Ранетата ѕверка

Синусоидата на нашиот авторитарен режим дефинитивно влегува во „квалитетно“ нова, што би се рекло, „Неронска“ фаза. Сега веќе не се труди да ја камуфлира својата тиранија, туку ја манифестира до крајност, без „комплекси“. И таму каде што не мора. За да „разбие“ грст еко-активисти, крена кордон од скоро 400 полицајци, под полна опрема, со оклопни возила, водени топови.. Чиниш, ќе се бори со опасна терористичка наезда. Градот заличе на предвоена касаба, како нешто страшно да се случува, сообраќајниците се блокирани, граѓаните нервозни, никој не може никаде да стигне… Верувам дека има луѓе кои, под влијание на оваа чудна психоза, ги обновуваат своите залихи на брашно и масло. Никогаш не се знае…

Неизбежен е впечатокот дека таа колективна „неуроза“ е добро пресметана, плански генерирана, и на оваа власт од некои причини неопходна. И тоа, ако може да потрае и да биде што поспектакуларна. Иако фамозното паркче е „одбрането“ и прописно отарабено, опасните паркобранители успешно разбиени, полициската окупација не престанува. И натаму оклопните возила го кочат сообраќајот, кордоните будно ги чуваат тарабите од замислениот противник, сето граѓанство се држи на штрек. Зошто?

На друга страна, владата покажува неверојатно краток фитил во односите со соседите, па отвора и затвора трговски конфликти и за шницла коле вол. Прво со Србија, а веднаш потоа и со Косово. И тоа однесување, освен што е очигледно штетно, е многу чудно. Та нели имавме власт за која економскиот „бенефит“ и „се и сја“? Што е следно? Да му се налутат нешто на Субрата Рој и да го набркаат?

И оваа кавга со Косово упорно се држи „жешка“. Дури и се прави обид од неа да се направи забава за народ, спектакл. Нашиот вицепремиер ја предизвика јавно својата косовска колешка на тв-дуел, за народот да проценел кој е во право!? Небаре тоа е редовна практика во решавањето меѓудржавни трговски спорови. Од овие бизарни изјави, кои не доликуваат на сериозна држава, само едно е јасно – адресата на која е упатен целиот тој бесмислен спор треба да се бара негде овде – кај истиот тој народ и домашната јавност. Ним им се упатува пораката.

Оваа власт како да сака да покаже, повеќе себе си, отколку нам, дека сè уште ја има, дека сè уште ги држи дизгините, силна е и непопустлива, каква што си ја знаеме. Ти се чини, би дала суво злато да ѝ се случи некаков македонски Таксим, да види маса демонстранти како јуришаат на неа, а таа цврсто и непоколебливо се пресметува со неа, како што се пресмета и полицијата на Ердоган! Или, на друга страна, добро би и дошло некакво второ полувреме од конфликтот од 2001, во која таа, вака цврста и решителна, ќе ги исправи историските неправди.

Од каде е и зошто е ова петелење по секоја цена?

Психоаналитичарите би рекле дека на сцена е познатиот механизмот на емотивна компензација. Како кај родител кого го шиканираат на работа, а тој својот бес го истура дома врз своите деца. Надвор помал од маково зрно, дома се претвора во ѕвер. Според таа логика и ние може да ги бараме и да ги најдеме корените на оваа нарасната нервоза некаде „надвор“. Во случајов, тоа би биле надворешно-политичките проблеми со кои се соочува владата на Груевски. Видливо е дека нешто серизно се тркала околу спорот со Грција, дека притисокот врз него расте, и дека сето време што можеше да биде купено, одамна е купено и потрошено. Македонската политичка приказна мора да доживее некаков расплет. Опции нема многу, но ниту една од нив не и е во прилог на владата на Груевски, без разлика дали ќе има или ќе нема решение за дводеценискиот спор. И тоа му е јасно на Груевски. Дојдено е време да се плати цехот на досегашната негова политика, вака или онака. Првите знаци дека режимот е начнат веќе ги добивме во оној неочекуван пресврт кога беше отфрлен, па преку ноќ потпишан извештајот на комисијата за декемвриските настани. Потоа уследи и оваа посредничка иницијатива на Нимиц, која донесе нов товар, а наскоро ќе бидеме сведоци на расплетот на драмата со извештајот на Европската комисија и пристапниот дијалог со ЕУ. Многу работи се згуснуваат во една временска точка.

Дали оваа нервоза и фрустрацијата што ја доживува Груевски на надворешен план, просто ја истура внатре, врз своите „субјекти“, или пак е во потрага по некое спасоносно решение, некоја криза, која ќе ги поклопи и засени постоечките? По принципот, ако не можеш да решиш еден проблем, направи нов, поголем. Иако целата ситуација може да се смета за сигнал дека еден режим чувствува дека му се ближи крајот, нема причини за никакво задоволство и оптимизам. Таа состојба на брутализација на македонската политика може долго да трае, а излегувањето од неа да биде потешко и поболно од кога и да е. А познато е дека секоја ѕверка, па и политичката, е многу е поопасна и понепредвидлива, кога е ранета. Господ нека и е на помош на Македонија. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.