СКАНДАЛОЗНО: 300.000 евра во тендери се офајдил братот на советникот Ристо Сакалиев од Кавадарци!

Делени тендери со астрономски суми на братот на советникот Ристо Сакалиев

Цели 18.151.669 денари на основ тендери од буџетот на јавното претпријатие “Комуналец” од Кавадарци легнале на сметката на фирмата Друштво за производство, промет и услуги ТРАСЕР Станоја ДООЕЛ Експорт-Импорт с.Мрежичко Конопиште. Сопственик на оваа фирма е лицето Станоја Сакалиев, брат на Ристо Сакалиев кој изминатиот период беше советник во советот на општина Кавадарци.

На официјалниот сајт на Бирото за Јавни Набавки стои дека за периодот од 01.01.2014 – 10.10.2017 година од страна на јавното претпријатие “Комуналец” од Кавадарци во делот на услуги со механизација на сметката на фирмата Друштво за производство, промет и услуги ТРАСЕР Станоја ДООЕЛ Експорт-Импорт с.Мрежичко Конопиште биле исплатени скоро 300.000 евра народни пари. Подолго време функцијата директор во “Комуналец” ја врши лицето Илија Атанасов.

risto-sakaliev-tenderi_800x445

За сомнежите во јавноста а и за јавното обвинителство да бидат поголеми, третиот брат од Сакалиеви, Драган Сакалиев  пак е член на управниот одбор на јавното претпријатие “Комуналец“.

Антикорупциската комисија како надлежен орган во периодот кој следува треба да отвори предмет за евентуални афери со тендерите кои општина Кавадарци ги давала на членови на семејства на советници и други членови од администрацијата.

Комисијата треба да провери дали постоело судир на интереси во случаите во кои општина Кавадарци во периодот кога Александар Панов како градоначалник, Ристо Сакалиев како советник во општина Кавадарци и Илија Атанасов како директор на јавното претпријатие “Комуналец” доделиле тендери во вредност од 18.151.669 денари за период од само четири години на фирма на братот на советник во советот на општина Кавадарци.

Исто така од неофицијални извори дознаваме дека постои голема веројатност и специјалното јавно обвинителство на чело со Катица Јанева да се позанимава со оваа појава во локалната самоуправа на општина Кавадарци, затоа што и во други општини низ Македонија тенденциозно се делени јавни набавки на лица фамилијарно блиски на луѓе од власта.

Сеуште актуелниот градоначалник на општина Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Панов, во неколку наврати за медиумите и кавадаречката јавност има напоменато дека јавното комунално претпријатие “Комуналец” со години наназад претставува едно од најуспешните македонски јавни претпријатија од ваков тив со големи добивки на крајот од годината.

Како производ на горенаведените информации навираат голем број прашања за кои кавадаречката јавност има право на одговор. Зошто јавното претпријатие “Комуналец” имало потреба од објавување на тендер за механизациони услуги кога во самиот круг на ова претпријатие има возен парк од машини од ваков тип? Доколку нема машини од конкретниот тип, зошто “Комуналец” како претпријатие со голема добивка како што вели Панов не купиле соодветни машини во своја сопственост наместо да даваат милиони денари за услуги на друго правно лице? Кој е Ристо Сакалиев и што работеше овој човек во изминатиот период во интерес на граѓаните на општина Кавадарци?

За локалните избори кои треба да се одржат за некој ден, Ристо Сакалиев повторно ќе настапи со своја советничка листа.