „Житно поле со гарвани“, над кое надвиснал тежок облак од злокобни грабливци. Што е тоа, ако не сурово кршење на човековите права, или попрецизно, како што е тоа во нашиот случај, заговор за геноцид, бришење на идентитетот на еден цел народ. Доведени сме до работ на страшна антрополошка катастрофа, од кој не се гледа друг, освен еден страшен антиутопистички хоризонт на модерната агресивно нарцистичка и антидуховна западна цивилизација.“

 

Што да каже човек на ова?! Да се обидува да биде рационален, да аргументира, дека стотици милиони евра неповратна европска и американска помош се слееја во земјава изминативе дваесетина години?! Дека без западната помош многу тешко ќе ја направевме дури и оваа импровизирана државна шатра под која цвокотиме… Дека Македонија нема добра иднина за сопствените граѓани без поврзувањата, на сите рамништа, од културните до економските… Дека иднината на целиот регион и намалувањето на трагичните балкански пизми можеби може да се смири во пошироки рамки…

 

Го спомнувам Клетников како „прототип“. Опортунизам споен со од водачите дозираниот фанатизам. Конјуктура помешана со проповедничко лудило. Лажен индивидуалец во служба на големата безгрешна глава на колективот. Уметност сфатена како рецитација за батките од првиот ред.

 

Заради тие прототипски (препотопски) препознавања меѓу божем културната елита и божем политичката елита (но, двете со реална моќ) Македонија сè уште не може да зачекори ни во 20-иот век. Заради тие сосема застарени колективистички препознавања Македонија сè уште нема автономна културна сфера. Целата култура се сфаќа како џагорење и шумолење на големиот Македонец (замислен како шума, како карпа, како чиста трансенденција). Нема автономија, нема поединци кои се спротиставуваат, нема контролни инстанци, нема критика. Државни (т.е. партиски) комисии решаваат за целокупниот живот во земјава. Како што, впрочем, отсекогаш решавале. Секогаш комисии и комесари, секогаш некоја комбинација од Ивица Боцевски и Влада Урошевиќ, од Ефтим Клетников и Влатко Ѓорчев, од Митко Хаџи-Пуља и Камчевска-Милевска, од Никола Груевски и Паско Кузман…

„Само слободните луѓе се уважуваат едни со други“, вели Спиноза во својата „Етика“. Ако културата, меѓу другото, ја сфатиме и како уважување на другите луѓе, станува појасно дека еден од нашите големи политички проблеми токму е неслободата на понижените луѓе.

Leave a Reply

Your email address will not be published.