Распишана потерница за Субрата Рој

Врховниот суд на Индија денеска издаде налог за апсење (без можност за кауција) на Субрата Рој, шеф на компанијата „Сахара“, јавуваат индиските медиуми. Контроверзниот бизнисмен, кој најавува големи инвестиции во Македонија, не се појавил на важното рочиште во Врховниот суд поврзано со враќањето на 4 милијарди долари на стотина милиони измамени мали инвеститори.

Адвокатот на Рој, Рам Џетмалани, пред судиите изјавил дека тој не можел да дојде на рочиштето, затоа што бил да ја види неговата болна мајка во главниот град на државата Утар Прадеш, Лакнов. Адвокатот Џетмалани побарал дополнително време за Рој за да се појави на судењето. Тројцата други повикани директори се појавиле пред врховните судии.

„Раката на овој суд е многу долга. Ние ќе издадеме потерница. Ова е Врховен суд на земјата. Кога другите директори се овде, зошто тој не може да дојде“, изјавил судијата КС Радакришнан. Врховниот суд наредил тој да биде доведен на новото закажано рочиште на 2 март. Врховниот суд уште соопшти дека „ја загубил вербата во компанијата ’Сахара‘“.

Судот на 20 февруари нареди Субрата Рој и уште тројца директори лично да се појават во судницата за да објаснат зошто не им ги враќаат парите на измамените инвеститори.  

Извор Утрински

Leave a Reply

Your email address will not be published.