Рамбо Амадеус: да имавме Фејсбук во 1991, војната немаше да ни се случи
Зошто не би имало војна ако имавме Фејсбук во почетокот на деведесетите? Дали постојан наследници на Мојсеј, Кирил и методиј кои ќе положуваат авторски права на буквите и Божјите заповеди? Дали светот ќе се извлече од жабјарникот во кој сам се втурна?
Господине Пушиќ, колку е битен Демофест за младите изведувачи. Во смисла дека им е обезбедена концертна сцена, и што е најбитно, да настапуваат пред голем број луѓе?
Битен е во смисла дека ги одвојува младите од улицата и поради тоа што младите се посветени на нешто. Битно е да седат, вежбаат, свират, креираат нешто сами. Едноставно, една армија од деца свири. Свирењето е племенито, без оглед дали човекот професионално ќе се занимава со музика подоцна или не. Во тој период на свирење секој развива и логички операции во мозокот, ја зголемува моториката и неспорно влијае на квалитетот на човечкиот живот.
Слободно можам да кажам дека вие сте ‘повеќедимензионална личност’ што и да значи тоа. Зошто го велам тоа? Вие сте амбасадор на UNICEF. Што тоа конкретно во вашиот случај подразбира?
Па еве, баш ова. Кога и да седнам да правам некое интервју, некој го споменува тоа и тогаш се зборува за UNICEF и неговите програми многу повеќе отколку што инаку би се зборувало да не сум јас дел од тоа. Еве конкретно, се работи за неколку програми на Балканот. Првата беше за насилството дома. За тоа уште не се зборува, тоа е табу тема но познато е според сите светски статистики дека во семејството има најмногу насилство.
Вие рековте дека семејството ја индуцира и ја создава иднината на единката. Од добар човек до криминалец. Генетските предиспозиции се помалку битни.
Никој не е генетски предодреден за најголем дел од работите. Значи, се се развива во еден амбиент. Вие, теоретски, ако земете два браќа близнаци, од еден можете да направите криминалец, а од другиот научник. Задачата на UNICEF е да ја стимулира секоја држава да направи таков систем кој ќе го извлече од сите деца најдоброто можно од нивниот поетенцијал.
Ја спомнавме државата. Јас не можам да поминам преку тоа, а да не ве прашам за ваше мислење поврзано со денешниот неолиберален капитализам, пазарот и воопшто капитал – односите, кои наголемо ги преминуваат и излегуваат надвор од државните граници. Како гледате на човекот во бодријаровска смисла кој живее живот како пазарен спектакл?
Славој Жижек кажа една битна мисла пред некое време. Тој вели дека демократијата е добра но дека капитализмот не е добар. Работата е многу логична. Не можеме ние да очекуваме од капитализмот, од капиталот, кој има една единствена задача, а тоа е да се зголемува, да ги реши растечките еколошки проблеми во светот. Едноставно, капиталот се однесува како некој крокодил. Тој голта се потполно некритички и ги јади сите ресурси. Во принцип, нужноста од командна економија е се поголема.
Може ли ова да го поткрепите со не некаков пример?
Па, еве ви еден одличен пример за таа командна економија. Кога се движите низ Босна, Србија, Македонија, Хрватска … сите тие социјално – економски наивни земји … кога ќе стигнете на бензинска пумпа, најнормално можете да купите “Милка” чоколада, “Нестле”, “Кока Кола” … Ретко можете, а ги има, да најдете некаков домашен производител. Кога ќе влезете во Шведска на бензинска пумпа, прво гледате шведска чоколада, која како домашен производ е доминантна. Зб орувам за заштита на домашните производи која апсолутно не постои на овие подрачја. Значи, се поставува прашањето како и со кој механизам вие во Шведска на бензинска пумпа можете да купите само шведска чоколада? Во таа смисла, јас би сакал да го дочекам тоа и кај нас.
Спомнавте една многу битна работа неодамна. Станува збор за уништените и истрошените ресурси од страна на глобалниот капитализам. На капиталот му остана да го присвои воздухот и водата, и тој тоа го прави.
Па да. Еве Бундестагот ја погази повелбата на Обединетите Нации и изгласа дека водата повеќе не е основно човеково право, а како што ми се чини, наскоро истиот случај ќе биде и со воздухот. Па погледнете само во Кина во најголемите индустриски градови, веќе постои потреба да се воведе гасовод кој ќе ги снабдва стамбените единици со чист воздух. Значи, тоа многу брзо ќе се наплатува. Повелбата на Обединетите Нации ќе стане небитна.
Како е можно сивата мозочна маса на ниво на планетата Земја да биде толку инфантилна и инфериорна на сите глобални случувања?
Па затоа што општеството секогаш се однесува како најглупав поединец. Затоа и еволуцијата е спора. Кога општеството би се однесувало како најинтелегентен поединец ние одамна би се населиле на егзопланети кои се слични со Земјата и кои имаат услови за живот. Меѓутоа, велам, општеството се однесува како најглупав поединец, па иако поминаа 100 илјади години од кога завладеавме со првите алатки, не се поместивме многу од пештерскиот човек.
Тоа се поразителни факти. Но сега се сетив на една ваша изјава за просветениот апсолутизам. Дали само општеството мора да воведува некои радикални системи на управување над таа маса од единки, со цел тоа самото да се издигне на повисок стадиум?
