Релативно мртви

Што се случува кога Никој и Ништо преку ноќ ќе порасне до монументални димензии, кога ќе ја трансендира својата ништожност во замена за исполнувачкото чувство на Мисија?

Често шетам, пешачам, ослушнувам – мачна тишина ја покрила Македонија, како целата земја да се уплашила од самата себе, во некоја состојба на лоша пресметаност, и тоа само на сопствена штета. Се’ слушаат лажици кои тропаат на дното од тенџерињата, и тоа е единствено што се слуша, секој е задлабочен во своите мисли, погледите се далечни и отсутни: само се собира и одзема; како да се чека некаква пресуда или дијагноза. Околу тоа не смее да се проговори ништо – Мистифицирано молчење – “пуританска“ професионалност која не му дозволува на граѓанинот да се бунтува; го обврзуваат прописите дури и кога се недвосмислено идиотски, лицемерни, фарсични, смислени и во пркос на здравиот разум.
Е затоа, овој пат ќе прелетаме кон “белиот свет“ да видиме што таму се случува, и да ги оставиме овдешните пристојно-пуритански професионалци кои хипнотички се sверат во сопствениот папок. Еве, да речеме Сирија: признајте дека слабо го следите тамошниот бурен општествен развој?! Граѓанската војна во Сирија трае скоро две и нешто повеќе години. Жртви има повеќе од 100.000, а милиони луѓе избегаа или се раселени низ територијата. Конфликтот кој во почетокот беше опишуван како отпор против диктатурата на Башар ел Асад, борба за демократија и слобода, се’ повеќе се карактеризира како секташка војна, а расте стравот дека Сирија би можела да биде “иницијална каписла“ за продлабочен конфликт измеѓу шиити и сунити низ целиот регион.

Историја на конфликтот

Сунистко-шиитскиот конфликт ги влече корените уште од смртта на Мухамед 632. година, после кое исламската заедница се поделила околу прашањето за негов наследник. Мнозинството сметало дека наследникот треба да биде Абу Бекр, сватот на Мухамед. Малцинството сакало на местото на Мухамед да биде Алија, мажот на Фатима, ќерката на починатиот Мухамед. На почетокот конфликот бил килав, Абу Бекр станал првиот калифа, Мухамедовиот наследник; потоа на тоа место биле Омар и Осман, за четврт калифа да стане Али, 656. година. Калифа бил некои пет години, а после неговата смрт во атентат, следи отворен конфликт на сунитите и шиитите (Алијевите поддржувачи). Кончено, верскиот конфликт зациментиран е 680. година, кога Алијевиот син Хусеин е убиен во битката со сунитите кај Кербала, денешен Иран.
Во новото време, имаше неколку проби да се дојде до помирување и приближување на двете најбројни конфесии во исламот, но многу почести беа конфликтите. Измеѓу Иран и Саудијска Арабија, земји кои се наоѓаат светите места на исламот, Мека и Медина, се’ интензивира борбата за лидерската позиција во муслиманскиот свет после победата на исламската револуција во Иран во 1979. година.
Ајтолах Хомеини го критикуваше кралскиот режим во Саудијска Арабија за, како што велел, “служење на интересите на Соединетите Американски Држави“ и корупција; Ријад го критикуваше Иран во своја верзија на “извоз“ на исламот во другите муслимански земји. Во 1987. година, Иранците во Мека почнаа да протестираат против Америка, Саудијската војска и полиција отвора оган против нив, убиени се 400 луѓе, а на Иранците потоа, забрането им било да доаѓаат на хаџилак.
Повремено доаѓало до затоплување на односите, кога во март 2007. година тогашниот претседател на Иран Махмуд Ахамдинеџат и саудискиот крал Абдулах, се’ состанаа и изјавија дека двете страни договорија да се спречи секаков натамошен конфликт коj би ги продлабочил понатамошните војни помеѓу шиитите и сунитите. Меѓутоа, кога Арапската пролет во 2011. година зеде замав, во Бахреини дојде до протест на мнозинството шиити, кои тврдеа дека владеачката сунитска кралска фамилија ги дискриминира, Саудијска Арабија и Обединетите Арапски Емирати му испратија на монархот Бахреин во помош своја војска која демонстрантите ги угуши во крв. Техеран протестираше поради тоа, како и шиитите во Ирак и Либан.

На што не учи оваа “приказна“? Дека мудро треба да се бира својот наследник, оној кој всушност ќе бидеш Ти, некаква врска на вршител на должноста, така што благодарение на неговата услужна неважност ќе се испентериш до вечноста. Но тука доаѓа големиот заеб: после твоето заминување, твојот наследник би можел, уште другиот ден да сврти нов лист и да однесе се’ по ѓаволите, а ти не би му можел буквално ништо. И така некако секогаш се случува, со кратка или подолга задршка. 

Но, бидете спокојни. Ништо од ова нема врска со Нас. Нашиот калифа не се излива во злато, туку во бронза и мермер, па нема што да му рушиме; Тој ако некаде се излива – се излива во мозоците на своите поданици, тероризирајќи ги со митомански халуцинации. И немојте да се изненадите ако уште вечерва разберете дека ве победил, вас живите. Ни се всели меѓу нас, и тој е единствениот кој со успех ја релативизира целата приказна: Тој е релативно жив, а Ние релативно мртви. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.