Внатрепартиски реакции во ДПМНЕ по апсењето на Паско Кузман

 Идеологот на антиквизацијата во земјава заврши во куќен притвор, премиерот Никола Груевски рече дека му е жал, а неговите сопартијци велат дека секој што е на функција – си е одговорен за својата работа.

Дали притворањето на Кузман, кој важеше за близок соработник на лидерот на партијата, е порака и за другите дека никој не е надвор од законот, но и дали евентуалната непослушност може скапо да ги чини?

Видни членови на партијата на власт не сакаат јавно да зборуваат за случајот што ја изненади јавноста. Официјалниот став е дека постојат надлежни институции, кои ќе го кажат последниот збор дали Кузман бил или не бил вмешан во криминал.

„Секој е одговорен за својата работа. Откако дојдовме на власт, во повеќе наврати покажавме дека не постојат недопирливи, борбата против криминалот ја вршиме неселективно. Има судови, Обвинителства, тие се независни и таму се докажува дали некој се огрешил“, велат нашите соговорници.

Низ разговор, членови на ВМРО-ДПМНЕ признаваат дека не ни помислувале оти и Кузман ќе се најде на другата страна од законот. Зачудени се од официјалните информации околу мотивот за приведувањето на познатиот археолог. Дури и прашуваат дали има некоја подлабока заднина. Претпазливост е најчесто употребуваниот збор.

„Немам коментар. Паско Кузман го чувствував за близок, бидејќи често се гледавме во нашите соработки. Многу ми е жал што е во една таква ситуација. Она што го знаете вие, го знам и јас од медиумите – дека имало некаков договор, кој требало или не требало да се потпише. Според Обвинителството – нешто се погрешило, така што ќе има судска постапка во која Паско Кузман ќе има можност да си ја каже својата страна“, изјави завчера премиерот Груевски.

Кузман беше уапсен минатиот понеделник, по што му е одреден куќен притвор. Тој и тројца неговите соработници се сомничат дека нелегално на приватни концесионери им издале дозволи за копање на две локации во земјава, повикале полициска асистенција што не ја платил никој, а наплатувале патни трошоци за себе, без притоа да постои ниту еден документ за надзорот што го вршеле. Само МВР било оштетено за дваесетина илјади евра, тврдат од министерството. Акцијата следуваше по барање на Обвинителството како проширување на истрагата за „Фаланга 2“. Иако во тој случај беа уапсени 19 лица поради сомневање дека продавале важни археолошки предмети, засега нема докази дека и Кузман бил дел од нелегалниот бизнис.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.