Јас многу размислував за тоа и мислам дека било каков облик на диктатура доведе до искривена логика. Па погледнете брутален пример. Претседателот на Северна Кореја ја уверува својата нација дека тие влегле во финале на Мундијалот. Значи, демократијата, сепак, за сега, без оглед што има свои недостатоци, е најдобар облик на општествено уредување. Многу подобро е луѓето да гласаат за различни партии, отколку да се тепаат по кафани и да војуваат. Она што во сето тоа е лошо е дека демократската процедура е направена така што еден добро дресиран мајмун може да заокружи некого на изборниот лист.
Вие по тој повод дадовте дури и еден креативен предлог – како да се гласа во ова време и на овие простори?
Па секако. За почеток би било доволно, за некој прв период, оној кој излегува на изборите да го запише името на кандидатот за кој сака да гласа, името на партијата и името на државата во која сака да живее. Бидејќи, елементарната логика вели дека оној кој не е во состојба да го направи тоа, не е во состојба ниту да одлучува во своја корист. Тој гласа спротивно од својата корист, бидејќе не може да ја антиципира реалноста, не може да ги согледа работите. Во таа смисла ние имаме апсурд дека партиите главно се додворуваат на тој дел од некритичката маса. Оние на бранот на таа некритичка маса доаѓаат на власт и демократијата се претвора во диктатура на глупавите.
Кога сме кај антиципацијата на реалноста, во последните десетина години се случи најголемата миграција во историјата на човештвото. Имено, голем број луѓе, кој се мери во стотици милиони, па дури и милијарда, од реалното се преселија во виртуелни светови. Колку денешните балкнаски политичари се свесни за тоа? И на крај, колку родителите на сите овие деца се свесни дека најголем дел од времето го поминуваат на социјалните мрежи во виртуелни светови? Колку тој свет на конец може да се употреби или злоупотреби?
Политичарите се сосема свесни. Тие секое утро го проверуваат својот Фејсбук, Твитер и тоа колку лајкови имаат. Тие многу вешто се прилагодија на сето тоа. Родителите сосема заостануваат во целата таа приказна. Од друга страна, факт е дека човештвото доби нова алатка. Луѓето како китови комуницираат меѓу себа од едниот до другиот крај на планетата и тоа сосем бесплатно. Тоа е, вела, една сосема нова алтка во еволутивна смисла и е сосема допадлива, корисна, пристапна, ефтина и практично ја менува и човековата психа. Јас тврдам, да имавме Фејсбук во 1991 војната не би ни се случила. Информациите би им биле достапни на сите во истиот момент и луѓето би можеле да ја препознаат воената пропаганда која ги залажувала луѓето и им будела страв и агресија.
Забележително е дека неолибералниот капитализам успева дури и на ‘слободно мислечките интелектуалци’ на денешницата, кои и да се тие да им става етикети и да ги претвора во производи. При тоа конкретно мислам на Славој Жижек. Друг пример е Наоми Клајн, која навистина напиша добра книга “No logo”, но истото тоа име е заштетено во однос на авторските права. Така, апсурдно, “No logo” стана баш лого, од кое се живее.
Прашање на време е кога ќе се појават ‘наследници’ на Кирил и Методиј да бараат права од секоја напишана буквља, прашање е која ќе се појават наследници на Мојсеј да бараат процент од секоја божја заповед, од типот кога ќе го сакаш својот ближен, да мораш да платиш процент. Изгледа дека таа апсурдност ќе мора уште да се дотера, да се судри со логиката, да се заостри, за да работите станат неподносливи. Денес светот сеуште е во границите на подносливоста. Животниот век на човекот се продолжи, општиот квалитет на живот се подобри, но она што сигурно 100% ќе го промени светот се социјалните мрежи. Конечно, да сум јас на место на сопственикот на неолибералниот капитализам, ги го ограничил сообраќајот на социјалните мрежи бидејќи од таму би ми доаѓала најголемата опасност.
Имате ли примери за демократичност и позитивно делување на мрежите?
Еве овие денови видовцелосно нова работа на Фејсбук. Фотографија на млада израелка и млад човек од Палестинец. На нејзиното пано пишува “Ми даваат пари да се преселам во земјата на мојот пријател”, а на неговото пано пишува “Не ми дозволуваат да живеам во својата земја”. Тие двајца се пријатели и се сликале заедно. Таа фотографија ќе ја видат милиони луѓе. Значи социјалните мрежи се вистинскиот и единствен извор на демократско општество каде луѓето можат да ги излагаат работите без никаква цензура.
Но каква е иднината на тој виртуелен свет?
Работата може да се развива во два правци. Или од таму ќе се роди нов квалитет ицелото глобално општество ќе се преструктурира соодветно на новиот пораст на свеста и самосвеста или не очекува воведување на драстична цензура на интернет, конкретно на социјалните мрежи.
Но, на некој начин, дијалектичка е потребата според која се менува историјата да се менуваат и општествените системи, низ целата историја на човештвото. Само прашање е, колку долго ние ќе чекаме на таа нужност и дали и самите ќе поработиме на неа.
Па 3 дена пред да се распадне Советскиот Сојуз, милевме дека не е можно. 3 дена пред да падне Берлинскиот зид, за нас тоа беше невозможно. 3 дена пред распадот на Римското царство за некои таму тоа било невозможно … Просто, за луѓето е невозможно да видат некоја голема општествена промена. Па зошто тоа би било невозможно? Зошто би било невозможно целиот тој капитал да не стане средство во службана развојот, а не на уништувањето на планетата?!
Извор: 6yka.com
Превод: Попова