Реформите на Тодоров донесоа само фрустрации и ковчези

Унапредување на правата на пациентите во сите медицински интервенции, посебна грижа за здравјето на деца и млади бремени жени, вистинско вреднување на трудот на здравствените работници, автономија на болниците… Вакви ветување даваше ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма „Преродба во 100 чекори“, со која во 2006 година ја доби довербата од гласачите. Но во практика овие ветувања не се остварија, напротив реформите произведоа уште полош здравствен систем,во кој секојдневно се губат животи што можеше да бидат спасени, а болниците од лекувалишта се претворија во губилишта.

Една од првите реформи на оваа власт беше децентрализацијата на набавките на медицински лекови и материјали, со цел болниците сами да се грижат да го имаат тоа што е потребно за лекување на пациентите. Во практика на болниците им требаа години за да се научат да ги прават јавните набавки и кога горе-долу се поднаучија, Тодоров реши дека така веќе не оди, па се прогласи за главен набавувач во здравството иако тоа воопшто го нема во описот и пописот на неговите работни обврски. И така, наместо да ја крои здравствената политика, да ја подобрува правната регулатива, Тодоров се зафати да решава каква терапија ќе се купува за децата со ендокринолошки заболувања, за болните од рак, за дијабетичарите, и што е уште поважно, од каде таа ќе се купи.

ВМРО-ДПМНЕ ја продаваше и приказната за двајца директори, стручен и економист, што требаше да функционираат на принципот на врзан потпис, со цел да се намалат шансите за земање мито при правење на набавките. Со тоа буџетот на болницата се оптовари за уште една директорска плата од околу 1.000 евра со сите други бенефиции, а во практика економските директори се сведоа на уште една можност за вдомување партиски кадар, кој својата функција ќе ја користи за прибирање рекет од фирмите.

Во моментов голем дел од болниците и немаат економските директори, бидејќи нивното ангажирање не донесе никаков бенефит во работата, а оние стручните со години се држат како вршители на должност за да може полесно да бидат заменети ако покажат партиска непослушност. Тука некаде е и набавката на новата медицинска опрема. Се распишуваат многу тендери, се лицитираше со различни суми за нивната вкупна вредност, а набавувањето апарати во здравството стана пандан на спомениците во проектот „Скопје 2014“, никој не знае колку точно чини и каде таа опрема се наоѓа. А кога сме кај апаратите, дел од таа опрема сè уште фаќа прашина бидејќи нема обучени лекари за да се користи, а дел не се користи зашто болниците често остануваат без потрошен материјал. Еден дел од апаратите и не се соодветни на потребите.

Фрустрираните пациенти во неможност да си ги остварат своите права за кои редовно има платена политичка програма, бесот го истураат врз лекарите, па сè почесто сме сведоци на случаи во кои лекарот изел ќотек. Ако на ова се додадат и вработувањата според „списокот на Горде“ и напредувањата исклучиво по партиски клуч, тогаш јасно станува зошто младите лекари си заминуваат во странствo а болниците надвор од секоја нормална логика функционираат без вработени лекари, позајмуваат доктори кога ќе им притребаат. Македонското здравство повремено го потресуваат големи скандали. Случаите како што се тие на малата Тамара и на Анамарија, случајот со трудницата што почина од Тетовско, но и последниот случај во Гевгелиската болница со трудницата што го загуби животот, како и животот на бебето, беа повод семејствата на жртвите, опозицијата, но и невладиниот сектор да бараат оставка на министерот за здравство Никола Тодоров. Тодоров, пак, ниту еднаш не прифати одговорност за скандалите, а на оставка не ни помисли.

Извор ГРАЃАНИТЕ

Leave a Reply

Your email address will not be published.