Романсата во Фиренца

Прекрасната Франција од крајот на осумнаесеттиот век. Апсолутната монархија им овозможува на Луј XVI и неговата аристократска свита да уживаат во бескраен луксуз. Луј, покрај себе има една прекрасна дама, со ангелска убавина и совршен став – Марија Антоанета. Версајската палата и стотиците замоци расфрлени низ цела Франција се нивното игралиште. Стилот на живот го наследуваат од Луј XIV, но, Франција во времето на Кралот Сонце била велесила, а сега е земја во криза, истоштена од Седумгодишната Војна во која ги губи териториите во Северна Америка, како и од авантурата со помагањето на Американската револуција. Економската криза е ужасна. Народот живее во беда…

Во овој период се појавуваат просветителите. Волтер, Русо, Монтескје… Дидро ја уредува Енциклопедијата. Разумот доминира над суеверието. Разумот владее…

Под налетот на гладните, паѓа Бастилја, а по неа и Версај. Народот е стаписан од нескротениот лускуз кој го затекнува во палатите и замоците на декапитираниот владејачки сталеж…

Социјалистичка Романија од крајот на дваесетиот век. Николае Чаушеску и неговата квазикомунистичка камарила уживаат во Палатата на народот, најголемата цивилна зграда во светот. Пред неа се протега најшироката авенија во Европа. Николае покрај себе ја има Елена, со неа ги дели постелата и тронот, а омилена и е титулата „Мајка на нацијата“. Назадните и трули западни капиталисти можат само да завидуваат на луксузот и изобилието во кое живее диктаторот и неговата врхушка. Се зборува дека Елена не сака да патува во странство, дури ни во западните велесили, затоа што никој не може да ги задоволи нејзините стандарди за сместување. Во исто време, работничката класа живее во беда, под будното око на Секуритате – суровата безбедносна служба која е тука за да ја сузбие секоја помисла за промени и слобода, а романските пролетери го препливуваат Дунав кај Ѓердап, бегајќи во Југославија во потрага по парче леб…

Во декември 1989, пасторот Ласло Токеш, од унгарското малцинство во Романија, е обвинет за ширење етничка омраза. Локалното унгарско население му искажува поддршка собирајќи се околу неговиот стан, а подоцна им се приклучуваат и романските студенти и протестот ја менува темата и станува демонстрација против политиките и власта на Чаушеску. Демонстрација загушена со масакар извршен од народната милиција и војска…

Три дена подоцна, на 22 декември, Николае, човек кој веќе нема никаков контакт со реалноста, држи говор пред народот кој тој самиот го повикал на митинг. Од масата почнуваат да му дофрлаат и да го исвиркуваат, се вртат против него…

На 25 декември, по двочасовно судење, сопружниците Чаушеску, се стрелани покрај валкан ѕид. Народот е стаписан од нескротениот лускуз кој го затекнува во резиденциите на стреланиот брачен пар и нивната камарила. Во шкафовите на шефовите на Секуритате наоѓаат ретко богатство – кесички од Вегета…

Самостојна Македонија од втората деценија на дваесет и првиот век. На власт се Пастирот и неговите душмани. На власт е апсолутна дидархија. Искована во изборни победи за кои никој веќе не се сомнева дека биле нечесни, нефер и (како што милува да каже народот) наместени, двоглавата ламја воведе нов тип на апсолутизам – демократоиден. Народот (демосот) живее меѓу две состојби: „нема“ и „не стасува“, а за да остане покорен и нем се грижи некоја мрачна сила од која би можел да учи и злогласниот Секуритате. На власт се застрашувањето и заканата.

Но, Пастирот сака и да биде сакан, сака во него да се препознае рајата. Од говорите достојни за муабет додека се седи на гајба пред бакалница, до карираните кошули (постарите раскажуваат дека по Втората Светска Војна таква облека делела УНРА како хуманитарна помош) и ќебапите на плус четириесет, тој е човек од нашето маало. Беспрекорен имиџ на некој што растел на ајвар и „викенд салама“, имиџ на народен човек. Скромен и чесен домаќин. Не ги трпи тие од големото добро утро, тој е еден од нас.

Не дека некој верува во стоицизмот на началството, ниту во нивната аскетска посветеност на државата и државното. Премногу и прескапи се возилата од ергелата на преродбениците, премала е Македонија за да ги скријат вилите и хациендите што ги изградија, премногу се опуштија во скопските кафулиња и меани за тоа да остане неприметено. Но, требаше да се појави сметката од Романсата во Фиренца за да добиеме подетален увид во луксузниот живот на преродените патриоти (сега разбирам што подразбирале под преродба). Милион и пол евра потрошени на авионски летови и хотели во главниот град на Тоскана, Фиренца. Како да сакале општинските петлиња на изворот на Ренесансата (преродбата) да попримат нешто од магијата на Медичи, да научат нешто за нивното меценатство кое во Фиренца ги донело Микеланџело, Леонардо Да Винчи и Ботичели. Притоа заборавиле дека Медичи трошеле свои пари, а преродените општински петлиња ги трошеле парите од граѓаните, од плебејците.

Со прецизна пресметка го увидовме луксузот и раскошот на нашите патриции кој потсетува на животот на аристократијата во предреволуционерна Франција, а и комунистичката врхушка во Романија. А, и животот на плебејците во Македонија денес е сличен со оној на плебејците тогаш. Никој не може да предвиди што ќе се случува понатаму, можеме само да сме сигурни дека ќе бидеме стаписани од нескротениот луксуз во кој ќе добиеме увид дента потоа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.