РАЗУМОТ ЈА ПРИПИТОМУВА МОЌТА
Во Македонија се’ посилно е чувството дека избирачкото тело е беспомошно во однос на левијатанската држава
Во слободните земји често наоѓаме на поголема јавна мудрост и разборитост во дуќаните и фабриките, отколку во кабинетите на владетелите во оние земји во кои никој не се осмелува да има свое мислење за што било, се’ додека тоа мислење однадвор не биде наметнато. – Едвард Берк
Берк, Токвил, Мил, Кант и многумина други уште во осумнаесеттиот век започнаа да ја развиваат големата западна идеја за демократијата и за јавниот простор. Причина постојано да се навраќаме кон „врутоците“ е што и по 200 години некои од проблемите се исти. Покрај тоа, иако проблемите со кои се соочува македонската демократија често изгледаат безнадежно нерешливи, секогаш треба да потсетуваме дека низ речиси истите проблеми поминале повеќето демократски држави.
Создавајќи ја, на пример, јавната сфера, нашите демократски претходници од 18 век ја артикулираа можноста за општество надвор од државата, општество пошироко од државата. Јавната сфера овозможи создавање јавно мнение, без посредство на политичката сфера, во рамките на дискурсот на разумот надвор од моќта, но кој е нормативен за моќта. Јавната сфера е една од клучните западни идеи врз кои се потпира идејата за граѓанско општество; таа идеја подразбира дека општеството може да функционира како целина и надвор од политиката, дека општеството не е востановено од државата, туку дека општеството ја ограничува државата.
Велам, работите се повторуваат. Во современа Република Македонија (но, и пошироко) се’ посилно е чувството дека избирачкото тело како целина е беспомошно во однос на левијатанската држава. Луѓето дигаат раце од можноста да осмислат и спроведат во дело некаков заеднички проект. Се’ помалку сочувствуваат со другите, зашто чувството на лична загрозеност е големо.
Во нашите општества завладеала фрагментацијата, т.е. онаа состојба во која граѓаните се’ потешко се идентификуваат со своето политичко општество како со заедница. Ни се случува процес кога граѓаните своето чувство за припаѓање кон политичката заедница го пренесуваат врз нешто друго; во полош случај, чувството за припаѓање едноставно атрофира. Фрагментацијата е поттикната од политичката беспомошност, која предизвикува отуѓување и неспособност за општествена мобилизација.
Тоа е маѓепсаниот круг во кој тонеме. За таа ситуација пишувал и Токвил: апатијата на граѓаните ја зголемува неодговорната моќ на власта, со што се засилува беспомошноста и одново се произведува апатија. Таквата власт, која почива врз апатични граѓани, Токвил ја нарекува мека деспотија.
Но, чаре има, се разбира! Тоа чаре се вика развој на јавната сфера; се вика и здружување; се вика и децентрализација и автономија (според зборовите на Токвил).
Чарлс Тејлор, извонредниот современ канадски филозоф, ја дефинира јавната сфера како нов металокален простор во кој граѓаните можат да разменуваат идеи и да донесуваат заеднички заклучоци. Вонполитички, секуларен и металокален простор – тоа е суштината на јавната сфера, според Тејлор.
Освен тоа, вели Тејлор, границата помеѓу политичкиот систем и јавната сфера мора да омекне. А самата јавна сфера треба да стане збир од многубројни и повеќекратни јавни сфери вметнати едни во други. Либералниот политички систем тежнее кон рамнотежа помеѓу партиско-изборниот систем, од една страна, и мноштвото движења кои застапуваат одредени цели неврзани за партиската борба.
Либералната политика треба да се позанимава со условите за едно автентично демократско одлучување, при што јавната сфера не смееме да ја гледаме само како општествена форма која го ограничува политичкото, туку треба да ја разбираме и како медиум на демократската политика. Со еден збор: разумот мора да ја припитоми моќта.
Токвил велеше и една друга исклучително важна работа: во демократските земји науката за здружувањето е мајка на сите науки. Успешната заедничка акција на луѓето им носи чувство на поголема моќ и идентификување со политичката заедница. Расправата која во преден план ги става заедничките цели, дури и ако постои радикално несогласување во однос на средствата, може да предизвика чувство на политичка заедница, т.е. да ги неутрализира длабоките политички поделби при кои противниците се прикажуваат како застапници на наполно туѓи вредности.
Велам, проблемите не се ниту нови ниту исклучиво наши. На пример, пред неколку недели, во уводникот на „Њујорк тајмс“, при анализата на годишниот говор на претседателот Буш, беше оценето дека се појавила „дупка во американскиот систем на местото каде што би требало да се наоѓа раководството“ и дека таа празнина треба да биде исполнета „во новата ера на политичкиот активизам на обичните граѓани“. Уводничарот потсетува дека најголемите и најдалекусежните промени во минатиот век – работничкото движење, движењето за човечки права, женското движење, повеќе беа плод на упорната работа на посветените граѓани на кои им била смачена постојната состојба, отколку резултат на дејствувањето на избраните политичари. Сега, пак, е дојдено времето „мислечките граѓани да ги исклучат телевизорите и да стапнат во јавната арена – со протести, собири, петиции, изборни кандидатури“. Се чини дека тие граѓани имаат подобри идеи од политичарите како да се дојде до „помирољубиво, поурамнотежено и поумно општество“.
Да заклучам: јакнење на децентрализацијата, јакнење на јавната сфера, посилна невладина, граѓанска сцена се некои од начините како Република Македонија да стане поурамнотежено и поумно општество.
Извор: http://ssr.kauza.mk/