Први и единствени во Европа!

Нашите драги властодршсци, татковците и мајките на нацијата, честопати безуспешно се обидуваат да не убедат дека секој ден и во секој поглед, напредуваме. Дека, без оглед на тоа што го зборуваат клетите „чпиони”, „предавници”, „платеници” и „соросоиди”, храбро грабиме напред и рушиме рекорди, дали во „дуинг бизнис” т.е економијата, во вработувањето, здравството, образованието, екологијата, слободата на изразување.

И навистина е така. По многу нешта, за време на ова речиси децениско владеење, ние достигнавме височини на кои никогаш не сме се надевале. Не ми верувате? Е, па, како што би рекла Силванева, со лага не бидува ага. Затоа да почнеме по ред, а како што е редот во новинарството (а не курирството), ќе почнеме од најактуелните работи.

Ние сме први и единствени од земјите во Европа по тоа што надоместокот за патни трошоци за доаѓање на работа на некои пратеници во Собранието ги надминува нивните плати. Ако не ми верувате, прашајте ја Силванева. Или бившиот металец и новопечен бардовчанец од Кичево. Тој е шетан човек, бил на Запад, дури до Германија. И пошто му недостига шетањето, по се изгледа сè уште од Бардовци до Собранието патува преку Кичево, барем така велат бројките кои се слеваат во неговиот џеб. И немојте да мислите дека во други земји политичарите не крадат од граѓаните. Крадат, ама не толку апла. За тие пари што некои ги лапнале за патни трошоци и амортизација, се купува пристојна нова кола, а од кусурот се полни гориво не за две, туку за повеќе години.

И така, додека Силванева инкасирала 23.000 евра оти многу се потрошила патувајќи од Струмица до Скопје, Македонија во Обединетите нации го изгуби правото на глас поради долг, во износ кој е помал од оној што Силванева го брцнала во својот џеб. И по тој куриозитет, сме моментално единствени, први во Европа, а рамо до рамо со јаката конкуренција од други континенти, како братска Руанда, Сомалија, или егзотичното островче Тонга.

Кога сме кај актуелностите, деновиве во Македонија ја посети Мартин Ромер, првиот човек на Европската федерација на наставници. “Нема такво нешто никаде во Европа – при штрајк да се носат заменски наставници….Македонија изготви уникатен модел за казнување. Мене ме радуваат иновациите, но ова е несреќен нов изум. Ако си наставник во Македонија, од старт можеш да очекуваш дека ќе си казнет или дека ќе ти биде запрен дел од платата. Никаде во Европа нема пример наставниците да плаќаат за да одат на работа”, ете така, Ромер ни откри дека сме први во Европа уште по две работи. Што да кажеме, освен – аирлија!

Уште нешто што е актуелно. Воздухот. Веќе неколку недели, Скопје е најзагадениот главен град во Европа. А Тетово – најзагадениот град. Уште две први места. Рамковно, што би се рекло. За да не се лутат ниту Албанците, ниту Македонците, а богами ни останатите заедници. Сите сме „бољи”. Од цела Европа.

Секако, да не ја заборавиме невработеноста и платите. И таму сме први и единствени на континентот. Имама најневработена младина. Имаме и најлошо здравство. Единствени сме и по тоа што власта, иако ги има сите инструменти на силата и законот во свои раце, од обвинителство преку суд до полиција, ја обвинува опозицијата за наводен криминал на партиски прес-конференции, и организира протести и јавни настапи на задоволни невработени, на родители задоволни од измачувањето на нивните деца, на наставници задоволни од нивните казни. И, секако, ние сме единствена земја во Европа каде што новинар е осуден на казна затвор за наводно откривање на заштитен сведок.

Убавини, нели? Само едно нешто ме чуди. Како е возможно, за сите овие први места да не се направи еден дочек на шампионите, како што личи, со дефиле под портата на Николае (мој нов латински израз за нашиот Калигула, се себецензурирам поради етичката инквизиција и лингвистичката полиција) или фешта под тестисите на Букефал? Што народ ќе бевме бре, славиме и организираме пречеци за четврти и пети места во Европа, а за шампионите – ништо? Затоа, ве прашувам и предлагам, штом веќе не им организиравме достојни пречеци на шампионите, да не случајно сте на ниет да им организираме едно заедничко и свечено испраќање – во историјата и легендите? Мислам дека, по сите овие успеси, макотрпни патувања, роуд шоуа и други циркуси, барем толку – заслужиле.

Извор ПЛУСИНФО

Leave a Reply

Your email address will not be published.