Расфрлани шприцови и ампули во центарот на Кавадарци
Шприцови, ампули и траги од крв осамнаа во зградата на “Метал Промет” на улицата “Илинденска” во строгиот центар на општина Кавадарци. Конзументите на опојни средства и дроги повеќе не ги бираат локациите на консумација и стегајќи го дијаметарот на својот обрач, своите “ритуали” на празнење и самозадоволување започнаа да ги прават во непосредна близина на Локалната самоуправа на општина Кавадарци.
Оваа веќе подолг период честа појава ги разтрепери чувствата на граѓаните а нивните нерви се доведоа до самата граница на трпение. Во оваа зграда во која пред два дена се најдени овие “медицински реквизити” се стационирани голем број на приватни фирми и здруженија на граѓани. Меѓу нив има и школи за странски јазици кои ги посетува најмладата категорија кавадарчани, децата. Интересен е фактот што во оваа зграда се сместени и просториите на најголемата опозициска партија, општинската организација на СДСМ Кавадарци.
Бројот на ваквите немили глетки и настани веќе со години наназад е со драстичен процент на покачување и тоа на многу други “ударни” локации низ општина Кавадарци. Градскиот парк “Љупчо Шкартов”, кејот на реката “Луда Мара”, поранешната дискотека “Ла Луна” се само два-три примери од неколкуте интимни “катчиња” каде зависниците може да уживаат во консумирањето на опојните средства.
Пред еден месец, поточно на 20. септември 2015 година, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов, го пуштија во работа дневниот центар за рехабилитација на зависниците од дрога. Инвестицијата чинеше 1.5 милиони денари (25.000 евра), директно од џебот на граѓаните.